Скопје во очекување на посетата на Коѕијас

Скопје е во очекување на посетата на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, кој како што најавуваат медиумите во Грција“, ќе ја донесе Нацрт-спогодбата за решавање на спрот меѓу Македонија и Грција.

Документот ќе содржи околу 55 параграфи, со сите отворени прашања, сместени на 20 страници. Предлогот е подготвен од грчкото МНР, опширно разгледан меѓу премиерот Алексис Ципрас и Никос Коѕијас, а ги содржи точките што ги најави и самиот шеф на грчката дипломатија.

Патувањето на шефот на грчката дипломатија во Македонија, со лет директно од Атина за Скопје, веројатно ќе биде на 22 март. Официјално пристигнувањето на Коѕијас на аеродромот во Скопје, кој беше преименуван од македонската Влада, како една од отстапките во процесот на преговорите, не е потврдена ниту од македонското, ниту од грчкото МНР.

Во однос на имињата што се вклучени, радиото во текстот коментира дека Горна Македонија, е „фаворит“ за Атина, но без превод, „нешто што многу тешко ќе биде прифатено од другата страна“.

Друга точка од грчките барања е и промена на Уставот, нешто што го споменува и новинарката од радиото на општина Атина.

Грчкиот алтернативен министер за одбрана, Фотис Кувелис во интервју за весникот „Риал њус“ истакна дека решението на т.н. македонско прашање е во корист и на Грција, под условите што се однесуваат на иредентизмот, на обезбедување на границите и на сложено име за севкупна употреба (ерга омнес). Според него, решението треба да биде со Меѓународен договор, но пропратен со уставни промени.

За посетата на Коѕијас вчера се огласи и премиерот Зоран Заев. Тој средбата со Коѕијас, која треба да се случи неделава во Скопје и преговорите со медијаторот Метју Нимиц ги оценува како можност за приближување кон решавањето на проблемот што го има Грција со нашето уставно име.

– Верувам дека е можно да се најде решение и оптимист сум ако притоа водиме сметка за достоинството и за идентитетот. Мене ми е важно како тоа ќе го прими грчката јавност и дали ќе биде прифатливо низ нивните институции. Верувам дека и на грчките политичари и на премиерот Ципрас треба да им биде важно како тоа ќе биде прифатено овде од граѓаните на Македонија, но и како ќе помине низ институциите на системот, изјави Заев.

Тој посочи дека луѓето што преговараат се само поединци, а на крајот институциите на Македонија и на Грција се тие коишто одлучуваат.

Најави дека по средбата со Нимиц наверојатно ќе следува и нова лидерска средба.

Со став за преговорите вчера излезе и евроамбасадорот Самуел Жбогар кој изјави дека преговорите кои се водат со јужниот сосед и спорот околу името на Република Македонија одат во добра насока, а ЕУ нема да се ангажираат директно врз тој процес.