ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА МАЛА ПРЕСПА
Никола Беровски – „големиот учител од Преспа“ како што го нарекуваа македонските гласила во почетокот на 90-тите години од минатиот век беше учител, преведувач и учебникар. Тој беше човекот кој многу придонесе за македонското малцинство во Албанија кога по Втората светска војна почна редовно образование на мајчин македонски јазик. Во економските тешкотии на селаните по војната и Албанија не беше целосно ослободена, во подрачјето на Преспа под Албанија еден од испратените македонски учители беше и
Никола Беровски.
Делот од Македонија познат како Мала Преспа беше даден на Албанија по потпишувањето на Версајскиот мировен договор во 1919 година. Со овој договор заврши поделбата на Македонија меѓу Србија, Грција, Бугарија и Албанија и започна ерата на денационализација и присилна асимилација на македонскиот народ. Денес, Македонците во Албанија имаат поголема слобода и човекови права отколку Македонците во Грција и Бугарија, меѓутоа, сепак, тие не се доволни, таму сè уште постојат бројни прекршувања на човековите права.
Реалниот број на етнички Македонци во Албанија е оценет како поголем од 150.000 лица. Нивната најголема концентрација е во пограничните региони на Голо Брдо и Мала Преспа. Исто така, има голем број Македонци кои живеат во Тирана (околу 20.000), Поградец, Корча, Каваје. Елбасан и други градови.
.
Една од значајните личности во тој период беше Никола Беровски. Според оскудните податоци се знае дека е роден во 1923 година во Битола, каде и се стекнал со своето образование. Веднаш по Втората светска војна во 1945 година бил испратен во Албанија, во Мала Преспа, заедно со поголема група учители. Починал во 1993 година во Тирана.
Според зборовите на Македонците од Мала Преспа, учителот Никола Беровски бил просечен човек, дисциплиниран и трудољубив. Секогаш бил пример за колегите и за помладите генерации. Тој останал како блескав лик за Преспанци.
Треба да се нагласи дека по Втората светска војна и ослободувањето на дел од етничка Македонија, се водела посебна грижа за Македонците кои живееле во соседните земји и тие да се воспитуваат и образуваат на својот мајчин македонски јазик. Тоа било изразено особено во периодот од 1945 до 1948 година во Пиринска Македонија и во Албанија, каде постоеле македонски училишта, книжарници, библиотеки, фолклорни групи и други институции со сите македонски национални карактеристики и белези.
Имено, во повоениот период била потпишана една декларација меѓу тогашните НР Југославија и Албанија и со која на Македонците во Албанија им се гарантира заштита и развој на националната култура и традиции, потребата на мајчиниот јазик и рамноправност во сите облици.
Затоа, Албанија побарала од тогашната југословенската влада да испрати учители за настава по македонски јазик во подрачјата во кои живеело македонско население. Наставниот кадар, пред сè, бил потребен во селата Туминец, Пустец, Долна и Горна Горица, Глобочани, Шулин и Зрновско, кои се наоѓаат во Мала Преспа, а припаѓаат во Корчанскиот Регион, како и во селата Врбник и Церје во Околијата Билиште, потоа во Лин, во Поградечкиот Регион и во други населени места.
Со тоа Албанија стана земја која го признава статусот на македонското етничко малцинство. Уште од 1945 година во Мала Преспа има настава на мајчин македонски јазик во основното образование до петто одделение, за кое образование се издадени учебници од страна на државата.
Сите наставници – ентузијасти кои го ширеле, го обновувале, го чувале и го пренесувале македонскиот јазик, културата и традициите, особено на младите генерации во Албанија одиграле важна, ако не и најзначајна улога во афирмирањето не само на македонскиот литературен јазик, туку и на македонскиот народ на своите корени и на Република Македонија во целина.
Тоа го потврдуваат учениците кои почнаа да учат во деветте села од Преспа и кои нема да ги заборават учителите Пере, Никола, Ѓорѓи и други, учителот Борис Малески, Кристо Тане, Гуре Дума, како и генерациите кои со грижа, како Никола Беровски, се подготвиле и ја продолжиле наставата на македонски мајчин јазик.
Сето тоа се одвивало до периодот на Информбирото, кога сите учители по македонски јазик во Албанија биле отпуштени и вратени назад. Единствено, учителот Никола Беровски останал во Албанија. Тој до својата смрт работел на ширењето на македонскиот јазик; напишал бројни учебници, граматика и други школски книги за Македончињата во Албанија, посветувајќи го својот работен век на неговиот мајчин јазик, кој се учел од прво до четврто одделение, а натамошното школување било на албански јазик.
Затоа, со право се вели дека сите тие наставници по македонски јазик во Албанија, а во исто време и во Пиринска Македонија се значаен дел на мозаикот и темелот на литературниот македонски јазик, кој со својата кодификација станал еден од трите официјални јазици на тогашна НР Југославија уште од 1945 година.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН