Средба на Пендаровски со шефот на австриската дипломатија

Севкупните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Австрија, како и европските перспективи на земјата беа во фокусот на разговорите на претседателот Стево Пендаровски со автрискиот сојузен министер за европски и меѓународни работи Михаел Линхарт.

На средбата, како што соопшти Кабинетот на претседателот, е оценето дека Северна Македонија и Австрија негуваат традиционални врски и пријателство со отворен и интензивен дијалог, со интерес за натамошно унапредување на односите и продлабочување на соработката.

Во контекст на аспирациите на земјава за членство во Европската Унија, претседателот Пендаровски изрази благодарност за континуираната, отворена и силна поддршка од Австрија за неодложно отпочнување на пристапните преговори за членство.

Претседателот Пендаровски истакна дека нашата држава продолжува со реализацијата на домашната реформска агенда, со фокус на владеење на правото, јакнење на ефикасноста и непристрасноста на судството и борбата против корупцијата. Пендаровски го реафирмираше очекувањето за деблокада на интегративниот пат, што е во интерес на стабилноста и напредокот на целиот регион.

Тој се заблагодари за поддршката од Австрија за нашата држава во справувањето со последиците од пандемијата, а особено за координацијата на процесот на дистрибуција на вакцини од Европската Унија.

На средбата беа разменети мислења за економската соработка и трговската размена, при што беше оценето дека постојат потенцијали за зголемување на севкупната трговска размена, имајќи предвид дека Австрија е на врвот на листата странски инвеститори во Северна Македонија, се додава во соопштението.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *