Поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и лидерот на ДУИ Али Ахмети во октомври 2011. искористувајќи ги своите овластувања како претседатели на политички партии се договориле да го стопираат пописот на населението и да ги сокријат неповолните факти за демографската структура на населението.
Ова се наведува во истрагата, која вчера ја објави Специјалното јавно обвинителство, а која се води под името „Попис“.
Со тоа Ахмети и Груевски нанеле штета на Буџетот во износ од 175.123.909 денари.
– Постои основано сомнение дека со цел како владејачка коалиција да го сокријат фактот дека немаат политички капацитет за да организираат реален попис на населението, домаќинствата и становите во РМ, како и да ги сокријат неповолните факти за демографската и економска состојба на населението во државата, што резултирало со огромно иселување на работоспособното население во Република Македонија, го стопирале пописот, изјави обвинителката Фатиме Фетаи.
Со цел да ја избегнат одговорноста, за која како што посочи Фетаи од разговорите се покажува дека биле свесни, се договориле причините за стопирање на пописот во јавноста да ги презентираат како проблеми од технички карактер и некадарност на Државната пописна комисија.
Специјалното јавно обвинителство вчера објави три нови истраги против 25 физички и четири правни лица за кривични дела злоуптореба на службена должност, измама и перење пари.
Вториот случај за кој СЈО покрена истражна постапка е насловен „Моќник“ и се однесува за пратеник кој бил многу влијателен во времето кога се случил настанот, неговиот татко и тогашниот градоначалник на општина Македонски Брод.
Како што истакна обвинителката Фатиме Фетаи, пратеникот го навел градоначалникот да го изманипулира Советот на општина Македонски Брод и на неговиот татко да му го продаде објекот во село Ижиште во кое била сместена општина Пласница. Тој ги изманипулирал советниците и им рекол дека му е даден на 30-годишна концесија на таткото на пратеникот и дека сака да отвори таму приватен бизнис. Се стекнал со противправна имотна вредност од милион 795.800 денари,
Третиот случај е наречен „Актор“ и се однесува за фаворирање на грчката компанија „Актор“ за изградба на автопат Демир Капија – Смоквица иако, како што кажа Фетаи, подобра понуда имала италијанската компанија „Тото“.
Тогашниот премиер му наложил на тогашниот министер за транспорт и врски да ја елиминира италијанската компанија бидејќи, како што рекол, неа во Македонија ја застапуваат комуњари и да ја даде изведбата на автопатот на грчки „Актор“. На овој начин се испрани 31 милион 856.811 евра во период од 2012 до 2016 година.