Текстовите во продолженија ве дел од монографијата која е насловена „Илинден во Љубојно и Преспа“, издание на „Македонска искра“ од Скопје и на Македонско друштво „Љубојно“ од Детроит, отпечатена во 2013 година, на 320 страници на македонски и на англиски јазик. чиј автор е Славе Катин, а коавтор е Бошко Рајчовски – Пелистерски од САД. Делото е посвеtено на Илинден и на илинденските иселенички средби во Љубојно, како и на други теми и дилеми поврзани со Љубојно и етничка Преспа
Монографијата „Илинден во Љубојно и Преспа“ е сведок на судбини на Љубојно, на Преспа, на Македонија. Во делото е изразена силната љубов кон родната земја, особено на оние кои го напуштиле родното дедовско огниште, но се поврзани по семејна или друга врска со тој убав, борбен, патриотски и значаен дел на етничка Македонија.
Монографијата претставува значаен прилог и придонес на публицистичкото творештво. Таа е огледало и свидетелство на убавиот збор и откривање на судбината на печалбарскиот крај Преспа. Монографијата е документ за голем број луѓе, настани, појави, интелектуалци или вљубеници во дедовскиот крај, во Преспа. Всушност, тоа е дело особено за настаните во овој крај по повод „40-те Љубански илинденски иселенички средби“ и „Фолк – фест Преспа 2013“ кои се одржаа токму на ден Илинден во Љубојно.
Исто така, во оваа монографија се презентирани преспани кои живеат насекаде по светот, како и голем број факсимили од различни текстови и фотографии кои ја збогатуваат содржината на делото.
Монографијата „Илинден во Љубојно и Преспа“, на Славе Катин и на Бошко Пелистерски со сета скромност е огледало за начинот на комуницирањето, особено на иселениците во дијаспората, а преку нив и за нивниот живот и дело што ќе останат вечни и поттик за идните генерации да не ги забораваат трагите на вистината за Љубојно, за Преспа, за Македонија.
Во ова време на светска глобализација прекрасно е чувството кога ќе се најде на едно место најголемиот и најзначајниот дел од една историска вистина и судбина за настаните, личностите, за минатото, сегашноста и иднината на еден убав македонски крај од незаборавот како што е Љубојно и Преспа. Затоа, во монографијата се вели дека да се пишува за минатото и сегашноста за Љубојно, за Долна Преспа, за Македонците од поделена Македонија е одговорна задача, но истовремено причинува големо задоволство.
Старото училиште во Љубојно
Вечниот дом на Наум Манивилов
Бројот на литературните дејци од Љубојно кои објавиле свои дела е голем. Затоа во неколку продолженија ќе ги претставиме следните автори:
Богоја Ничевски има значајна улога како интелектуалец во Долна Преспа. Имено, тој е еден од првите македонски учители во Љубојно во 1944 година, кој им го покажа правиот пат на иднината на голем број негови ученици. Исто така, тој е првиот љубанец кој објавил свои дела и кој широко ги отворил вратите на многумина од Љубојно и Долна Преспа да се занимаваат со пишување и да станат познати и признати автори во Македонија и пошироко.
Инаки, иселеничката проблематика го прогонувала подолг период, затоа и првите чекори во пишувањето ги започнал со пишување на иселеничка тема. Како резултат на неговата опсесија за печалбарството во педесеттите години ги објавил своите дела: „Еден заборавен живот“ и „На брегот на реката Охајо“.
Наум Манивилов-Преспански е еден од првите поети во Македонија кај заедно со Петре Андреевски, Јован Котевски и други во својата поезија изразувал силни чувства кон родната земја. Тој пишувал за љубената, за Љубојно, за Преспа, за животот во Скопје и со специфичен здив и боја на оваа наша убавина, но и тага.
Неговата поезија, иако прекината со прераната трагична смрт, оставила силен печат во тогашната развојна етапа на македонската лирика; таа е исполнета со младешки жар и копнеж за слободен израз. За жал, тој се самоубил уште млад кога ги пишувал текстовите во „Нова Македонија“.За него и и неговиот живот најубаво кажал еден од најдобрите македонски писатели Наумовиот најдобар другар Петре М. Андреевски…
Наум Манивилов – Баљко, како обично го знаат во Љубојно беше роден во 1934 година во Љубојно, а почина на 8 октомври 1961 година. За- врши гимназија, а работеше во весникот „Млад борец“. Член на друштвото на писателите стана во 1960 година. Тој е автор на стихозбирките „Преспа“ (1961) и „Ноќен патник“ (1963) кои се отпечатени посхумно. Избор од неговата поезија е објавен и е уреден од Слободан МицковиЌ кој исто така го напиша и предговорот.
Инаку, културната манифестација “Актерот на Европа 2016″ во Ресен беше отворена со изведбата на ресенската драма „Умирам пеејќи, Наум Манивилов-Преспански“, по текст на Петре М. Андреевски, во режија на долгогодишниот театарски работник Сотир Чаушевски и во изведба на младите актери Марија Кондовска и Никола Источки. Манифестацијата започна на ресенскиот отворен театар (кај Гимназијата).
Исто така, на триесет и четвртите Љубански илинденски иселенички средби што се одржаа во 2007 година на кои се продолжија традициите од предходните години, во вечерните часови Илинден беше збогатен со необичната и професионална изведба на љубанската поезија „Мементо“ за Наум Манивилов – Преспански во режија на Владо Цветановски и амбасадорот Јордан Плевнеш, а по сценарио на Бошко Рајчовски – Пелистерски. Во оваа иведба учествуваа групата „Љубојна„ од Битола и актерите Бошко Бозаџиевски и Елена Трајковска
Наум Манивилов – Баљко замина во вечноста , но неговиот споменик во Љубојно остана вечно љубанци и неговите обожаватели да се сеќават на неговата младост, неговата поезија и неговиот лик.
Мето (Методија) Фотев е роден на 14 март 1932 година во Љубојно. Завршил Учителска школа во Битола, а работел како уредник во Македонското радио и телевизија. Член на Друштвото на писатели- те е од 1957 година.
Тој е значајна личност во македонската литература. Неговиот богат литературен опус, во кој, меѓу другото, ја третира и иселеничката судбина на печалбарите од езерската земја, Македонија, претставува дел од македонската литературна книжнина и прилог кон севкупните вредности на пишаниот збор. Со своите литературни остварувања, тој си обезбеди посебно место меѓу македонската писателска фела, а како потомок на печалбар и со своите дела за раселените по светот е омилен меѓу чи- тателите во македонската дијаспора.
Методија Фотев е автор на неколку романи меѓу кои: „Потомците на кат“ (1966), (преведен и на српски јазик). Со овој роман Мето Фотев го достигна врвот на неговиот успех и се вброи меѓу значајните, познатите и признати романсиери во Македонија, за што ја доби наградата „11 Октомври“. Во овој роман тој вклучи уште една земја која се вика Долна Долина, име под кое го препознаваме крајезерскиот селски рај на Преспа.
Со романот ,,Потомците на кат”, се чини Мето Фотев го достигна врвот и се вброи мегу значајните, познати и признати романсиери во Македонија. Но, тој не се предаде на славата, туку почна и понатаму да твори.
Така, во 1969 година во издание на Издавачката куќа ,,Култура” од Скопје, му излегува вториот роман ,,Селани и војници”. Истата година, Фотев за ова дело ќе ја добие наградата ,,13 Ноември”, за потоа во 1977 година ,,Матица српска” од Нови Сад, да го издаде романот ,,Селани и војници” на српскохрватски јазик.
Се смета дека романот ,,Потомците на кат” на авторот Методија Фотев му донесе високи и заслужени признанија, а романот ,,Селани и војници”, кој е еден вид продолжение на првиот, ги потврдува раскажувачките квалитети на авторот, ја продолжува линијата на неговиот растеж и го зацврствуа неговото место меѓу врвните прозаисти во Македонија
Во 1970 година Методија Фотев го печати својот трет роман ,,Големите скитачи” во издание на издавачкото претпријатие ,,Мисла” од Скопје. Ова литературно дело доживеа во 1974 година, приштинската издавачка куќа ,,Рилиндија” да го издаде романот ,,Големите скитачи” на албански јазик.
Во четвртиот роман „Неплодна вода“ (1978), Мето Фотев успева длабоко да проникне во душата на човекот како во неговата колектив- на, така и во индивидуалната психологија. Затоа, со право се вели дека Мето Фотев, или како еден мој пријател го нарече „струшки скопјанец од Љубојно”, е автор за кого романот претставува огромно искушение, но во исто време излив на чувства, познавање на приликите, различните ка- рактери, за што тој има изразито раскажувачки способности.
Петтиот роман на писателот Мето (Мето- дија) Фотев, кој е еден од доајените на македон- ското Друштво на писатели,е „Вивариум“(2010). Овој роман содржи пет дела со елементи на проза и есеи во кои авторот го користисвоето богато и креативно искуство. За романот „Вивариум“ писателот Мето Фотев ја доби наградата„- Дијалог”.
Инаку, за творештвото на Методија Фотев пишувале плеада врвни македонски писатели, критичари, литерати, интелектуалци, новинари, публицисти и влубеници во неговите дела. Меѓутоа, со поголем дел од ова скромно видување на животот и делото на овој значаен, познат и признат романсиер авторот на овој текс, Славе Катин имаше за цел да даде прилог кон прославата на Илинден и на Иселеничките средби во Љубојно во.2010 година.
Тоа, секако, беше направено да се претстави Методија (Мето) Фотев пред голем број иселеници од сите континенти во онаа светлика во која тој заслужува на таков голем празник да се слави неговото име и дело, а љубанци и сите дојденци на Илинед да се гордеат што печалбарско Љубојно роди еден таков познат и признат романсиер и голем син на Македонија, кому животна преокупација му се разделена Преспа и иселеништвото
Продолжува
Пишува СЛАВЕ КАТИН