Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска од митингот во Неготино ја побара поддршката за кандидатот за градоначалник и советничката листа на партијата, повикувајќи ги граѓаните на обединување, како што рече „за поразување на криминалот и корупцијата, да создадеме подобра и побезбедна иднина со отворање и на нови работни места“.
– Почитувани мои пријатели, сонародници, граѓани треба заеднички да го градиме нашиот нов, патриотизмот на 21-от век. Нашиот заеднички патриотизам, модерен, обединувачки. Заедничкиот патриотизам е да ја победиме заедничката мака и да создадеме заедничка иднина, да се разбираме едни со други. Да покажеме дека политичарите кои што се на власт, без разлика дали тоа сме ние од ВМРО-ДПМНЕ или овие кои што сега се на власт не ги поседуваат гласовите во џеб, туку треба напорно, макотрпно да работат и да се помачат да ја заслужат довербата на граѓаните, истакна Мицкоски.
Тој порача дека заеднички патриотизам е кога ќе се обединиме и заедно се бориме и ќе успеваме да ги решаваме проблемите и предизвиците со кои се соочува Македонија, како на пример заеднички да успееме да ги вратиме назад македонските граѓани кои емигрирале по белиот свет.
– Заеднички патриотизам е заеднички да успееме, заеднички да ги вратиме добрите луѓе кои што емигрираат, назад во Македонија. Заеднички патриотизам е да бидеме без предрасуди, да го победиме криминалот, корупцијата, неправдите. Заеднички патриотизам е народот да има повеќе пари во џебот, повеќе можности за развој, да носиме добри вести, да се радуваме на новите работни места, порача Мицкоски од Неготино.