КАТИН
Преку информативните гласила во новите средини Македонците ги збогатуваат своите национални вредности со помош на културните институции во новите средини и на тој начин го збогатуваат мозаикот на мултинационалните култури во новите средини во иселеништвото, меѓу кои се следните:
15. “Информативен документ” (1973). Ова е специјално издание на Македонската православна општина за Мелбурн и Викторија. Отпечатено е на 12 страници, на македонски со кирилица, на формат 28 х 42 см., во Мелбурн, во декември 1973 година, а го уредиле членови на МПЦО “Св. Ѓорѓи”. Всушност, ова информативно гласило е збир на документи во врска со поделеноста во македонската колонија во Мелбурн. На насловната страница е поместена фотографија од св. Климент Охридски и голем број пароли со патриотски карактер.
Исто така, во овој број на “Информативен документ” е поместен опширен текст во врска со Проект-текстот на Уставот на Македонската православна црква, во кој во точката 23 стои: “Секој православен христијанин кој ќе биде признат како таков, како член припаѓа на оваа парохија на чие подрачје живее. Парохијанин кој не е државјанин на СР Макецонија може да биде избран во органите и телата на Македонската православна црква само по посебна одлука.
16. “Билтен” (1973). Овој “Билтен” е издаден од Македонската православна црква “Св. Пророк Илија” од Фуцкрај, а по повод македонскиот пикник одржан на 22 декември 1973 година во гисоборн. “Билтенот” е печатен на 4 страници (12 х 33 см.) и содржи опширни информации и други текстови за одржувањето на Македонскиот пикник.
Втората и третата страница се резервирани за активностите на црковната управа “Свети Пророк Илија”, односно културно-забавниот живот и идните планови за работата и за црковно-национални активности.
17. “Македонски живот” (1974-1975). Гласилото за првпат се појави во Престон, Викторија, во април 1974 година како месечник, а како весник на Макецонците во Австралија. Тој е орган на македонските православни црковни општини “Св. Илија” од Фуцкрај и “Св. Никола” од Престон. Во почетокот весникот е печатен на македонски јазик со латиница, а потоа со кирилица, секој 15-ти во месецот, на 12 страници, на формат 30 х 41 см.
Во втората година од печатењето на весникот “Македонски живот” како вонредно издание за 1975 година се појавил бројот десет. Тој е печатен на 1 јануари и е посветен на свеченото отворање на МПЦ “Св. Илија” во Фуцкрај, на чија манифестација присуствувале околу 1.500 души.
18. “Македонски општински весник” (1975-1976). Ова издание на Македонската општина од Перт, Западна Австралија е регистрирано како периодично издание. Првиот пброј е отпечатен како двоброј за април-мај 1975 година, чија цена е 5 центи. тој е отпечатен на 4 страници на голем формат 30 х 45 см. во компанијата “Сервис принтинг”, а главен и одговорен уредник е Крис Ангелковски.
Вториот број на “Македонски општински весник” е отпечатен во август 1975 година, на ист формат, а на 8 страници.
Како двоброј за април-мај 1976 година е отпечатен бројот четири, кој е последен број од весникот. Тој го задржува истиот формат, и е печатен на 6 страници.
19. “Илинденски весник” (1975-1980). “Илинденски весник” беше гласило на Македонско-австралиското културно-уметничко друштво “Илинден” од рокдеил, а започна да се печати во јули 1975 година. Првиот број излење по повод илинденските празници. тој ;е печатен на македонски јазик со латиница и на англиски јазик. Првиот број од овој весник е печатен на 24 страници, голем формат 20 х 43 см., што го задржа и во наредните броеви.
Вториот број од “Илинденски весник” е отпечатен во октомври 1975 година, на голем формат, 29 х 43 см со латиница и на 24 страници. Бројот 14 датира од април 1980 година, а е отпечатен на 16 страници. Тој е исполнет со текстови од други гласила и со мал број информации за активностите од македонските заедници. Се чини овој е последен број на “Македонски весник” од Сиднеј.
20. “Приказ за македонското национално прашање” (1975). Ова е специјално издание на Централниот комитет на Движењето за ослободување и обединување на Македонија (ДООМ) и на весникот “Македонска нација”. тое е печатено во декември 1975 година на англиски јазик, на 24 страници во форма на списание 21 – 29 см.
21. “Билтен” (1975-1976). Тој е орган на МПЦО за Мелбурн и Викторија “Св. Ѓорѓи”. Се печати на македонски јазик со латинично писмо, на четири страници на формат 21 х 31 см. Првиот број се појави во 1975 година, по повод Новата 1976 година и Божиќ, во кој е поместена честитката од Управата на црквата.
Наредната година, 1976, пред новогодишните и божиќните празници, а по повод првата богослужба во манастирот “Св. Климент Охридски” одржана на 2 јануари 1977 година, отпечатен е уште еден број на “Билтенот”. На тој ден, се вели во ова гласило,; се планира да се одржи сенароден пикник на кој се поканети сите Македонци од тој дел на демократска Австралија, а изградбата на манастирот, како што е назначено, е дело на сите благочестиви Македонци, за што им се изразува благодарност.
Прололжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН