Претседателот Пендаровски на Самитот на НАТО во Мадрид

 Претседателот Стево Пендаровски од денеска е во тридневна посета на Мадрид, Кралството Шпанија, каде што ќе учествува и ќе ја предводи делегацијата на Република Северна Македонија на Самитот на НАТО Алијансата. Во состав на државната делегација се министерката за одбрана Славјанка Петровска и шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Според агендата, денеска претседателот Пендаровски, придружуван од сопругата Елизабета Ѓоргиевска ќе присуствува на свечена вечера, која во чест на лидерите на земјите-членки на НАТО, учесници на Самитот, ја приредува кралот на Шпанија, Фелипе Шести и неговата сопруга кралицата Летиција.

Претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, утре и задутре ќе учествува на состаноците на Северноатлантскиот совет, што се одржуваат на ниво на шефови на држави и влади.

Пендаровски утре во придружба на сопругата, ќе присуствува на неформалната трансатлантска вечера на ниво на шефови на држави и влади, која ја приредува претседателот на Владата на Шпанија, Педро Санчез.

Во рамки на учеството на НАТО Самитот, предвидено е претседателот Пендаровски да има повеќе билатерални средби.

На НАТО Самитот во Мадрид ќе бидат адресирани ургентните безбедносни предизвици на денешницата и иднината. Лидерските состаноци на Северноатлантскиот совет е предвидено да бидат фокусирани на усвојување на новиот Стратегиски концепт, унапредување на одбранбените капацитети, споделување на товарот и снабдување со ресурси, поддршка за Украина и останати партнерства.