НАТО сака дипломатско решение со Русија, но се подготвува за најлошото

Денеска се одржува вториот ден од министерскиот состанок за одбрана, голем дел од енергијата ќе биде и натаму посветена на кризата со Русија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Министрите на 30-те земји членки на НАТО ќе го започнат денот со седница на која се поканети нивните колеги од Украина и Грузија, две земји кои имаат аспирации за членство во Северноатлантската алијанса, на што се противи Русија.

НАТО повторува дека нејзините врати остануваат отворени и дека секоја земја треба да избере слободно и суверено дали сака да и се приклучи, но дека во ниеден случај Русија не смее одлучува за тоа, истакна вчера генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

За Столтенберг, и за НАТО, барањата на Москва претставуваат прекршување на правилата кои ја сочинуваат европската безбедност.

-Новото нормално е што Русија покажа дека е волна да ги доведе во прашање темелните принципи на нашата безбедноста, правото на земјите да го одберат својот пат и да се бранат едни со други, тие сугерираа повелба која ги нарушува овие принципи, изјави Столтенберг на прес конференцијата. Според него овие е принципи се темелот на безбедноста и стабилноста во Европа со децении и тој додаде дека жали што “не знаеме што ќе се случи“, рече генералниот секретар на вчерашната прес конференција.

Алијансата сѐ уште ги чека и одговорите на Москва за предлозите испратени на 26 јануари.

Предлозите содржат понуда за дискусија околу теми како контрола на оружјето, намалување на ризиците и зголемена транспарентност, но се одбива категорично да се разговара за договор кој би спречил земји како Украина да се зачленат во НАТО, како што бара Русија.

Иако Москва најави и покажа снимки од оклопни возила кои ги повлекуваат силите од украинската граница, НАТО вели дека ова не соодветствува со внатрешните безбедносни информации, ниту со комерцијалните сателитски податоци, и дека напротив Русија од минатата година постојано го засилува своето воено присуство, како и способноста да нападне брзо и без предупредување.

-Бевме многу транспарентни, разузнавачките информации се потврдија, вклучително и преку комерцијални сателитски слики, тешко е да се негира дека Русија собра над сто илјади трупи и тешка опрема, ова беше предвидено од нашите служби, и покрај тоа што Русија го негираше, тоа се случи, одговори Столтенберг на новинарско прашање зашто јавноста би требало да му верува на НАТО повеќе отколку на Русија.

Столтенберг додаде дека НАТО не може да знае кои се намерите на Москва, единствено што знае е кој е воениот капацитет со кој Русија располага и дека фактот што се случува најголемата воена концентрација од Студената војна е само по себе причина за загриженост.

Неизвесноста на истокот на Европа и недостатокот на јасна комуникација помеѓу НАТО и Русија води “ново нормално“, рече шефот на Алијансата.

Во овој контекст земјите членки на НАТО денеска разговарале за дополнително распоредување на воени капацитети во источна и југоисточна Европа.

-Русија користи сила да ги натера земјите и да ги промени принципите, затоа ни се потребни прилагодувања на долг рок на позициите на НАТО на исток, не ја прејудицирам конечната одлука, додаде генералниот секретар и објасни дека за ова допрва ќе се дискутира и ќе се консултираат надлежните за потенцијални нови борбени групи на исток, југоисток, и во Црното море.

Романија веќе изрази подготвеност да прими нови борбени групи, а Франција да ги води. Други земји од регионот искажале подготвеност, но Столтенберг не ги именуваше.

НАТО сака да ги увери земјите сојузнички на истокот дека ќе стори сѐ за да ги одбрани доколку биде потребно.

Истовремено генералниот секретар се заложи и дека Украина ќе биде подобро обучена и подобро опремена одошто беше во 2014 кога започна војната со Русија.

Земјите членки на НАТО вчера разговарале и за целите поставени во 2014 за зголемување на стапката од нац ионалните буџети за одбрана и модернизација на армиите.

Овој министерски состанок е прв за новата министерка за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска, која вчера потврди дека земјата сака да види дипломатско решение со Москва.

-Политичките изјави се само чекор од таа деескалација, но знаете како, за да бидеме убедени во деескалацијата треба да видиме придвижување и на теренот. Тоа е тоа што го очекуваме и се надеваме дека во претстојниот период ќе го видиме, изјави министерката за МИА.

Во последните недели лидерите на земјите членки на Алијансата водат интензивна дипломатска активност со Русија и изразуваат надеж дека кризата помеѓу Русија и Украина ќе може да се реши на дипломатски начин, за тоа Алијансата сака гаранции.

-Даваме до последно шанса на дијалогот, на дипломатското решение, како Алијанса и како министри имаме обврска да го штитиме територијалниот интегритет и безбедноста на сите земји членки на Алијансата. Од она што очекувам и сум убедена дека од овој состанок ќе произлезе е да го потврдиме единството на сите земји членки и да ги донесеме одлуките во таа насока, рече министерката за одбрана Петровска.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *