Монографијата „Гога Печенковски“ е дело на Славе Николовски-Катин, а издавач е „Македонска искра“ од Скопје во 2004 година, на 154 страници, на македонски јазик. Во ова дело е претставена историјата на семејството Печенковски која е тесно поврзана со настаните во Македонија, со нејзината историја. Нивната неверојатна приказна е македонски летопис за опстојувањето на Македонците, за кои тешко можат да се најдат слични примери во историјата на кој било народ.
Животната историја на Гога Печенковски е, истовремено, историја на Преспа, а преку неа и на Македонија. Зошто она што се случило од најраните времиња на Александар Велики, преку незаборавните битки на цар Самуил, до оние на Гоце Делчев, Стив Наумов и Мите Богоевски, во регионот на Преспа, ја одразува целата историска голгота низ која минувала Македонија, од нејзиното прогласување до независна и суверена држава. Со оваа книга е проектирана најновата фаза од македонската историја за неговиот животен пат, на највкусните одлики и на најсублимираниот начин.
Инаку, Гога Печенковски е роден во Долно Перово, село кое се наоѓа на средишниот дел од територијата на Општината Ресен, а непосредно до северниот брег на Преспанското Езеро. Селото е рамничарско, на надморска височина од 854 метри, како и езерото. Од Ресен населбата е оддалечена околу десет километри.
Тоа е типично езерска населба и е поделено на Долно и Горно Перово. Таму се наоѓаат најплодните овоштарски насади во Преспа. На овој простор, Господ како обилно да дарил богатство во земјоделството. Затоа, овошните производи од тој северен дел на Преспанското Езеро се познати и барани на пазарите во Македонија и пошироко.
Интересно е да се спомене дека во 1996 година, во непосредна близина на селото Езерени, кое како да се споило со Перово, е легализиран првиот резерват за птици во Македонија. За овој резерват е карактеристичен далматинскиот пеликан, птица која ретко може да се најде во овие краишта и птица која пристигнува во илјадници парови, при што резерватот станува птичји дом. Тие во Езерени и во Преспа се хранат претежно со риби и поради поволностите што ги нуди регионот остануваат два-три месеци, а потоа го продолжуваат своето патешествие кон Европа и Азија.
Перово се наоѓа на речиси иста надморска височина како и Преспанското Езеро. Според легендата селото го добило своето име по некој човек по име Перо, кој како рибар нашол засолниште на брегот на Преспанското Езеро и се населил на местото каде се наоѓа неговата денешна местоположба.
Родното место на Гога Печенковски, Долно Перово има педесетина куќи кои се речиси на самиот брег на Езерото, а Горно Перово со дваесетина современи градски куќи е нова населба на двете страни на патот Битола – Отешево. Перово со своите 180 жители, кои претежно се занимаваат со овоштарство, а и со рибарство, е стара македонска населба во која отсекогаш живеат само православни Македонци.
Во непосредна близина постојат неколку стари локалитети на копно и во Преспанското Езеро. Во него има една црква, „Свети Атанасије Велики“ блиску до Дрменска Река, која е изградена во 1867 година а реновирана во 1993 година. Но, се чини како Перово да е дел од туристичкиот комплекс Отешево. Тоа произлегува од фактот што Долно Перово се наоѓа на крајбрежната линија на Преспанското Езеро, една од најблиските населби до Сир Хан, а со тоа и до Отешево и Царина. Во овој туристички простор и во минатото и денес, нашле вработување и луѓе од Долно и Горно Перово и од други места на Преспа.
Често се вели дека убаво е во цела Преспа во есен кога разновидните бои се преплетени како пајажина, кога мирисот на зрелите јаболка се разнесува низ чистиот воздух. Прекрасно е во зима кога планините надвиснале над Езерото, а летовите и звукот од пеликаните се пренесуваат по езерската шир. Но, Преспанското Езеро е најубаво во пролет кога јагликата ги пробива последните остатоци на снегот на Галичица и Пелистер и во лето кога свежината од Езерото го исполнува треперливиот воздух и е преполно со многубројни капачи и риболовци.
Треба да се нагласи дека Ресен, каде Гога Печенковски помина голем дел од животот и цела етничка Преспа се богати со Преспанското Езеро, националните паркови Галичица и Пелистер, кои на регионот му даваат посебна убавина. Преспанското Езеро е второ по големина езеро во Република Македонија.
Културата во Преспа датира уште од времето на неолитот. Патот Виа Игнација поминувал низ котлината за време на Римската Империја. На овој питом дел на Македонија, постојат голем број споменици на уметноста во регионот. Грнчарството е развиено во Преспа, особено во Ресен уште во минатото и сѐ уште е присутно, благодарение на Ресенската керамичка колонија. Таа е сместена во „Сарајот“ – Културен дом изграден од Нијази бег и претставува дом за многу светски познати грнчари од земјата и светот.
Јаболкото е препознатливиот белег на Ресен, но уште едно обележје го прави Ресен посебен. Тоа е сарајот на Ахмед Нијази Бег. Ова е приказна за еден неостварен сон, за еден обид во малото гратче на југот од Македонија да се донесе дел од Париз, колку и да звучи тоа неверојатно.
Ресен во минатото се наоѓал покрај патот Виа Игнација и поради тоа имал богата чаршија и дури 15 анови, а Ресенчани пак се горди на своите архитектонски и историски знаменитости, но и на своите сограѓани. Кога ќе пристигнете во Ресен, ресенчани ќе ви посочат неколку работи кои не смеете да не ги посетите: чаршијата, керамичката колонија, но и сарајот на Нијази Бег.
Продолжува
ДУШАН РИСТЕВСКИ – МАКЕДОН