Онаму каде што реката Брегалница навлегува во Малешевската Котлина на самото нејзино грло од двете страни е распространет градот Берово. Со оглед на големата надморска височина од над 800 метри, таму владее умерено континентална клима која на некои места се модифицира и преминува во планинско-континентална, а се карактеризира со студени зими и свежи лета. Берово е град со највисока концентрација на кислород на Балканот.
Средната годишна температура во општината е 11,1˚C, но е и град со најмногу сончеви денови во текот на годината во Република Македонија, со просечен износ од 6,4 сончеви часови дневно. Оваа компаративна предност во последниот период интензивно се користи за вградување на сончеви колектори во јавните институции и индивидуалните куќи, поради зголемување на енергетската ефикасност.
Најзастапени сектори во економскиот развој се текстилната и дрвната индустрија, како и земјоделството и сточарството, во кои е детектиран голем неискористен потенцијал. Од услужните дејности засилен подем се забележува во туристичкиот сектор, кој со темпото на развој и инвестиции кое го наметнува, во блиска иднина може да стане главна економска гранка.
Градот Берово претставува економски, културен и образовен центар за целата Општина. Во зградата на општината покрај службите од локалната самоуправа, сместени се и подрачните единици од министерствата на Република Македонија. На чело на Општината Берово е почитуваниот градоначалник господинот Драги Наџински, кој, заедно со сите вработени се грижи за сегашноста и иднината на Малеш.
Интересно е дека во Берово и целиот малешевскиот регион сè уште љубоморно се чуваат, негуваат и практикуваат традиционалните занаети: копаничарството, кујунџиството и папучарството. Дрвото е материјал со неограничени можности. Во Малешевијата може да се види како се изработуваат секаков вид икони во византиска техника, комплетна иконографија, фрескопис и иконостаси од дрво.
Здравко Чолиќ во Берово
Жените од Малешевијата како чувари на традицијата сè уште со голем ентузијазам ја обработуваат волната од овци и кози и изработуваат облека и јамболии, килими, пешкири, черги и други предмети. Филцот е современа техника, но во Mалешевијата e позната од многу одамна како правење на „калчини“, потколеници и елеци за комитите.
Oд 23 до 28 август во Берово се одржува „Меѓународен етно-фестивал“ (Etno Square Festival) на кој настапуваат изведувачи од различни земји и создаваат фузија на различните култури и специфики. Целта е да се презентираат традиционалните вредности и нивната специфика, како на малешевскиот регион, така и на гостите присутни на овој етно-фестивал.
За време на одржувањето на фестивалот, плоштадот во Берово доживува визуелна реконструкција каде може да се почувствува духот на минатото и традицијата. На фестивалот настапуваат реномирани интернационални изведувачи кои веќе го докажале своето музичко творештво и влијание во светот.
Во текот на фестивалот се одржува музичка работилница „Етно камп“, која е продукција на десетдневна работилница на признати уметници од повеќе земји. Изведувачите кои работат на различни музички подрачја промовираат различни видови на музички правци како традиционална изворна музика, џез, фламенго, класична европска музика, африканска и индиска класична музика, во рамките на фестивалот одржуваат голем концерт на кој го презентираат музичкиот продукт за овој настан.
Исто така, во текот на фестивалот се одржува традиционален саем на локални производи „Малешевијата на дланка“,на кој се презентира традиционална храна, ракотворби, сувенири и резби. Тука може да се вкусат традиционалните специјалитети (сирења и млечни производи, преработки од шумски плодови, мед и други пчелни производи), ракотворби од волна и памук, чија изработка е вековна традиција во Малешевијата, различни видови резба, уметнички апликации на дрво, платно, керамика, стакло и текстил во различни димензии и со различни мотиви кои претставуваат специфика за Малешевијата, но и за другите региони во Македонија и пошироко.
За време на фестивалот, на плоштадот во Берово може да се почувствува духот на традицијата со народни песни и ора, проследени со традиционални инструменти како: кавал, гајда, тапани и зурли.
Берово се наоѓа на околу 850 метри надморска височина, со чист воздух, свежина и убавина, во срцето на Малешевските Планини, Огражден и Пирин Планина. Меѓу другото, Берово е познато и по производството на здрава храна во која Благој Механџиски е вљубеник, чувар и афирматор и затоа вложува големи средства во тој бизнис. Таму тој ја отвори првата продавница за здрава храна во Македонија, како дел од неговата нова фирма „Здрава храна на Зегин“ (Healthy food of Zegin).
Меѓутоа, најпознат е беровскиот мед, беровските слатка од шумски јагоди, капини и малини. Тука се произведува и прочуеното беровско сирење коешто има освоено врвни европски признанија и награди. Не помалку познати се и беровските компири, како и познатата малешевска ракија од модри сливи којашто е неизбежна во секој дом во Берово.
Од чаевите со лековити својства, најпознати се мајчината душица и кантарионот, како и беровскиот сируп што лекува бронхитис и ги прочистува дишните патишта. Според експертите, најголема концентрација на космичка енергија и кислород на Балканот има токму во Берово. Поради ова не напразно се вели: „Дојди во Берово да се регенерираш и да бидеш како нов!“
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН