ШТО РЕКОЈА ИСТАКНАТИ ЛИЧНОСТИ ЗА ДЕЛАТА НА СЛАВЕ КАТИН
На промоцијата на делото „Македонците во САД и во Канада“ што се одржала на 16 април 2003 година во Народната и Универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје, свое излагање под наслов „Нов пристап кон иселеништвото“ имал и митрополитот на Македонската православна црква господин Кирил. Во исцрпното излагање митрополитот Кирил го рекол следното:
„Имам посебна чест и големо задоволство, пред сѐ, во квечерието на големиот христијански празник Цветници, а особено во пресрет на празникот над празниците, Светото Христово Воскресение – Велигден, како и големите јубилејни чествувања: 100 години од Илинденското востание, 100 години од Македонското иселеништво и 40 години од евангелису-вањето на првата Македонска православна црква „Свети Петар и Павле“ во градот Гери, Индијана, во САД, да бидам еден од учесниците на промоцијата „Македонците во Соединетите Американски Држави и во Канада“.
Тоа, покрај досегашните е уште едно големо дело создадено од перото на нашиот некол-кудецениски драг пријател и истакнат оригинален хроничар на македонската иселеничка голгота и вознес во период од 4 децении, братот по Господа, Славе Николовски-Катин. Како долгогодишен надлежен епархиски архијереј на Македонската православна црква за прекуокеанските земји, ќе се потрудам преку делото „Македонците во САД и во Канада“ на господинот Славе Катин, да ви претставам дел од севкупното национално-духовно, црковно и културно-просветно опстојување на нашите по крв и вера браќа и сестри Македонци кои се определиле да живеат во демократските и од Бога благословени држави САД и Канада.
Во оваа пригода сакам да нагласам дека познатството, соработката и другарувањето со господинот Катин трае од 1969 година, од времето на моето востоличување за надлежен архијереј на Американско-канадската македонска православна епархија, во црквата „Свети Климент Охридски“, во космополитскиот прекрасен град Торонто, Канада.
Оттогаш до денес со внимание ја следам неговата плодотворна и бериќетна творечка дејност, за која повеќепати сум се изјаснил. Еден од овие прекрасни мигови била и промоцијата на монографијата за Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ од Торонто, којашто била извршена во истоимената црква во 1994 година. Еве и денес ја имам таа посебна чест и задоволство, драги браќа и сестри по Господа, да зборувам за уште едно негово животно дело насловено „Македонците во САД и во Канада“. Ова дело кон крајот на минатата година, поточно на патрониот празничен ден на свети Климент Охридски ја доживеа својата промоција во Торонто, а потоа и во Детроит, двата големи центра на македонската дијаспора на северноамериканскиот континент.
Оваа двојазична публикација, на македонски и на англиски, претставува круна на богатиот книжевен опус на господинот Славе Катин, посветен на иселеништвото, сублимиран во повеќе од 20 тематски изданија, во кои се осветлува животот и импресивните активности на Македонците во САД и во Канада, како и нивната одисеја за опстој во новите средини, но и за совладување на предизвикот на носталгијата за својата родна и мила татковина Македонија.
Всушност, Црквата е оној спиритус мовенс во иселе-ништвото кој ги обединува нашите македонски чеда во Господа, ги мотивира и инспирира во севкупното живеење. Тие живеат со вербата и со аманетот за вечно обединување како народ за себе и за сите идни македонски рожби. На крајот од моето скромно излагање сакам да нагласам дека привлечноста на делото „Македонците во САД и во Канада“ од господинот Славе Катин се разликува од другите публикации на оваа тема, по тоа што Катин му приоѓа на иселеништвото од еден подруг агол. Тоа е откривањето на причините, а не само на околностите за појавата и генезата на овој феномен.
Тој не го третира тоа како гола статистика, туку го доживува како река која незапирливо тече, но и како планетарна појава која ги облагородува државите во кои Македонците свиле ново гнездо. Кај Катин иселеништвото пулсира со живот, тој живее со него, ја чувствува динамиката на сите овие простори, зашто македонските иселеници создаваат нови релации и нова клима во односите на САД и Канада со дедовската земја Македонија, зацврстувајќи ги мостовите на севкупната соработка.
Најискрено ви го препорачувам ова значајно и обемно дело од почитуваниот господин Славе Николовски-Катин, како непресушен извор за вистината на животот, развојот и растежот на македонските иселеници, организирано преку македонските иселенички асоцијации.
Посебно треба да се нагласи плодната дејност на македонските православни цркви и културно-просветни друштва во состав на Американско-канадската македонска православна епархија, на нашиот голем делател и творец на голем број трудови од оваа област со најискрени братољубиви чувства на најдлабока почит молитвено му посакуваме Господ да му дарува многудецениско долголетие, да го следи Божјиот благослов со одлично здравје во сите денови од неговиот живот и создавање на уште вакви и слични добри дела. Затоа што живеењето без создавање на добри и трајни дела за својот народ, за својата Татковина и својата Света црква, не е живеење!“, истакнал почитуваниот митрополит на Македонската православна црква, господин Кирил.
Продолжува
ДУШАН РИСТЕВСКИ – МАКЕДОН