Албанија бара повеќе докази за идентификување на запленетите икони од Македонија

Министерото за култура на Албанија побарало од нашето Министерство повеќе информации, спецификација и фотоматеријали за да ги идентификуваат иконите што Македонија ги бара од Албанија, соопшти министерот Роберт Алаѓозовски во врска со иконите што албанските надлежни органи ги имаат запленето во постапка за спречување нелегална трговија со вредни културни артефакти.

– Иако ние упативме  доста детали, тие ја бараат оваа дополнителна фактографија и нашите служби веќе постапуваат да им ги испратат. Од министерката за култура на Албанија добив уверување дека тие немаат ништо против да ги вратат назад предметите, само сакаат целосно да ја испочитуваат процедурата и да бидат целосно сигурни дека она што од нас е побарано одговара и е идентификувано во збирката на икони што ја поседуваат во овој случај, рече Алаѓозовски денеска во Националниот конзерваторски центар каде што беше предадена техничка опрема донирана од турската агенција ТИКА.