Прва заедничка Патријаршиска и синодална света литургија на патријархот Вартоломеј и архиепископот Стефан

Во Соборниот храм на Вселенската Патријаршија „Св. Георгиј Победоносец“ во Истанбул денеска вселенскиот патријарх г. Вартоломеј и архиепископот охридски г. Стефан ќе одржат прва заедничка Патријаршиска и синодална света литургија по примањето на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство единство со останатите православни цркви, со што се отстрани повеќедецениската шизма наложена врз нашата Црква, на која ќе присуствува и владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски.

На литургијата предводена од поглаварите на двете цркви ќе присуствуваат и митрополитите дебарско-кичевски г. Тимотеј и преспанско-пелагониски г. Петар, како и епископите хераклејски Климент и антаниски Партениј, повеќемина ѓакони, како и монаси од Бигорскиот манастир  „Свети Јован Крстител“ и монахињи од манастирот Рајчица „Свети Георгиј Победоносец“.

Во состав, пак, на владината делегација, покрај премиерот Ковачевски ќе бидат и министрите за надворешни работи Бујар Османи, за одбрана Славјанка Петровска и за внатрешни работи Оливер Спасовски. Предвидено е членовите на владината делегација да бидат примени од вселенскиот патријарх Вартоломеј, а покрај тоа тој ќе има и одвоена тет-а-тет средба со премиерот Ковачевски.

На Патријаршиска и синодална света литургија, меѓу другите, најавено е присуство и на стотици верници од земјава, кои специјално допатуваа во Истанбул по повод значајните настани кои деновиве се случуваат во древниот Фанар.

На денешната заедничка литургија и претходеа вечерната богослужба во ставропигијалниот манастир „Балаклија” во Истанбул по повод споменот на Светите Апостоли Вартоломеј и Варнава и празникот на иконата на Мајката Божја „Достојно ест“ во четвртокот, по која патријархот Вартоломеј на архиепископот Стефан му го предаде Патријаршискиот и синодален акт на Вселенската патријаршија за примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство, како и празничната Божествена литургија во Соборниот храм „Св. Георгиј Победоносец“ по повод именденот на вселенскиот патријарх во петокот, на која молитвено присуствуваа и членовите на нашата црковна делегација.

Во обраќањето кон патријархот Вартоломеј, по Божествена литургија по повод неговиот именден, архиепископот Стефан му се заблагодари за прифаќањето на нашето апелациско прибегнување и за востановувањето на литургиското општење со нашата Црква.

– Како првојерарх на Охридскиот престол, од името на свештениот Синод, на свештенојерархијата, на монаштвото и на верниот народ, како и од свое име, со преполно срце на уважување и почит, уште еднаш Ви благодарам за честа со која нè удостоивте и за срдечната љубов со која нè прегрнавте – соопштувајќи ни го благопријатниот Ваш суд за нашето апелациско прибегнување: востановувањето на литургиското општење со Вас и, преку Вас, со полнотата на Православната Црква, истакна архиепископот Стефан.

На крајот од богослужбата, епископот антаниски Партениј со неговото братство и сестринство, на вселенскиот патријарх Вартоломеј му подари архиерејска панагија во чест на неговиот именден и во знак на благодарност за признавањето на Охридската Архиепископија.

Во четвртокот на вечерната богослужба во манастирот „Балаклија”, откако на г. Стефан му го предаде Патријаршискиот и синодален акт за отстранување на повеќедецениската шизма наложена врз нашата Црква, вселенскиот патријарх Вартоломеј порача дека многумина православни верници „се радуваат за враќањето на христоносниот народ во прегратките на Мајката Црква“.

– Денеска, браќа мои, кога наскоро ќе се исполни великиот ден на Педесетница, стаса и многукопнежниот час на решение за еден долг и болен раскол во Телото на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква. Денеска помеѓу нас стојат овде… најсвештениот во Христа брат, архиепископот охридски г. Стефан и неговата чесна придружба, за да го примат од нашите раце Патријаршискиот и синодален акт за востановување на црковното општење на нивната Мајка, Великата Христова Црква со нив, а од неа и преку неа со останатите помесни, свети Божји Цркви, преку врската на љубовта, единството и евхаристиското зближување преку взаемна почит, истакна патријархот Вартоломеј.

Тој нагласи дека станува забор „голема радост на небото, зашто одамна скинатата риза на Господа се обновува, цела и неповредена, со иглата на Светиот Дух“ и „мноштвата на православните се радуваат за враќањето на христоносниот народ во прегратките на Мајката Црква“.

По четврточната богослужба, архиепископ г. Стефан, во знак на благодарност отслужи Трисагија пред гробот на патријархот Димитриј, за покојните цариградски пастири погребани на истите гробишта.

Одлуката на Светиот патријаршиски синод за отстранување на шизмата и примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви беше донесена на синодското заседание на 9 мај, со што практично Вселенската Патријаршија ја призна црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспостави канонско и литургиско општење со неа.

Предавањето на Патријаршискиот и синодален акт за отстранување на шизмата не значи и давање томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на нашата Црква, туку е израз на татковска љубов и грижа од страна на Вселенската Патријаршија и претставува објава дека таа повеќе не е во шизма и раскол со севкупната православната Црква и нејзините свештенослужители можат да сослужуваат со свештенослужители од другите помесни православни цркви, додека за утврдување на конечниот статус ќе следуваат дополнителни преговори.

Процесот до конечно добивање на официјалниот томос за автокефалност од Вселенскиот патријарх, како што минатата недела изјави митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј, започна на 4 јуни со врачувањето на документот од страна на патријархот српски Порфириј на архиепископот Стефан, со кој се потврдува одлуката на Српската православна црква, објавена на 24 мај по нивното сослужување на заедничката литургија во Соборниот храм во Скопје, со која СПЦ ја одобри и упати благослов за автокефалноста на МПЦ – Охридска Архиепископија, ставајќи крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.

– Сега почнува процесот. Тие се согласуваат и сега го даваат тоа во писмена форма. Ќе ги информираат сите православни цркви и почнува процесот, рече владиката Тимотеј.

Сепак, потегот на патријархот Вартоломеј и на Вселенската Патријаршија претставува историски настан, бидејќи со него конечно се исправи долгата неправда нанесена врз нашата Црква и со признавањето на нејзината каноничноста се стави крај на речиси седумдесетгодишната изолација на возобновената Охридска Архиепископија.