Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, денеска во Секретаријатот за европски прашања се сретна со австриска делегација предводена од Клаус Велфер, шеф на Секторот за Западен Балкан и проширување на ЕУ при австриското Министерство за Европа, интеграција и надворешни работи, а во чиј состав беа и амбасадорите на Австрија во земјите од регионот.
Средбата е дел од пошироката активност на Австрија за подлабоко скенирање на состојбите во земјите од Западен Балкан, пред јунското преземање на претседавањето од страна на земјата со ЕУ.
Османи на средбата изрази благодарност од досегашната австриска поддршка за нашите евроатлантски аспирации и изрази надеж дека за време на австриското претседателство со ЕУ тие ќе продолжат активно да работат на процесот на проширување.
Изрази очекување дека австриската поддршка за Македонија и нејзините евроинтегративни процеси ќе продолжи со забрзано темпо, што на крајот би било крунисано и со преговори за членство во Унијата.
– Ако претседателството на Бугарија со Советот за ЕУ за нас претставуваше еден вид отскочна даска за враќање на земјава на европскиот колосек, наша интенција е за време на претседателствувањето на Австрија да ги започнеме преговорите за полноправно членство во Унијата, изрази Османи.
Во тој контекст Османи се осврна и на содржината на пораките содржани во Стратегијата на ЕК за проширување со земјите од Западниот Балкан до 2025 година посочувајќи дека Комисијата испрати јасни пораки дека Македонија треба да очекува чиста препорака за почеток на преговори со следниот извештај, но и согласно отстранувањето на политичките пречки, и одлука од страна на Советот на ЕУ за почеток на преговори.
– Добивме исклучително позитивни пораки од страна на Европската комисија, со кои се валоризира досегашниот напредок во имплементацијата на реформите и подготовката на земјата за напредок во евроинтеграциите, но и шанса за приклучок на динамиката 2025 на Европската комисија, истакна Османи.