Во 2022 Северна Македонија и Србија со „историски“ добри односи

Она што беше значајно за Србија во 2022 година се априлските избори на сите нивоа со кои се потврди повеќегодишната доминација на власта на Александар Вучиќ и неговата Српска напредна странка (СНС), изборот на нова Влада на чело со Ана Брнабиќ, влијанието на руската агресија врз Украина и одбивањето на Србија да се приклучи кон санкциите на ЕУ, што влијаеше врз енергетската криза и евроинтегративните процеси, како и Бриселскиот дијалог со Косово за нормализирање на односите кој кон крајот на годината колабираше, со енигматскиот француско-германски предлог и подигање на борбената готовност на вооружените сили кон Косово, ситуација која ќе ги услови смерниците на Србија и во 2023 година.

Оценка за односите на Србија и Северна Македонија во 2022 ги даде самиот претседател Вучиќ како „најдобри односи во историјата“, на што влијаеа динамиката на Отворен Балкан со потпишување бројни договори, зголемување на економската соработка, извозот на српско млеко, брашно, храна и покрај забраната за други држави, затворањето на единственото отворено прашање –црковното прашање со признавањето на МПЦ-ОА од страна на СПЦ и заедничките литургии, заедничкото чествување на АСНОМ во Прохор Пчински, заедничката соработка во решавањето на енергетската криза.

-И кога имавме одредени проблеми, бевме секогаш блиски, а денес сме најблиски и повеќе немаме ниту едно отврено прашање и горд сум што можам да кажам дека имаме најдобри односи во историјата и верувам дека ќе бидеме умни така и да ги одржиме со децении, изјави Вучиќ на самитот Отворен Балкан во Белград.

Епитетот „историски“ првпат го употреби шефот на српската дипломатија, Никола Селаковиќ во февруари во Скопје на заедничката прес-конференција со Бујар Османи.

–Констатиравме со посебно задоволство дека во 2021 година нашата економско-трговска размена достигнала нешто што е историско ниво, милијарда и 120 милиони евра и со тоа го надминавме нивото на размена од периодот пред пандемијата со Ковид-19. Нашиот извоз во Република Северна Македонија стигна до историско ниво од 815 милиони евра, а увозот од Северна Македонија во Србија е зголемен за 41,7 отсто. Нашата вкупна економска размена е зголемена за 30,4 отсто и уверени сме дека со натамошното спроведување на иницијативата Отворен Балкан што го гледаме како голема шанса за регионот, нашата трговска и економска размена ќе продолжи да расте, рече Селаковиќ.

Соработката преку Отворен Балкан продолжи да ги продлабочува економските и политички односи меѓу Северна Македонија и Србија и на јунскиот Самит во Охрид со потпишувањето договор со којшто се олеснува меѓусебното признавање на дипломите и научните степени, издадени од високообразовни институции и други овластени институции во трите земји на Отворен Балкан.

–Денеска во Охрид, сакам на нашите домаќини, на браќата и сестри Македонци, да им кажам дека ние од Србија ништо не бараме, од никого, ниту од Северна Македонија, само сакаме да имаме братски и пријателски односи и на нас секогаш може да сметате, изјави Вучиќ на јунскиот самит во Охрид.

Во рамките на инструментите што ги нуди Отвoрен Балкан, во март во Белград министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски со министер за земјоделство Бранислав Недимовиќ постигна договор за тргање на забраната за извоз од Србија во Северна Македонија на пченица, пченка, брашно, масло за јадење,

за да потоа српската влада донесе и одлука за тргање на забраната, само за Северна Македонија и Албанија, за извоз на сурово и пастеризирано млеко.

Во септември во Белград се одржа нов Самит на Отворен Балкан и првиот голем саем на ОБ-Винска визија со над 400 производители на вино и храна од над 22 земји, на кој имаше рекордни 42 винарии од Северна Македонија, како и Македонска вечер на која покрај лидерите од регионот беа и голем број бизнисмени.

