Бил тоа мрачен пролетен ден на 25 март 1948 година, кога се започнало. Тоа бил ден исполнет со многу чувства, солзи и неизмерна тага за мајките и децата на западна Егеjска Македониjа. Тоа бил денот кога децата-бегалци заминале и за наjголемиот дел од нив тоа ќе биде за последен пат кога ги виделе своите сакани семејства и своите домови. Идеjата за евакуирање на децата била предложена од една група млади мажи и жени, полни со разбирање и сомилост, на Младинската конференциjа оддржана во 1947 година во Белград, Jугославиjа. Ескалирачкиот конфликт во грчката Граѓанска војна претставувал закана за цивилното население, што било причина за загриженост на “прогресивната младина”. Иако тие не можеле да сторат ништо за цивилните возрасни лица, кои требало да ги поддржат воените напори, имало начин да им се помогне на децата. Тие предложиле привремена евакуациjа со чиjа помош децата требало да бидат изнесени надвор од земjата за да продолжат со своето образование на сигурно место, со намера да бидат вратени штом ќе заврши конфликтот. Иако тоа била добра идеjа, Грчката комунистичка партиjа (ККЕ) не видела непосредна потреба од еден таков план и како резултат на тоа не му дала голема поддршка. Партизанскиот генерал Маркос Вафиадис видел добри својства во предлогот бидеjќи верувал дека конфликтот ќе ескалира и ќе се концентрира во западниот дел на Егеjска (окупирана од Грциjа) Македониjа. Во тоа време, тој бил одговорен за одбраната на делови од западна Македониjа каде спаѓале регионот на Лерин и делови од Костурско и Вoденско. Во 1947 година партизаните биле на врвот од својата сила и, со исклучок на големите градови, ги контролирале сите територии во западна Егеjска Македониjа. Кога грчката влада почнала да користи тешка артилериjа и воздушно бомбардирање, идеjата брзо јa добила поддршката на ККЕ и Програмата “Спасете ги децата” била родена. Пред Програмата да се ефектуира, таа добила одобрување од Македонскиот ослободителен фронт, од Женскиот антифашистички фронт и од Црвениот крст. Државите – домаќини, волни да се грижат за децата, биле контактирани за да се добие нивно одобрение и започнале информативни кампањи за да се информираат луѓето за Програмата. Обласните и селските организации, исто така, биле замолени да учествуваат, и на крај им било доделена одговорноста да го организираат и имплементираат вистинското евакуирање.
Кога органите на власта на грчката влада дознале за Програмата “Спасете ги децата”, тие иницирале своја таканаречена кампања “Педомазома” (coберете ги децата). На грчката армија, откако таа ги освоила селата, и било наредено да ги евакуира децата, ако е потребно со сила. Откако биле собрани во различни кампови, децата конечно биле испратени на грчкиот остров Лерос. Таму тие биле запишани во училишта да учат религиjа и станале штитеници на грчката кралица Фредерика. По завршување на грчката Граѓанска војнa (1951/52 година), дел од децата од Програмата “Педомазома” биле вратени во нивните домови во Македониjа. Наjголемиот дел, особено оние чии родители биле убиени или побегнале од земjата како бегалци, станале штитеници на грчката држава и останале во студентските домови до своето полнолетство. Сите деца кои останала во Лерос целосно биле хеленизирани и оттогаш за нив ништо не се слушнало. Камповите во Лерос повторно станале активни по 1952 година, овоjпат за децата кои биле вратени од земjите на Источниот блок според Програмата “Спасете ги децата”. Како резултат на интервенциjата на Црвениот крст, на дел од децата им било дозволено да се вратат дома. За жал, грчката власт ги собрала и ги испратила во камповите во Лерос каде биле држени се до неjзиниот пад во l959 година кога биле ослободени. Притисокот од заедницата ги поттикнал организаторите на Програмата “Спасете ги децата” да го забрзаат процесот на евакуациjа за да ги спречат “бурандарите” (прекар за воjниците и полицаjците на грчката влада) да земат уште повеќе деца. Евакуациите спроведувани од партизаните биле вршени стриктно врз доброволна основа. Било оставено на родителите или старателите на детето да решат дали тоа ќе биде евакуирано или не. Ниедно дете никогаш не било евакуирано со сила или без согласност, ама стравот и притисокот од врсниците сигурно биле мотивирачки фактори. Зоните на евакуирање биле селектирани врз основа на острината на конфликтот и степенот на опасност по децата. Организаторите на централната команда решавале за критериумите на селекциjата и на квалификациите за тоа кои деца ќе бидат евакуирани. Во списоците биле сите деца на возраст од две до четиринаесет години, како и сирачиња, хендикепирани и деца со специjални потреби. Пред да се ефектуира евакуациjата, девоjките постари од осумнаесет години биле ангажирани од локалното население и од партизанските редови за да се обучат да бидат одговорни за малите дечиња. Вдовиците на паднатите партизани, исто така, биле ангажирани како маjки-сурогати да ги придружуваат и да им помагаат на децата во текот на процесот на евакуациjата и во текот на нивниот престоj во земjите-домаќини.
Заминување на децата-бегалци Програмата за евакуирање добила импулс во почетокот на март 1948 година, започнуваjќи со ангажирање и обука на специjални учители. Вистинските евакуации биле спроведени еn masse, односно групно, почнувајќи од 25 март до 30 март 1948 година, се додека сите означени села не биле евакуирани. Повеќето деца биле транспортирани преку Jугославиjа и испратени во Унгариjа, Романиjа, Чехословачка и Полска. Некои биле евакуирани прекy Албаниjа и Бугариjа. Како што се зголемувал броjот на евакуираните, децата биле испраќани и во Источна Германиjа и во СССР. Се проценува дека биле евакуирани вкупно околу 28.000 деца, наjголемиот дел од нив од северозападна Егеjска Македониjа. Иако помалуброjни, многу сирачиња, деца на партизаните и деца од семејства кои имале проблеми со органите на власта на грчката влада, исто така, биле евакуирани. Кога дошол нивниот ред, децата од секое село биле повикани и вo придружба на партизанските водачи однесени до наjблискиот граничен премин претходно одреден. Заради нивна сигурност, децата патувале под превезот на ноќта, во темнина и подалеку од главните патишта. Во некои случаи, поради нападите од воените воздухопловни сили, кои биле тешко вооружени, и од бомбите кои биле фрлани, некои села ги евакуирале своите деца набрзина, без придружба, и тие биле оставени на цедило по планините покриени со снег, без засолниште. Маjките им го подготвувале багажот, облеката за пресоблекување, храната и приборот за jадење пред да ги испратат своите малечки дечиња до означените места за собирање. Со плач, со солзи во очите, маjките се збогувале со своите сакани пред да ги испратат во рацете на судбината. Нивниот плач можел да се слушне долго време откако децата исчезнале вo далечината. Не поминало долго време пред да се почувствува празнината и безброjните маjки не можеле да престанат да плачат, размислуваjќи за судбината на своите мали, сакани деца. Продолжува Пишуваат: РИСТО СТЕФОВ И СЛАВЕ КАТИН |