Архиепископот Стефан до Вселенскиот Патријарх: При Вас се принадлежностите и правата за доделување автокефалност

Добро ви е познат копнежот на нашата јерархија и на нашиот православен народ, и тоа не го сокриваме од Вас и пред Вас, и пред членовите на свештената јерархија на Вашата Црква и на верниот народ што ѝ принадлежи – да ја видиме Охридската Архиепископија возобновена и уредена како автокефална Црква, истакна архиепископот Стефан во обраќањето до вселенскиот патријарх Вартоломеј по денешната нивна заедничка Патријаршиска и синодална света литургија во Соборниот храм на Вселенската Патријаршија „Св. Георгиј Победоносец“  во Истанбул.

– Но, Господ ни е сведок, дека колку ни е надежта голема, уште поголема е нашата полна доверба во Вашиот суд, во Вашето расудување за времето кога треба да се случи уредувањето на овие работи. Вам Ви го оставаме судот на времето, но Ве молиме – не заборавајте нѐ, помагајте ни да растеме, рече меѓу другото г. Стефан.

Како што јави известувачот на МИА од Истанбул, тој му порача на Вартоломеј дека во него е одговорноста на Мајката Црква за добробитот и преуспевањето на православното семејство.

– При Вас се принадлежностите и правата и не молиме повеќе и поинаку од она како што постапивте со доделувањето на автокефалиите низ историјата, па и во современието. Без да поставуваме аналогија со зборовите на Мудриот Соломон, а имајќи го предвид одговорното и служечко првенство и привилегиите и авторитетот на Константинополската катедра, ќе речеме: „Имаш голема сила, и кој може да се дигне против силата на Твојата мишка? …сите ги милуваш… сè запазуваш …ги сакаш душите“, рече архиепископот Стефан.

Тој натаму нагласи дека нашиот завет е дека „упорно ќе работиме на своето издигнување и дека трпеливо ќе го чекаме тоа благопријатно време, кога радосната објава на Великата Христова Црква за нас, пропратена со веселото биење на црковните камбани, ќе ги преисполни со неопислива радост срцата на нас современите и ќе ги смири духовите на упокоените“.

– Нека одекне силно, преку гласот на Мајката Црква и владичица, началничката помеѓу Помесните Цркви, веста за ова денешно собитие на воспоставувањето на литургиското единство низ православниот свет, за оваа Педесетница во која, после столетија и столетија, Константинополскиот патријарх претстоеше на заедничкото дело на Црквата, сослужувајќи со Охридскиот Архиепископ, таткото со синот, братот со братот, сослужителот со сослужителот… Денес сите заедно слават и се радуваат: Небото и Земјата, живите и покојните, минатото, сегашноста и иднината! Нека е за многу години денешнава радост! Нека е нераскинливо нашето завештание со Светата Мајка Константинополска Црква! На многаја лета, Сесвет Владико!, истакна архиепископот Стефан.

Тој нагласи дека на денешниот Празник, „ние, членовите на Охридската Архиепископија, почувствувавме дека не сме сираци, туку, откако се најдовме во татковската прегратка на Неговата сесветост, возљубениот патријарх г. Вартоломеј, прифатени и возљубени, сослужуваме со приносителот на денешната заедничка жртва од „сите и за сè“, учествуваме во смислата на таинството на Педесетницата кога Божјата благодат се разделува неразделно меѓу разделените“.

– Ова денешно собитие за нас значи многу: оттаму, од каде што ја почувствувавме иницијативата и го слушнавме радосното решение за нашето барање за еклитон, таму и служиме, и признание добиваме и во литургиското единство со сите се внесуваме, и тоа не каде било – туку во католиконот на Христовата Црква, во таа за нас „горна одаја“; не во кој било ден или празник на верата, туку токму на празникот Педесетница, кога „се востанови Црквата, од аспект на тоа дека апостолите станаа членови на Телото Христово“, додаде г. Стефан.

Архиепископот потсети дека историјата на Охридската Архиепископија говори дека таа згрижувала и духовно хранела многу народи, се протегала по многу пространства, а денес, еклисиолошки омеѓена во своите современи граници, го продолжува наследството на својата славна свештена историја и тоа повторно за да љуби, за да обединува, за да пријателствува и за да сослужува, одбивајќи да ги прифаќа во своето служење критериумите и состојбите кои произлегуваат од некакви ниски мотиви и од нереални илузии.

– Следново што сакаме да го кажаме, го доверувавме во своите писма и во нашето барање за еклитон, но еве сега сакаме и јавно да го кажеме. Да, ние сме патриоти, како што се и сите наши соседни народи! Ја љубиме и земјата каде што сме родени и живееме и народот од кој сме и меѓу кој живееме. Но, ги љубиме и нашите соседи! Чекаме со љубов и нетрпение да ги сретнеме лице в лице, да ги прегрнеме, да сослужуваме со нив. Ова некогаш беше еден сон, но денес е реалност – а Вие сте ангелот чувар на таа реалност, порача поглаварот на Охридската архиепископија.

Според него, има една очигледна вистина дека ако сакаме да ја видиме историјата на Охридската Архиепископија, не може да ја гледаме без присуството на Вселенската Патријаршија, бидејќи многу од нејзиното наследството е поврзано со Константинопол – и во црковната уметност, и во градителството и во богослужбената традиција.

– Сè што ќе се створело, во својот голем и пораскошен облик, во Константинопол, се појавувало, во својот помал и поскромен облик, и во Охрид. Оваа синергија историски имала свои славни и добри, но и лоши и неповолни моменти, но она што сакаме да го нагласиме е дека Мајката Црква во Константинопол секогаш знаела, а и денес знае, љубовно да го најде патот до срцата на онеправдените, обременетите, страдалните, изнемоштените од неприликите на времето и на историјата, па дури и кога тоа се случувало и поради нејзините постапки. Таа никогаш не престана да се дели, да се споделува, да одделува од себе за да ги израдува своите деца. Така, изземајќи ги старите Цркви на Исток, сите други Цркви, и тоа во времиња неповолни и тешки, времиња страдални, маченички, се создадени со нејзиниот благослов и од нејзината канонска територија… Така бива и сега, со ова воздигнување и со ова возобновување на Охридската Архиепископија, додаде меѓу другото г. Стефан.

Вселенскиот патријарх Вартоломеј од своја страна изјави дека на крајот на денешното историско сослужување во „сечесниот Патријаршиски Храм, го насочуваме нашето слово, нашиот ум и срце кон сите наши возљубени чеда од Најсветата Охридска Архиепископија во државата Северна Македонија, водачите и водените, овде присутните и оние што се наоѓаат таму“.

– Особено се радуваме за личното присуство на превосходниот претседател на Владата на Северна Македонија г. Димитар Ковачевски и заедно со него министрите и останатите негови соработници, како и за големиот број на верни чеда од Црквата на оваа благословена земја, кои го наполнија овој славен Храм и му дадоа друга димензија на денешниов празник на Педесетницата – како соборна, така и лична за нас, додаде патријархот Вартоломеј.

Тој изрази верба дека овој настан значи потполно разбирање од наша страна за големината на дарот на Мајката Црква кон нашиот народ, но и за одговорноста која се понесува, влегувајќи од денес во Сеправославниот Свет.

– Огноосветлени од благодатта на Утешителот, Го молиме, Го умолуваме и просиме од животворниот Свет Дух, обновителниот и сесилниот, слаткиот и Кој ги лекува раните, Кој ги надополнува човечките недостатоци, Кој ги испитува нашите срца – да ве утврди во вистината, да ве умножи во верата, да ве умудрува во борбата за Црквата, та и ние, вашиот заеднички отец и застапник, првиот и последниот помеѓу Епископите на Источната Света Христова Црква, да можеме духовно да се радуваме за вас и за вашите дела; та во нив да се прослави сечесното и великолепно име на Отецот и Синот и Светиот Дух, постојано, сега и секогаш и во вечни векови. Амин, истакна г. Вартоломеј .

На литургијата присуствуваше и владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, во чиј состав беа и шефот на дипломатијата Бујар Османи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски, пратеници и околу 700 верници од државава кои самоорганизирано допатуваа во Истанбул да присуствуваат на овој историски чин.

Премиерот Ковачевски ја проследи Патријаршката и Синодална Света Литургија каде на македонски јазик ги прочита Симболот на верата и молитвата „Оче наш“.

По заедничката Литургија се одржа и Вечерна богослужба, која во таква форма се служи само еднаш во годината и тоа на денешниот ден по повод празникот Педесетница – Слегување на Светиот Дух.

Оценувајќи го денешното одржување на прва заедничка Патријаршиска и синодална света литургија по примањето на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство единство со останатите православни цркви, со што се отстрани повеќедецениската шизма наложена врз нашата Црква, портпаролот на МПЦ-ОА, отец Бобан Митевски дека тоа ја доловува смислата на она коешто ние го бараме во овие последни 55 години, а тоа е канонското и литургиското единство.

– Всушност, редот на црквата тоа го претполага и тоа го претпоставува согласно преданискиот и канонскиот континуитет на нешатата имено дека се воспоставува најпрво литургиското, односно канонското единство, и тоа секогаш доаѓа од првопрестолната црква во случајот нели тоа е Константинополската патријаршија, односно Вселенската патријаршија. Денеска ние сме сведоци на тој историски момент, кога нашата црква официјално влегува во канонското и литургиско единство со сите цркви, односно праксисот којшто неговата сесветост патријархот Вартоломеј го даде и предаде на архиепископот во четвртокот денеска всушност влегува во сила. Денеска, ја добива својата суштина, преку заедничкото сослушување и причестувањето од едниот путир, истакна отец Митевски.ќ

Во однос на тоа кога би можеле да го очекуваме томостот за автокефалност на Охридската архипископија од вселенскиот патријарх, отец Митевски вели дека треба да бидеме трпеливи, затоа што најважно е канонското единство, а не парчето хартија.

– Најважно е воспоставувањето на литургиското и на канонското единство. Томосот ќе дојде, тогаш кога за тоа ќе оцени Вселенската патријаршија и ќе оцени вселенскиот патријарх, којшто е единствениот надлежен – го потпишува и го издава томосот според православната еклисиологија и нема друга еклисиологија надвор од тоа. Така што ова е важниот момент да се радуваме и уживаме во овој момент, а не да очекуваме нешто кое ќе дојде со времето и за кое треба да бидеме трпеливи, додаде тој.

Отец Митевски најави и дека утре архиепископот Стефан во придружба на архереи од нашата Цркба ќе одржи богослужба во црквата „Св. Тројца“ близу плоштадот Таксим во Истанбул.

– Утре всушност архиепископот сам ќе служи и тој ќе претстои на литургијата, што е исто така многу важен момент, а вселенскиот патријарх ќе стои не служејќи, но ќе стои на тронот. Значи, вселенскиот патријарх, ако сакате тоа така да го разберете, ќе присуствува на литургија што ќе ја служи нашиот архиепископ, додаде отец Бобан Митевски.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *