Во февруари трошоците на живот повисоки за 1,9 отсто

Трошоците на живот во февруари годинава во однос на претходниот месец бележат раст од 0,2 отсто, а во однос на февруари лани 1,9 проценти. Во февруари годинава во однос на јануари 2018 година цените на мало бележат раст од 0,1 отсто, а во однос на февруари лани 3,5 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Пораст на индексите на трошоците на животот во февруари 2018 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежото и разладеното овошје за 5,3 отсто, замрзнатите морски плодови за 1,1 отсто, месото за 0,9 отсто, другите  преработки од месо за 0,8 отсто, свежата и разладената риба за 0,4 отсто, сушениот зеленчук, другиот конзервиран и преработен зеленчук и безалкохолните пијалаци за 0,3 отсто.

Во февруари 2018 година, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај болничките услуги за 3,8 отсто, течните горива за домаќинствата за 1,5 отсто, поправката на аудиовизуелната, фотографската и информатичката опрема за 1,4 отсто, мебелот за домаќинствата за 1,2 отсто, течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства за 0,8 отсто, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0,6 отсто, авионскиот превоз на патници, дисковите, касетите, дискетите, цедеата, филмовите за 0,4 отсто, текстилот за домаќинствата, малите
електрични апарати, услугите за одржување на станот, резервните делови за сообраќајните средства, другите лични предмети за 0,3 отсто, обувките, средствата за чистење и одржување на станот и информатичката опрема за 0,2 отсто.

Намалување на индексите на трошоците на животот во февруари 2018 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај замрзнатиот зеленчук освен компирот и другите коренести плодови за 0,9 отсто, сувото овошје и јаткастите производи за 0,7 отсто, другите прехранбени производи за 0,6 отсто, другите пекарски производи, свежиот и разладениот зеленчук освен компирот и другите коренести плодови за 0,5 отсто, другите преработки од риба и морските плодови,
јајцата за 0,4 отсто, оризот, млекото и јогуртот за 0,2 отсто.

Намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај гасот за домаќинствата за 2,8 отсто, градините, растенијата и цвеќињата за 1,6 отсто, цврстите горива за 1,1 отсто, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 0,9 отсто, теписите и другите покривки за под, парамедицинските производи за 0,6 отсто, облеката, стаклените садови, кујнискиот прибор и другата опрема за 0,5 отсто и услугите за сместување за 0,3 отсто.