Новата безбедносна реалност на европскиот континент повикува на сплотеност и соработка, а нашата безбедност лежи во колективната безбедност на нашите сојузници во НАТО, бидејќи ние сме НАТО, изјави денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска, која е во официјална посета на Софија.
Петровска, како што информира Министерството за одбрана, порача дека заедничката научена лекција во изминатите три месеци е дека само кога сите сојузници во НАТО зборуваат во еден глас, кога стоиме заедно и работиме заедно, само така можеме да ја гарантираме нашата безбедност.
Министерката ја поздрави одлуката на Бугарија да биде домаќин на мултинационалната борбена група на НАТО.
![]()
Имајќи ја предвид безбедносната ситуација во Европа, Петровска порача дека она што во моментов е неопходно е целосна интеграција и заедништво.
-Членството на Северна Македонија во НАТО значеше зацврстена безбедност и стабилност не само за нашата држава, туку и за нашите соседи, вклучувајќи ја и Бугарија која на дел од својата западна граница има земја – сојузник, истакна министерката Петровска.
Таа порача дека на претстојниот министерски состанок на НАТО, како и на лидерскиот самит во Мадрид ќе се разговара за неколку важни документи за Алијансата – агендата НАТО 2030 и новиот Стратешки концепт на Алијансата. Информираше дека Владата останува посветена на правичното распределување на трошоците во рамките на Алијансата и стабилниот раст на буџетот за одбрана кој до 2024 година треба да го достигне нивото на 2 проценти од бруто-домашниот производ.
Министерката Петровска денеска во Софија ќе се сретне со својот бугарски колега, министерот Драгомир Заков, а во Собранието на Бугарија ќе има средба и со раководството на парламентарната комисија за одбрана.
Таа ќе се сретне и со двајца офицери на Армијата на Република Северна Македонија кои во моментов се на високо воено школување на Воена академија „Генерал Ѓорѓи С. Раковски“ во Софија.