На политичкиот дел на Самитот ОБ, Вучиќ им честита на Северна Македонија и Албанија на почетокот на преговорите со ЕУ на што Србија помогна во остварување на таа цел (координација и задничката прес конференција во Брисел) и изрази надеж дека Иницијативата ОБ и понатаму ќе допринесе на економското јакнење и поврзување, „да говориме во регионот заедно со еден глас кога се работи за клучни прашања“.

Премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на лидерскиот Самит истакна дека „денес е повеќе од јасно дека Северна Македонија, Албанија и Србија со инцијативата Отворен Балкан го направија вистинскиот чекор во клучен момент“.

На Самитот беа попишани договори за механизмите за обезбедување на храна во Западен Балкан, Меморандум за разбирање и соработка во областа на кинематографијата и аудиовизуелните дејности и Оперативен план во областа на цивилната заштита.

Во бројните билатерални средби, вицепремеирот за европски прашања Бојан Маричиќ најави потпишување на Меморандум за соработка со Србија за евроинтеграциите, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска потпиша Програма за соработка меѓу Министерството за култура на Северна Македонија и Министерството за култура и информирање на Србија за периодот од 2022 до 2025 година.

Министерот за економија Крешник Бектеши со министерката за рударство и енергетика, Зорана Михајловиќ разговараше за соработката меѓу двете министерства во областа на енергетиката, енергетската безбедност и за нови проекти, а Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски со министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Томислав Момировиќ разговараше за заеднички инфраструктурни проекти и за електронска наплата на патарина на автопатиштата на земјите членки на ОБ.

На прес-конференцијата по Самитот тројцата лидери порачаа дека „не чека тешка зима, но затоа потпишавме повеќе договори заедно да ја пребродиме“.

А пребродувањето на „тешката зима“ започна уште во мај во Александропули во Грција на почетокот на работите за изградба на терминал за течен природен гас кога Вучиќ порача дека изградбата на ЛНГ терминалот е голем и важен настан за целиот Балкан и дека Србија треба гасно да се поврзе со Северна Македонија…и дека „ќе треба да се направи нешто за да се поврзе и со Северна Македонија и дека таму мора да се направат многу работи“.

Нешто повеќе за идната енергетска сорботка на двете држави Вучиќ кажа во октомври за време на обиколката на работите на изградбата на гасниот интерконектор Ниш – Димитровград со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека Србија ќе изгради гасна конекција со Северна Македонија, што ќе чини над 70 милиони евра, што ќе биде важно за диверзификација на изворите за снабдување со гас.

– Господине претседателе, вие ми објаснивте дека тоа е многу важно, а тоа е изградбата на гасен интерконектор меѓу Србија и Северна Македонија, со што регионот ќе се комплетира. Сето тоа е во нашите проекти, изјави Фон дер Лајен.

Вучиќ на претседателката на Еврокомисијата и пренесе дека за Србија е многу важна оваа интерконекција и дека треба да се изградат околу 70 километри гасовод кон Северна Македонија од српска страна, а земјава да изгради уште 23 километри.

– Јас молам за овој проект, кај комесарот Оливер Вархеји и претседателката на ЕК, Урсула, веќе го прифатиле со Северна Македонија. Многу ни е важно со ова да стартуваме што поскоро, бидејќи денес во Скопје постои гасна електрана и ние и да имаме гас, не можеме директно да одиме со Македонците, туку преку Бугарија, па комплетен реверсен дел да правиме со нив и сето ова ни е многу важно, изјави Вучиќ.

Во ноември премиерот Димитар Ковачевски и претседателот Александар Вучиќ во Белград потврдија дека двете земји се многу поблиску до решение од она што беа на почетокот во преговорите за искористување на вишоците на природен гас на Србија за потребите на нашата гасна централа (ТеТо) за производство на електрична енергија.

Покрај гасното поврзување, во 2022 година почнаа разговори и за изградба на нафтовод до Северна Македонија и пристаништето Драч во Албанија, „за да ја премрежиме нашата земја со нафтовод, за што ќе започнеме брзи разговари со нашите партнери од Отворен Балкан и регионот“, рече Вучиќ.

Нов импулс 2022 година во инфраструктурното поврзување на двете држави даде и најавата на проектот за реконструкција на пругата Ниш-Прешево-Северна Македонија за возови со голема брзина во должина од 92 километри како дел од проектот за модернизација на коридорот Белград-Ниш-Прешево.

Епитетот „историска“ 2022 година ќе го има и поради затворањето на единственото отворено прашање –црковното прашање со признавањето на МПЦ-ОА од СПЦ и заедничките литургии на двете цркви.

На почетокот на мај во Белград на заседанието на Светиот архиерејски синод на СПЦ беше донесена едногласна одлука за прифаќање на автокефалноста на МПЦ, по што на 9 мај во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски и македонски Стефан служеа архијерејска литургија за воспоставување „литургиско и канонско општење на двете сетрински цркви“, односно литургија на помирувањето.

По заедничката литургија на МПЦ и СПЦ во Скопје, патријархот Порфириј ја соопшти одлуката на Соборот, кој „едногласно и еднодушно излезе во пресрет на барањата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија“ и ја прифати нејзината автокефалност. На 5 јуни патријархот Порфириј му врачи акт на поглаварот на МПЦ-ОА, г.г Стефан, со кој се потврдува одлуката на СПЦ, која беше објавена на 24 мај по сослужувањето на заедничка литургија во Соборниот храм во Скопје, со која СПЦ ја одобри и упати благослов за автокефалноста на МПЦ – ОА, ставајќи крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.

-Денеска по благодата Божја имаме прилика да го овенчаме тоа што веќе постои меѓу нас, а тоа е единството, кое во еден период беше нарушено, но е воспоставено во духот на Црквата, а тоа е Македонската црква – Охридската архиепископија дека има не само услови потребни да се организира во контекст на автокефална црква и дека тоа е најдобар можен начин и метод за животот на нашите православи браќа и сестри во Северна Македонија. Затоа она што веќе го реализиравме преку служењето на литургија во Скопје, денеска чувствуваме и јавно пред сите да го објавиме документот, кој се нарекува томос, изјави Порфириј по литургијата во Белград.

Овој истористи исчекор меѓу двете цркви, држави и народи вроди со плод, по 18 години пауза, политички да се „издејствува“ одбележувањето на Илинден во манастирот „Св. Прохор Пчински“ од претседателот Стево Пендаровски откако доби „благослов од српскиот Патријарх Иринеј и поддршка од претседателот Александар Вучиќ“, а го потврди и министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ, кој ја предводеше српската државно-црковна делегација во Прохор Пчински.

Откривањето на спомен-плочата посветена на одржувањето на АСНОМ од страна на српските власти и одржувањето на заедничката литургија на владиците на СПЦ и МПЦ-ОА, го навестија она што од таму го порача претседателот Стево Пендаровски, дека тоа ќе биде камен-темелник на новите односи и оти ако не се почитуваат нашите и српските свети места од минатото, нема да имаме никаква иднина во билатералните односи.

-Ова е местото каде што е формирана современата македонска држава. Од различни причини не можевме да дојдеме тука и на ова место тука да го прославиме тој празник, па правевме некакви алтернативни, паралелни прослави во близина, но не и овде, каде што е навистина одржано историското заседание на АСНОМ. Јас се надевам дека ова е почеток на една добра традиција, во која 2 Август, ова е нашиот втор Илинден, ќе го прославуваме тука, и од тука натаму, како велат старите, со сите нишани ќе доаѓаме да одадеме почит на оние кои ја формирале македонската држава во 1944 година, изјави претседателот Пендаровски.

Историски добрите односи меѓу Србија и Северна Македонија, останува во 2023 година да се надградат со уште две значајни работи-конечното отварање на Културно-информативните центри во Белград и Скопје и по 30 годишна пауза отварањето на Лекторат за македонски јазик во Белград, што како потреба соодвестува на „историските“ односи меѓу македонскиот и српскиот народ.