Во Министерството за финансии денеска ќе биде потпишан амандман на Договорот за грант за партнерство за развој помеѓу САД и Република Северна Македонија. Амандманот ќе го потпишат министерот за финансии Фатмир Бесими и директорката на УСАИД во РС Македонија Џери Дајбл, а ќе присуствува и амбасадорката на САД во земјава Кејт Мари Брнз.
Петгодишниот Договор, потпишан во мај лани, предвидува поддршка за постигнување три развојни цели: за зајакната економска конкурентност, зголемен придонес на младите во општеството и намалена корупција.
Според Договорот, за зајакната економска конкурентност, предвидено е Владата на САД да соработува со приватниот сектор за стимулирање на економската конкурентност и изнаоѓање иновативни решенија за поттикнување на регионалната интеграција.
Предвидени се и активности за поддршка на енергетскиот сектор на Северна Македонија, со цел да се подобри безбедноста, сигурноста и самостојноста на енергетскиот систем преку правна и пазарно ориентирана реформа и пристап до западни инвестиции и технологија. Исто така, и зголемен придонес на младите во општеството преку активности насочени кон поддршка на економските можности привлечни за младите, како и активности што ќе ги поддржат владините институции, приватниот сектор, граѓанското општество и граѓаните во борбата против корупцијата.