Османи-Задорожњук: Постои потенцијал за унапредување на соработката меѓу Македонија и Украина

Односите помеѓу Македонија и Украина се исклучително добри, двете земји една во друга гледаат искрен пријател и имаат заеднички евроатлантски аспирации, се согласиле на денешната средба заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи со амбасадорката на Украина во Република Македонија, Наталија Задорожњук.

Како што соопшти СЕП, во однос на европските перспективи, Османи потенцираше дека Владата останува посветена на ЕУ агендата и дека напорно работи на реформите, се со цел искористување на новиот позитивен бран во ЕУ во корист на проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан.

– Во насока на позитивните меѓусебни односи, Османи истакна дека Македонија ѝ стои на располагање на Украина за споделување на нашето долгогодишно искуство во Процесот на стабилизација и асоцијација, стои во соопштението.

За време на разговорот во просториите на Секретаријатот за европски прашања, соговорниците заеднички се заложија за унапредување, пред се, на економската соработка, трговската размена и обемот на инвестиции, имајќи предвид дека сегашната размена е далеку од потенцијалите за економска соработка на двете земји, се наведува во соопштението.