ДЕЛ ОД ТВОРЕШТВОТО НА СЛАВЕ КАТИН
Славе Катин во коавторство со Фиданка Танаскова, во 1995 година, на 122 страници на македонски јазик се појавува со книгата „Поетски иселенички меридијани“, зборник на поезија, во издание на Матицата на иселениците од Македонија, посветен на Македонците раселени ширум светот.
По тој повод д-р Димитар Керамичиев, како претседател на Матицата, во предговорот кон ова издание подвлекува дека овој поетски животопис ги сублимира мислите, надежите, исчекувањата, соништата и стварноста на македонските иселеници, односно нивните деноноќија во далечните и непознати светови, кога секој со своите среќни и тажни судбини си ја плете својата иднина.
Делото „Поетски иселенички меридијани“, содржи 80 песни посветени на откорнатите од родните прагови, на раселените, на заминатите како печалбари, на тешката мисла и носталгијата овековечени низ поетскиот збор, низ стиховите чувани и носени во душата, како утеха за изгубената мајчинска топлина или за дедовските огништа, за безграничната љубов кон родниот праг, кон полињата и планините, реките и езерата – кон својата сакана Македонија.
Со децении Македонците пејат за толку многу вистини и за убавите нешта во животот. Пишуваат за љубовта, за своите најблиски, за младоста, за новите утра, за една поинаква судбина и стварност, иако живеат во нови далечни светови, во Торонто, во Чикаго, Сиднеј, Мелбурн, Перт, Детроит, Келн, Њу Џерси, Дизелдорф, Малме, Гетеборг, Вулунгонг.
На промоцијата, пак, што се одржа во Сиднеј во друштвото „Григор Прличев“, Иван Трпоски, поет и автор на десетина книги, за делото „Поетски иселенички меридијани“, ќе истакне: „Славе Катин и Фиданка Танаскова се вистински иселенички повесничари, кои при секој нивен престој во некоја иселеничка колонија, со своите пера оставаат вечни белези во македонските весници. Нивните очи се најполни со иселенички ликови, нивните срца се најболни од исленичките доживувања, нивните души се преболни од сознанието дека македонството расте во светот, а се намалува во Македонија.“
Во „Современост“ бр. 3 и 4 од 1996 година, проф. д-р Вера Стојчевска Антиќ, говорејќи за делото „Поетски иселенички меридијани“, нагласува: „Пред нас имаме покомплетен избор на поезија од нашите сонародници во Австралија, Европа, Канада и САД, инспирирана од иселеничкиот копнеж и носталгијата кон Татковината. Иако нашиот човек се населил во различни средини, во држави многу оддалечени едни од други, нивниот носталгичен сон по „стариот крај“ останува длабоко всаден во нив. Преселбите, непроспиените деноноќија, немирите што ги носеле новите средини, логично, наоѓаат посебен израз кај поетите што ни се претставени во изборот на ова книга“, вели Стојчевска цитирајќи, притоа, стихови од Џим Томев, Илија Башевски, Андреа Бранов, Васка Дренкова, Иванка Петровска, Пандора Петровска, Панде Манојлов, Доне Качоров и други поети.
Исто така, во 1997 година Славе Катин, во коавторство со Фиданка Танаскова ја објавува Монографијата за Македонскиот клуб „Илинден 1903 од Хамбург“,Германија, по повод дваесетгодишнината од неговото формирање, во издание на „Македонска искра“ од Скопје, на 86 страници на македонски јазик. По тој повод, претседателот на Клубот Никола Грујовски, во воведот истакнува:
„Германија како наша втора татковина ни овозможи нам на Македонците дел од својот живот, по силата на економските околности да го минеме во рамките на една стара европска цивилизација. Просторно најблиска на нашата Татковина, овозможувајќи ни да ги остваруваме своите потреби и интереси на начин кој обезбедува зачувување и развивање на нашиот национален и културен идентитет. Оттука и нашата благодарност кон оваа држава, која меѓу првите ја призна Република Македонија како самостојна и независна држава и со неа воспостави дипломатски односи на ниво на амбасади“.
Говорејќи за Клубот, Љубица Хаџи Георгиева, како негова истакната активистка, во поговорот на монографијата истакнува дека „Дваесетгодишниот јубилеј – гледан од аспект на историјата е многу кус и незначаен период. Меѓутоа, погледнат од аспект на идејата, мисијата и улогата на луѓето кои се собираат и му дават живот на тој Клуб, јубилејот е многу важен и многу значаен за сите нас. Во почетокот, истакнува таа, нашите луѓе се наоѓале на маргините на општествените настани во новата средина, одвај забележани.
Но, со време, секој од нив со својот придонес, позитивен или негативен – со своето дејствување, или, едноставно, живеејќи во тие краишта, стана значаен фактор, носител на информации, белези и карактеристики на еден народ кој дотогаш во новата средина бил своевидна енигма. А Клубот во Хамбург и околината стана мост меѓу Македонците и Татковината, чувар на вредностите кои им овозможија да го зачуваат својот идентитет“
Одбележувајќи го овој настан, „Нова Македонија“ во мај 1998 година, истакнува дека Славе Катин и Фиданка Танаскова прават многу успешен спој на своевидниот временски мост, нагласувајќи ја големата мисија на Клубот „Илинден 1903“ и црковната општина во мултикултурната средина во Хамбург.
Продолжува
ДУШАН РИСТЕВСКИ – МАКЕДОН