Во ова време на безбедносни предизвици, започнува и една нова ера на уште поголема меѓусебна почит и уште посилна меѓусебна соработка. Ние мораме заеднички и здружено да развиваме општества отпорни на секаков вид надворешни влијанија и закани. САД – Јадранската повелба е одлична регионална платформа за соработка од која најголема корист имаат сите наши граѓани“, истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска на министерскиот состанок на Групата А5, кој се одржува во Будва, Црна Гора.
Петровска порача дека имајќи ги предвид безбедносните предизвици, особено сајбер и хибридните закани, како и штетното влијание на дезинформациите, земјите од регионот мора да работат заедно, зашто успехот во справувањето со овие закани зависи токму од нашата заедничка работа и делување, како и нашите вредности и принципи, соопшти МО.
– Во овие тешки времиња, заедништвото не е само израз на добри односи и соработка, туку е потреба. Современата безбедносна криза предизвика домино-ефект зашто сите ние го чувствуваме влијанието на растечките цени на енергијата и храната, како и високите стапки на инфлација, што е предизвик за нашите економии, рече Петровска.
Министерката уште еднаш ја осуди руската агресија врз Украина и порача дека земјите мора да бидат солидарни со Украина како земја која ги брани својата независност и територијален интегритет.
– Слободата нема цена и затоа мораме да продолжиме со нашата недвосмислена поддршка за Украина. Северна Македонија ја препозна итноста да одговори на украинските потреби, за што обезбеди безбедносна, хуманитарна и медицинска поддршка и ќе продолжи да го прави тоа согласно потребите и капацитетите, и во соработка со сојузниците и партнерите, подвлече Петровска.
Министрите и претставниците на земјите на САД – Јадранската повелба потпишаа и Заедничка изјава во која ја реафирмираа потребата од засилена соработка на Западниот Балкан, ја поздравија изработката на новиот Концепт за ревитализација на САД – Јадранската повелба, а во контекст на руско-украинската криза ја осудија руската агресија врз Украина и ја реафирмираа поддршката за напорите на украинскиот народ во одбрана на нивниот суверенитет и слобода.
На министерскиот состанок учествуваа и Селесте Валандер, помошник – секретар за одбрана на САД за меѓународни безбедносни работи, министрите за одбрана на Босна и Херцеговина, Сифет Поџиќ, на Косово, Арменд Мехај, вршителот на должност министер за одбрана на Црна Гора, Филип Аџиќ, како и високи претставници на министерствата за одбрана на Хрватска, Албанија, Словенија и Србија.
Иницијативата САД-Јадранска Повелба е воспоставена со потпишувањето на Повелбата за партнерство помеѓу САД, Албанија, Хрватска и Македонија во Тирана во 2003 година. Во 2009 година кон иницијативата се приклучија Црна Гора и Босна и Херцеговина со што иницијативата го добива форматот А-5.
Целта на иницијатива е заеднички и координирани активности за што побрзо исполнување на критериумите и стандардите на НАТО, унапредување на соработката во ЈИЕ и развој на настани насочени кон градење мир, демократија, стабилност и просперитет во Регионот. Активностите во иницијативата се насочени кон зајакнување на меѓусебната соработка, унапредување на одбранбените способности и капацитети, заедничко учество на вежби и обуки, НАТО операции и мисии, соработка меѓу регионалните центри за обука, како и промоција на политиката на отворени врати во А-5 за земјите набљудувачи и другите земји од регионот кои се со евроатланска ориентација и имаат за цел членство во НАТО Алијансата, се вели во соопштението од МО.