Истражните органи работат на откривање на причините за пожарот во Тетово, од извештајот зависат оставките

Продолжува истрагата на надлежните институции за пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица, а од Владата очекуваат брза истрага. Од експертскиот форензички извештај од истрагатa ќе зависи и одлуката за понудената оставка на министерот за здравство Венко Филипче.

Предмет на разгледување и анализа ќе биде целокупната документација за изградбата на модуларната болница, а поднесено е и барање за помош во кривична постапка до Основното јавно обвинителство во Велес за да се одземе целокупната документација за изградба на болницата од компанијата од Велес. Побарано е да се обезбедат податоци и во врска со лицето кое било одговорно за раководење со изградбата, лицето кое имало овластување за надзор и дали е извршен технички прием. Доколку е извршен технички преглед, се бара кој го извршил и кои лица ја изготвиле техничката спецификација за јавната набавка за модуларните болници.

– Дополнително доставена е наредба до ЈЗУ Клиничка болница во Тетово за доставување на податоци во насока да се утврди дали ЈЗУ Клиничка болница во Тетово има изготвено Елаборат за складирање на хемикалии и горива, како и генератори при прекин на струја, како и да се достави Планот за електрична инсталација на Модуларната болница. Издадена е писмена наредба до ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, да се достави Планот – елаборат на системот за снабдување со кислород со доводи, цевки и приклучоци за Модуларната болница при ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, информираше вчера ОЈО.

Од ЕВН Македонија – КЕЦ Тетово се бара да го достави планот за електричната инсталација во модуларната болница, а се бараат и снимките објавени на социјалните мрежи особено оние во текот на пожарот, како и службените белешки или записници за извршени разговори на критичниот ден.

– По прибирање на потребните податоци, лицата ќе се сослушаат во Основно јавно обвинителство во Тетово и ќе биде подготвен посебен извештај во врска со првопристигнатите полициски службеници, во смисла на тоа дали презеле некои дејствија на кршење на прозори, врати или ѕидови или во внатрешните простории, дали некое полициско лице било присутно на лице-место, за начинот на кој е известено во СВР-Тетово за настанатиот пожар, како и од кого биле известени, соопшти ОЈО.

Од Градежниот институт „Македонија“ се бара да направи вештачење на опожарениот градежен материјал односно да испита од каков материјал е изработена модуларната болница, а се преземаат и дејствува со цел да се утврди какви мерки на противпожарна заштита се применети во модуларната болница. Паралелно со ова се сослушуваат и сведоци.

Додека трае истрагата, останува отворено и прашањето за оставките на министерот и заменик-министерот за здравство и двајцата директори на тетовската Болница. Дотогаш тие ќе ја извршуваат функцијата на која се назначени.

– Се додека не биде правно формално тргнат од неговата функција, како министерот, така и заменик-министерот, директорот и економскиот директор на болницата, должност им е да ја извршуваат својата функција до доаѓање на нови, изјави вчера Заев, одговарајќи на новинарско прашање дали министерот за здравство Венко Филипче доаѓа на работа. 

Според премиерот, нема потреба цела Влада да поднесе оставка.

– Трагедии се случуваат насекаде во светот. И како што реков, во соопштението до јавноста, го разбирам високиот морален чин од страна на министерот, заменик-министерот, директорот и економскиот директор на болницата, како чин којшто е пред се од човечка причина, чин којшто пред се од етички, морален аспекти. Не мислам дека целата Влада треба да си поднесе оставка заради ова, рече Заев.

Во истрагата треба да се вклучат и експерти од Германската федерална криминалистика. Премиерот вчера изјави дека е пристигната претходницата која го обезбедува просторот и која го подготвува теренот за форензичарите.

Според надлежните, проектот за модуларните болници е реализиран преку Светска банка, а во неговата реализација биле вклучени министерствата за труд и социјална политика и за здравство. Уверуваат дека е реализиран според сите прописи.

Во меѓувреме, во земјава вчера се регистрирани нови 183 случаи на Ковид-19 од направени 2.035 тестирања. Повеќе од половина од новопријавените случаи или поточно 132 случаи се во Скопје. Починати се 18 лица, а оздравени 531 пациент. Бројот на активни случаи е 13.045.