РОДОСЛОВИЕТО НА СИЛЈАН МИЦЕВСКИ ОД ПРОСТРАЊЕ ДО БИТОЛА

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „СИЛЈАН МИЦЕВСКИ“ ОД АВТОРИТЕ СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ – КАТИН И ЃОРЃИ ЛУМБУРОВСКИ 

Битола е и родното место на човекот кому му е посветена оваа монографија. Тоа е познатиот битолчанец Силјан Мицевски-Циле, кој е трета рожба на среќните родители. Циле, како често го викаат неговите блиски, е роден на 16 октомври 1945 година. Тогаш во семејството Силјанови славјето било големо и радоста немерлива, особено за мајката Василка и таткото Јован (Јонче како што сите го викале) Мицески. После првата рожба, братот Благој и сестрата Нада, трета среќа бил Силјан кој дошол во ова семејно гнездо како најмалечко чедо.

Во разговорите што ги водевме со Циле, бев информиран за целиата негова животна приказна. Меѓу другото, тој раскажа за следното:Мојот татко Јован (Јонче) е роден во селото Прострање кое е тромеѓето на Кичево и Демир Хисар. Деветмина биле во фамилијата. Силен столб на Мицеви беше мајка ми, која по сите основи и адети, многу ги почитуваше родителите на својот сопруг. И затоа имаше слога и ретка хармонија во цврстата семејна заедница. 

Јонче беше посинет во Битола. Со питом карактер, послушен и добар, тој беше миленик на сите околу него. Вреден и умен, не штедејќи се нималку, сакал да му помогне секому,  а за него – ако останеше и колку ќе имаше. Велше скромно оти доста му е, бидејќи и малкуто му е многу кога другите немаат воопшто.

Неговата верна другарка Василка (Васе како што ја викаа) беше и неговиот столбовник и вистинска статура на фамилијата. Васе, личната стамена чупа и невеста, а потоа и мајка, беше исклучително посветена на својот дом, сопругот и, над се’, на децата –  најголемото богатство и продолжувачи на долгата лоза на Мицевски. 

Јас ја обожував мојата предобра мајчичка. Многу бев среќен кога ќе ме погалеше по бујните коси, кога со приказни ме заспиваше, седната до мојата перници. А во утрата или навечер кога ќе ми намачкаше шеќер на лебчето, слатко ќе го поделев со моите другарчињата на сокакот.

Мама Васе неизмерно ми се радуваше кога носев само петки. Кога рецитирав со врсниците, кога победував на натпреварите, кога ги пеев серенадите под пенџерите…  

Таа не штедеше никогаш комплименти ниту за својата снаа Виолета (или како што често ја нарекувале комшиите – Силјаница). Сакаше гордо и со сета љубов да ја прикаже таква каква што е – лика и прилика за својот син, за фамилијата. Затоа, не ретко и Виолета вели дека родителите на нејзиниот избраник – свекорот и свекрвата, ги уважувала како свои родители и дека таа убава традиција на почит сака да ја пренесе и на нивното потомство. 

Ваквите исклучително значајни и квалитетни семејни односи и поврзаност останаа во мојата меморија, толку колку што бев сведок, толку колку што запаметив од богататиот живот на слога и хармонија на моите претци.

Мојот татко цели 18 години работеше како чирак, чесно и многу вредно. Се сеќавам како еднаш поминувајќи низ хотелот ,,Македонија” за да одиме на фудбалски натпревар купив весник и отидовме на стадион. Но, по грешка сум земал два весника ,,Нова Македонија”. Кога го забележа тоа татко ми, се сврте и ми рече да одам назад и да му го вратам едниот весник на трафикантот, зашто така сум му ја зел заработувачката. Беспоговорно се вратив веднаш. Му се извинив за ненамерната грешка и на продавачот му вратив еден примерок од ,,Нова Македонија”, зашто не беше мој. 

1mpi12Битола

Мајка ми Васе, со срце и душа големи како океан, беше посветена на своите чеда. Јас бев секогаш оној веселиот, позитивниот, ама и жилавиот, тврдокорниот и упорниот. Кога ќе наумев нешто, морав тоа да го имам и да го направам. Поразличен бев во многу гестови и потези од брат ми и сестра ми. Мајка ми е од позната богата, доста угледна фамилија. Мажена со фути златници. Здраво семество бевме, бидејќи мајка ми многу грижливо го одржуваше заедно. Таа целосно беше посветена на компактноста и на среќата на таа цврста генерациска идила.   

Инаку, да се вратиме малку назад и да потсетам дека дедо ми наликуваше на македонската револуционерна икона Гоце Делчев. Дедо ми Силјан, по кога и јас сум крстен, по потекло буфчанец, Егејска Македонија, беше од зафатена фамилија. Имале свои ширни полиња, големи лозја, дуќан. Беше бакалџија, чорбаџија и угледен комшија и ортак со тројката Миновци и Давковци кои имаа доста познавање и осет за трговија на големо. Бакалницата се наоѓаше кај мостот во Битола каде подработуваше понекогаш и татко ми за да стекне навики, да помага и да заработува. 

Баба Елена (Силјанова, како што ја викаа по битолски) беше мила итра жена. Позната и ценета домаќинка. Како малечок трајни ми се спомените кога ме земаше во скутовите и ми ги раскажуваше најубавите бајки и сказни. Долго ме држеше во прегратките и ме милувала со топлата рака бабина.

Во пријатниот разговор, во кој открив дека Силјан Мицевски-Циле не е само бизнисмен, туку дека тој е и одличен раскажувач, човек кој живо се сеќава на минатото. Така, тој  во разговорот ме информира за следното:   

Еден ден, кога имав не цели пет години, седев дома со мвојата сакана бабичка, додека 12-годишната сестричка отиде со дедо на лозје да му прави друштво и да се растрчува и игра меѓу лозите. Кинисаа дедо ми и сестра ми, но, само што стасале кај Ветеринарната станица, на дедо ми му се слошило. Паднал како покосен пред очите на ужаснатото девојченце. Испуштил душа тука од фатален срцев удар. 

Таа  трагедија многу болно, иако малечок, ја доживеав. Се сеќавам како беше во дворчето кога силно и ширум се отвори поратата. Со плач, крикови и трчање се втурна сестра ми, испаничена, викајќи: ,,Дедо ми умре, дедо ми умре!” Блиску до портата стоеше баби ми. Шокирана, таа се онесвести. Сите, кои веднаш се насобраа, долго не можеа да ја повратат. Преплашени, ние дечињата се вртевме за да видиме дали нашата сакана бабичка ќе си дојде побргу на себе. 

Продолжува

1slave 1 Пишува: СЛАВЕ  КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *