ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „СЕЌАВАЊА“ НА ДАНА СКЕНДОВА – СКОТЛАНД ОД ТОРОНТО
Судбината Дана Скендова – Скотланд била, да ја напушти Македонија во немирните времиња исполнети со прогони, неправди, страв и се’ она што може да го донесе војната и недемократските системи. Патот ја однел на повеќе балкански простори, за на крајот да се пресели во Канада, каде Дана со своето семејство живее повеќе од педесет години.
Меѓутоа, иако ова доблесна Канаѓанка од македонско потекло со семејството живее во демократска Канада, во нејзината втора татковина, таа остана доследно на својата вековна македонска национална припадност и на своите дедовски корени во Македонија.
Животната приказна на Дана Скендова-Скотланд е, истовремено и еден вид сторија и историска вистина на Македонија, а преку неа и на македонското иселеништво. Тоа е особено изразено со нејзината Автобиографија за нејзиниот животен пат, каде сублимирано се проектира најновата фаза на историјата на една скромна иселеничка која е на распетие меѓу Македонија и Канада. Со тоа значењето на оваа автобиографија, која ја подготви авторот на овие редови Славе Катин, ги надминува рамките на обично дело за животот на едно македонско семејство надвор од Македонија.
Со право може да се рече дека Дана Скендова Скотланд е голем приврзаник и почитувач на втората татковина–демократска Канада и родната Македонија и дека таа е еден вид мост меѓу Македонија и Канада. Тоа се потврдува со зборовите на Дана, дека треба човек да се бори за својата иднина, да ги чува семејните обичаи, традициите, религијата, мајчиниот јазик, културата и сите други придобивки со цел да остави трајни белези за идните генерации, кои треба да ги продолжат древните македонски вредности.
Дана, покрај тоа што е вљубеник во Торонто, во канадскиот живот, демократските процеси и слободи, таа е голем роднокраен поборник и вљубеник во македонскиот поетски пишан збор, во македонското духовно живеење и македонската заедница. Во исто време со своето скромно поетско постигнување е позната, докажана и призната во македонската заедница во Торонто, особено преку Литературното друштво „Браќа Миладиновци” што е во рамките на МПЦ „Свети Климент Охридски” во Торонто.
Во автобиографијата на Дана Скотланд се прави обид да се фрли светлина врз нејзиниот животен пат. Трудот е компониран во неколку дела, во кои секој има по повеќе глави, претставувајќи хронолошка и тематска заокружена целина, иако во основа тие меѓусебно се надоврзуваат и се дополнуваат. Во делото се поместени голем број фотографии и други материјали кои треба да придонесат за поцелосно запознавање на нејзината многустрана значајна личност.
Дана Скотланд е медицинска сестра и е хуманист, човекољубец, помагач и волонтер во многу организации. Така, таа, меѓу другото, е Член во Комитетот за контрола (архивски секретар) на црквата „Свети Климент Охридски”, Член на Женската секција на Македонската православна црква „Свети Климент Охридски”, во “Македонски детски фонд,, член на Организацијата „Обединети Македонци”,на Македонско историско друштво на Добротворното друштво „Неволјани” и на Женското здружение „Неволјани”. Дана Скотланд, меѓу другото е добитник на Награда за волонтирање 1993 – 10 години од Канадско-македонското здружение
За авторот на овие редови посебно значење е и еден друг факт. Тоа е познанството, пријателскиот однос и добрите релации на нашите родители од пред педесетина години до денес. Затоа и мојата лична благодарност кон Дана и нејзиното семејство за укажаното внимание и чест да ја уредам, преведам и отпечатам оваа значајна автобиографија, дело со дел од интересната животна сторија на Дана Скендова – Скотланд и нејзиното почитувано семејство, која се чита во еден здив.
Исто така, во монографијата се дадени податоци за нејзиниот сопруг Блер Атол Мур Скотланд кој бил роден во болницата „Свети Јосиф” во Торонто, на 26 јуни 1940 година, и бил помладиот син на Џорџ Скотланд и Елена Харви Скотланд, кои биле од Шкотска.
Блер учел во државното училиште „Свонси”, но ја имал таа привилегија да го посетува колеџот „Свети Андреј”, приватно училиште за момчиња во Аурора. Колеџот „Свети Андреј” бил во интернат и секое утро учениците морале да стануваат рано, да го наместат креветот, да ги светнат чевлите, да одат на молитва во капела, а потоа да појадуваат. Секоја недела учениците оделе в град да присуствуваат на служба во некоја црква по нивен избор.
Уште од рана возраст Блер имал дарба за спорт и токму тука имал можност да учествува и да игра во многу спортски тимови како што се: крикет, ватерполо и фудбал. Амбицијата на Блер во тоа време, според писмото од директорот, била да стане одбранбен играч во фудбалскиот тим. Морал да оди на лекарски преглед пред да учествува во каква било спортска активност и откако утврдиле дека има срцев шум, не му дозволиле повеќе да спортува.
За Блер немало здравствени правила што ќе го спречат да учествува во кој било спорт бидејќи тој е роден спортист. Во младите години играл хокеј каде бил голман. Учествувал на спортските натпревари „Хамберсајд” и бил одбранбен играч во фудбалската екипа на средното училиште и шампион во пинг-понг. Преку бизнисот, членовите на неговото семејство биле членови на „Вестон голф” и „Кантри клуб” и како јуниор Блер бил брилијантен во голф и ветувал голема иднина, но, за жал, го напуштил интересот за овој спорт, но продолжил да игра колку што можел почесто.
Блер живееше и дишеше за спортот и имаше радиофоничен спикерски глас. Можеше да ги рецитира составите на тимовите и статистиката за секој играч во Големата лига, бејзбол, фудбал, хокеј, и за тековните и за многуте години наназад. Секогаш зборуваше за неговата желба да стане спортски коментатор.
Сепак, по завршувањето на средното училиште, Блер се приклучил во семејниот бизнис на татка си и брат му и останал таму додека компанијата не се продала во 1984 година. По продажбата на компанијата, Блер работел во фирмата „Декорал пеинтинг”, како менаџер на канцеларијата, во „Симпсон” со скратено работно време, а потоа 25 години работел во „Сеарс”до неговото пензионирање во јуни 2012 година.
Блер не знаеше ништо за Македонија и за македонскиот народ. За една недела, направи истражување и набргу доби низа сознанија за историјата на македонскиот народ. Поради неговата љубов кон Дана, Блер го прифати народот, културата и религијата. Се запиша во македонско училиште и две години учеше со професорката Софија Росовска и таа навистина беше импресионирана од неговата трудољубивост.
Научи да чита и пишува македонски, но јазикот му беше предизвик. Уживаше во музиката и играше ора. Имаше голем апетит и ја ценеше храната, посебно домашно вино и зелник. Работеше во градината и, освен цвеќињата, научи како да сади пиперки и домати, главни продукти во секој македонски дом, а исто така во нивниот дом растеше и здравец (цвеќе што носи здравје во куќата). Всушност, Блер стана вистински амбасадор за Македонија.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН