Билатерални средби на Петровска со министри за одбрана во седиштето на НАТО во Брисел

На маргините на министерскиот состанок во седиштето на НАТО во Брисел, министерката за одбрана Славјанка Петровска имаше одвоени средби со министрите за одбрана – Матеј Тонин на Словенија, Стефан Јанев на Бугарија, Николаос Панагиотопулос на Грција и со Хулуси Акар, министер за одбрана на Турција.

Како што соопшти Министеството за одбрана, на средбата со министерот за одбрана на Словенија, Тонин, беа потврдени одличните одбранбени односи помеѓу двете земји и интензивната соработка во одбраната. Министрите се договорија дека двете земји ќе потпишат нов билатерален договор за стратешка соработка во одбраната.

-Министерката Петровска и бугарскиот колега Јанев ја потврдија добрата одбранбена соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија и беа разгледани можностите за нејзино зајакнување.  Петровска се сретна и со грчкиот министер за одбрана, Панагиотопулос, со кого ја поздравија засилената соработка во одбраната и се согласија дека двете земји се посветени сојузници.  На билатералната средба со министерот за одбрана на Турција, Акар, двајцата министри се согласија да ја зајакнат одбранбената соработка со заеднички вежби и обуки, и во контекст на модернизацијата на Армијата, соопшти Министеството за одбрана.

Министерката Петровска утрово имаше средба со колегите од земјите учеснички во мисијата на НАТО за одвраќање и одбрана „Enhanced forward presence” во Латвија под раководство на Канада. Во оваа мисија неколку години учествуваат Канада, Шпанија, Италија, Чешка, Полска, Албанија, Исланд, Словенија, Словачка, Латвија, Црна Гора, а со одлука од минатата година и Северна Македонија. Нашиот контингент, се наведува во соопштението, летово ќе биде упатен во склоп на контингентот на Словенија.