Австрија ќе продолжи да биде посветена Северна Македонија што е можно поскоро да ги отпочне преговорите со ЕУ, не само поради фактот дека овој регион ќе претставува економско богатство за Унијата, туку и поради фактот што тој е важен дел за уште помоќна Европа. Ова го истакна шефот на австриската дипломатија Михаел Линхарт на средбата со првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби.
Како што соопшти Кабинетот на Груби, Линхарт ја потврдил поддршката на неговата земја за почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија, нагласувајќи дека интеграцијата на Западниот Балкан во европското семејство е повеќе од потребна бидејќи всушност овој регион и припаѓа на Европа.
Првиот вицепремиер Груби, го информирал австрискиот министер Линхарт за политичката состојба во земјата, реформите што Владата ги презема на патот кон интеграцијата во ЕУ, реформите во правосудниот систем, администрацијата и во други области.
Груби на средбата потенцираше дека на земјата и е потребна стабилна, проевропска Влада која ќе ги спроведува Охридскиот договор, Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство со Бугарија, и ќе реализира капитални проекти кои ќе го подобрат животниот стандард.
Првиот вицепремиер изразил надеж дека земјава ќе постигне договор со Бугарија и на 14 декември на Самитот да добие зелено светло за почеток на преговорите.
Груби исто така му се заблагодарил на сојузниот министер за европски и меѓународни прашања на Австрија, Линхарт, за континуираната поддршка што Австрија ја дава за интеграцијата на земјата и за спроведувањето на внатрешните реформи.
Двајцата соговорници заклучиле дека билатералните односи се одлични во сите области и дека во овој дух ќе продолжат и во иднина.
На средбата било посочено дека Северна Македонија и Австрија имаат добра соработка на полето на економијата, при што во земјава веќе функционираат десетици компании со австриски капитал, што претставува јасен показател за продлабочување на оваа соработка.