Последен ден од изборната кампања пред неделниот втор круг од локалните избори

Последен ден од изборната кампања за вториот круг од Локалните избори 2021. Кандидатите за градоначалници во 44 општини во земјата, вклучувајќи го и Градот Скопје, ќе ја искористат можноста да ги испратат последните пораки до гласачите и да го придобијат нивниот глас в недела кога ќе се одржи гласањето. Изборниот молк започнува на полноќ и ќе трае, заклучно со 19:00 часот на 31 октомври.

Партиските лидери и кандидатите за градоначалници последните денови од кампањата ги користат да ги повикаат граѓаните во општините каде што се гласа масовно да излезат и да го искористат своето демократско право, но исто така сведоци сме на засилување на реториката на одредени кандидати и обиди за дискредитација.

Двата најголеми политички опоненти СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ синоќа беа меѓу скопјани. СДСМ во Карпош, каде еден од кандидатите за градоначалник е Душко Весковски, а свое обраќање имаа и кандидатот за градоначалник на Скопје Петре Шилегов, како и премиерот и лидер на партијата Зоран Заев, кој претходно во текот на денот имаше обраќање до нацијата и гостување на една од националните телевизии. ВМРО-ДПМНЕ имаше митинг во центарот на Скопје, каде зборуваа лидерот на партијата Христијан Мицкоски и кандидатката за градоначалник Данела Арсовска. ДУИ, пак, имаше собир во Тетово, каде нивна кандидатка е Теута Арифи, која имаше обраќање како и првиот човек на партијата Али Ахмети.

Заев искажа уверување дека успеале во овие десетина дена да испратиат сериозни пораки дека се обединети во коалицијата со партиите на Албанците и со граѓаните.

-Граѓаните ќе го дадат правецот дали ќе одиме кон модерно Скопје или назад кон лагите и лошото управување со Скопје. Граѓаните знаат дека овие четири години ги слушаме, знаеме да се корегираме, да се вратиме два чекори назад, како на пример со Закон за прогресивно оданочување. Game change е можност да сме поодговорни. Граѓаните знаат што е развој на Скопје, а што е измислување, правиме мостови на Вардар и даваме функционалност на градот и ги обедуниваме граѓаните, рече Заев во телевизиско интервју.

Заев најави зголемување на парламентарното мнозинство на владејачката коалиција за најмалку четири пратеници.

-Парламентарното мнозинство може да биде ново, но зголемено од постојното мнозинство и тоа се природни, реални работи кои што се случуваат денеска, лесно сфатливи за граѓаните, рече Заев

Од митингот во Карпош кажа дека таму е нивната шанса и за оваа општина и за Скопје и ги повика граѓаните од, како што кажа, прогресивната страна посочувајќи дека продолжуваат со борба за иднината.

-Ја примивме пораката од граѓанството кое не поддржува и учиме од таа порака, сме го покажале тоа повеќе пати. Сме знаеле да промениме одлука, да се вратиме чекор назад, сме знаеле закони да промениме затоа што му служиме на народот. Ние сме народна власт без разлика на централно, или на локално ниво. Еве и вчера Владата го слушна гласот на граѓаните од Бардовци и ја промени својата одлука затоа што ни докажаа и покажаа, ќе се бира друга локација за центарот за странци. Ни укажаа а ние слушаме, така ќе биде и понатаму. Затоа најавивме промена на играта – со воведување на дигитализацијата може да се слушне и секој персонален проблем. Нека знаат сите ние се менувавме и ќе се менуваме затоа што сакаме да испорачаме уште поголема успешност, ефикасност затоа што постоиме, функционираме за граѓаните и ќе бидеме успешни за граѓаните, рече Заев.

Според него, на кандидатот за градоначалник на ГРОМ Стевче Јакимовски, како што рече, не му значат ништо граѓаните, тој е колекционер на партиски книшки.

Заев ја повика кандидатката за градоначалник на Скопје Данела Арсовска да си поднесе оставка и да се повлече од кампањата, бидејќи вели, на најподмолен начин, се кандидира да биде градоначалник на Скопје- авангардата на државата, а е државјанин на странска земја за време на спорот со Бугарија и се обидува тоа да го сокрие.

Осврнувајќи се на понудата за вториот круг в недела, Заев посочи дека евидентна е разликата помеѓу Душко Вескоски и Петре Шилегов кои нудат напред наспроти Стевче Јакимовски и Данела Арсовска кои, вели, сакаат да не враќаат назад во режимот.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, од централниот митинг на партијата во центарот на Скопје кажа дека е подготвен да ја плати секоја цена за слободата и за новата заедничка иднина.

-Подготвен сум да ја платам секоја цена, затоа што народот е нашата сила, а ние неговата, и затоа што новата иднина е нашиот сон од кој нема да се откажеме, истакна Мицкоски.

Доколку е потребно, додаде тој, да се издржат сите измами и црна кампања на власта ќе го стори тоа и рече дека е подготвен да ја плати секоја цена за слободата и новата заедничка иднина во Македонија.

– Многумина ме прашуваат дали ме вознемируваат оние црни кампањи против мене и моето семејство, оние обвинувања, крици на лаги и страшни измами. Мојот одговор е до нив и до сите нивни привезоци, многу сум спокоен затоа што знам дека е ова последица на очај, последните чекори на апаратот којшто губи и сака да повлече сè со себе. Тие на тој начин го губат и своето достоинство, истакна Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека „власта со црната кампања и лагите само си го покажува вистинското лице, но од поразот нема да избегаат“.

Народот е нашата сила, потенцираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додавајќи дека судбините на сите луѓе од земјава се испреплетени и оти нема поделби туку само една заедничка Македонија.

Обраќајќи се кон власта, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека тие не можат „да го спречат овој бран на позитивна енергија и верба во сопствената држава и во себе“.

Мицкоски повторно ги спомена граѓаните кои се двоумат да излезат на гласање, посочувајќи на, како што кажа, филозофијата на надеж и вербата во новата иднина, која ни е на дофат.

Според него, кандидатката за градоначалник на Скопје Данела Арсовска деновиве е цел на, како што наведе, толку силни и подли напади, затоа што таа е сè што Шилегов и Заев не се во политиката.

Силата на Данела и нивната сила, рече Мицкоски, извира од мотивот да ги менуваат неморалот и работите што Шилегов и Заев ги претставуваат во политиката.

-И затоа кога удираат тие ниско, ние ќе одиме многу високо, рече Мицкоски.

Данела Арсовска, потенцира тој, не е политичар како Шилегов, таа е човек менаџер која ќе работи за градот.

-И не ја разбираат тие таа филозофија на жената, тој силен мајчински инстинкт за спротивставување и борба за вистинска слобода и напредок. Данела Арсовска е тоа што му е потребно на Скопје, мајка на градот, посветеност, за промени кои ќе го направат градот модерна метропола, рече Мицкоски.

Опозицијата, потенцира тој, создава блок кој ќе го порази Заев.

-Тоа е блокот и гласот на сите против Заев и таквите како Шилегов. Велеа дека е невозможно да се обединиме, еве нè, обединети и силни, рака за рака против политичарите кои го крадат народот. И затоа ќе победиме силно, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети рече дека во Тетово нивната победа е сигурна и оти е направена европска кампања.

-Се работи за победа со пот, со агенда и со дух, кај нашите политички опоненти има само политика, тие имаат сува кампања, само теорија, рече Ахмети.

Ние, потенцира тој, покажавме дека сме најдобри уште во првиот круг со освоени над 120 000 гласови.

-Сето ова не прави горди и покажува дека и на централно и на локално ниво народот не подржува, ја подржува нашата зелена агенда која претставува одлична понуда со која ќе донесеме почист воздух, почиста животна средина, а сето тоа можеме да го направиме затоа што имаме вистински луѓе. Арифи заслужува да биде градоначалник. Ќе работи во сите општествени сфери, истакна Ахмети.

Државната изборна комисија ги завршува подготовките за вториот круг од локалните избори. Денеска до општинските изборни комисии се доставуваат терминалите за отпечатоци од прсти, што првпат се применуваат на овие избори за утврдување на идентот на гласачите. Вчера беа дистрибуирани и гласачките ливчиња. Гласањето за вториот круг од изборите почнува утре (сабота) со гласање во домашни услови на болните, немоќните, лицата со Ковид-19 и во изолација, затворениците, лицата во страските домови.