Станува збор за редовен годишен состанок со резидентни амбасадори, на којшто, заедно со премиерот Ковачевски, денеска присуствуваа и Артан Груби, првиот заменик на претседателот на Владата, Славица Грковска, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економски ресори и инвестиции, Бојан Маричиќ, заменик на претседателот на Владата за европски прашања и Бујар Османи, министер за надворешни работи, соопшти владината прес-служба.
– Отворени сме како Влада да ги зајакнеме капацитетите на Владата и да го зголемиме парламентарното мнозинство. Наши стратешки партнери се ЕУ и САД и ќе продолжиме да ја развиваме државата во таа насока, којашто носи сигурност и квалитетен живот на граѓаните, со фокус и кон сите реформи и во делот на владеењето на правото. Ние сме граѓанска држава, успешен пример на функционална, мултиетничка демократија, држава на рамноправни граѓани, со еднакви права и обврски и во тоа е нашата големина и вредност. Ќе продолжиме по патот напред, притоа, со категорична заштита на идентитетските одредници и на достоинството на граѓаните, истакнал премиерот Ковачевски.
– Избрани сме да водиме, Република Сверена Македонија го заслужува членството во Европската Унија, тоа е иднината на државата и ќе продолжиме да ја развиваме по европскиот пат, кажал вицепремиерот Груби.
Во дискусијата, од страна на владините претставници е оценето дека се реалност заканите од растечки национализам за лични и туѓи интереси во државите од Западен Балкан, поради што е неопходно да продолжи проширувањето на Европската Унија.
На состанокот е потенциран позитивниот тек на скрининг-процесот, со очекување дека фокусот при вреднувањето останува на примената на европските стандарди и европските вредности.