ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД
УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН
Александар Македонски штотуку го освои Источен Иран, пред да го започне големиот поход кон Индија. Во текот на иранскиот поход му беа разјаснети многу поими. Во зимата 330-329 година во Арахосија, јужно од планината Хинду-Куш, дојде во контакт со таканаречените планински Индијци, кои се граничеа со оваа провинција
Ова е поврзано со 328 година при неговото преговарање со Фарасман, принц на Хорасмијанците, кој го предизвика да се бори со луѓето од северните страни.
Александар Македонски го одби предизвикот, бидејќи веќе мислеше на Индија како наредна цел. Всушност, тој веќе воспостави деловни врски со принцот од Таксила (Пенџаб) во 329-328 година кога беше во Согдијана. Дополнителните силни зајакнувања од Запад и извонредното зголемување на неговата војска укажуваат за тој нов проект. Веројатно ова може да се поврзе со посебната природа на неговите индиски планови и со фактот дека во 329-328 година го донесе Неарх во логорот, својот пријател од младоста, кој потоа одигра важна улога во морнаричкиот потфат во Индија.
Како да се смести ова решение за одење во Индија во перспективата на животот и делото на Александар Македонски во целина? Оние научници кои го поддржуваат мислењето дека тој немаше намера да создаде светска империја, не гледаат во ова решение ништо друго освен намера или лично поседување на Персиската империја со сета своја големина, или обновување на границите на империјата, како што беа под Дариј
Меѓутоа, постапките на Александар Македонски во Индија не се објаснуваат со тоа, бидејќи тој отиде многу подалеку од тие граници. Дариј I го освои северозападниот дел само до реката Инд, а понатака не беше во можност да го држи својот суверенитет. Во битката кај Гавгамела, Индијците се бореа на персиска страна, но тие беа единствени погранични племиња од планинските Индијци кои припаѓаа кон намесникот на Арахосија и Индијците кои граничеа со Бактрија.
Основната цел што го поттикна Александар да оди во Индија не беше заради победување или заради враќање на ахеменидската моќ. Тој отиде уште подалеку.
Co одењето во Индија имаше намера да втаса до источниот крај на светот. Доколку се сака да се разбере тоа, мора да се разјаснат географските поими за кои беше информиран. За античките Грци Индија беше најисточната земја со населен свет, според Хекатеј, како и според Херодот и Ктесија, но никој од нив не ја видел Индија.
Нејзиниот источен брег го заплискуваа брановите на океан што ја окружува земјата. Колку тесна беше нивната концепција за големината на Индија се гледа во изреката на Аристотел, дека штом се премине планината Парнас (т.е. Хинду-Куш), се појавува надворешното море (океанот). Александар Македонски израсна со уверувањето дека Индија е источната крајна граница на светот.
Ова доаѓа од одговорот до Фарасман, кога му рече дека сака да ја потчини Индија, „бидејќи тогаш тој целосно би ја имал Азија во свои раце”. Ова јасно го изразува неговиот мотив дека тој не сака, како Ахеменидите, да ја носи само титулата суверен на светот, туку да стане реален суверен на светот кој ја проширил својата империја до природната граница на населениот свет. Оваа идеја за светски суверен што со години беше во неговите мисли, сега започна да се реализира со навлегувањето зад претходната источна граница на Персиската империја.
Меѓутоа, тој не беше поттикнат само од желбата за освојување. Сепак и тука дојде до израз неговата склоност кон научното испитување и кон науката комбинирана со желбата за моќ. Тој во исто време сакаше да ја разјасни географската положба и да се прошири во Индија. Несомнено, во претходните преговарања со Таксилите што беа извршени во Источен Иран, тој доби информации за Индија кои не беа во согласност со неговите претходни гледишта и за него се отворија проблеми.
Меѓутоа, дури и фантастичните пресметки околу Индија како земја на чудата, што се ширеа меѓу античките Грци, изнесени од Хекатеј и Херодот, а особено од митолошките извештаи на Ктесија, морале да го предизвикаат да ги испита во светлината на вистината. Групата научници што го придружуваше работеше со жар и многу успешно во Индија. Неговиот индиски поход, всушност, беше патување за откривање, што им донесе богата придобивка на античките научници, надмоќност по географија, ботаника, зоологија.
Тоа беше силен момент во историјата на светот кога Александар Македонски со својата војска ја окупира Индија. Првпат античките Грци и Индијците дојдоа во контакт. Индија претставуваше засебен свет. Таа беше поврзана со западна Азија на северозапад со котлината Кабул, пат кој ја почувствува инвазијата на претците на Аријан Хинд, а од каде што сега дојде и Александар Македонски.
По истиот пат одвреме навреме доаѓаа недоволно јасни информации за Индија во Персија, а од таму и кај античките Грци. Низ таа клисура, исто така, ја носеа индиската стока по караванскиот пат до Касписко Mope, a оттаму се транспортираше до Црно Mope.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН