Османи – Ауреску: ЕУ-членството е најдобра гаранција за растечките закани

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска телефонски разговарал со шефот на романската дипломатија Богдан Ауреску.

Во фокусот на разговорот биле билатералните односи и соработка меѓу двете држави, пристапниот процес за членство на Северна Македонија во ЕУ и романската поддршка во тој контекст.

– Романија во континуитет дава цврста поддршка на заокружувањето на европската агенда на Северна Македонија и останатите земји од Западен Балкан, како едно од клучните приоритети на својата надворешна политика, изјавил Османи за време на разговорот, подвлекувајќи ја важноста на што поскоро завршување на тој процес, како најдобра гаранција за растечките закани по европскиот континент.

Како што се наведува во соопштението од МНР, беше нагласено дека руската агресија длабоко ги променила геополитичките околности, а со тоа и потребата од суштинска координација во рамките на регионалните и меѓународни механизми на соработка.

Соговорниците размениле мислења за тековните активности и приоритетите на Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ, САД-Јадранската повелба, како и претстојното претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, кое започнува во јули, и каде членува и Романија.

Министрите разговарале и за начините како да се унапреди економската соработка, која заостанува во однос на многу добрите политички односи. Минатата година Романија била 13-ти најголем трговски партнер на Северна Македонија.