Голем број љубанци кои заради своите постигнувања на национално и општествено поле, потоа во политиката, образованието, науката, дипломатијата, културата, публицистиката, спортот и други гранки имаат пошироки општестени заслуги, затоа, одреден број од нив се опфатени во овој дел на текстовите во продолжение. Меѓу нив се: Проф. Д-р Васил Граматниковски е првиот доктор на науки од Љубојно. Тоје роен на 15 јануари 1934 година во Љубојно. Основно образование завршил во родното место, а гимназија во Битола во 1956 година. Истата година се запишал на Природно-математичкиот факултет во Скопје на Групата за географија, а студиите ги завршил во 1960 година. Во 1962 година бил избран за асистент на Географскиот институт на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Како асистент завршил постдипломски студии од областа на аграрната географија на Филозофскиот факултет во Љубљана, во 1968 година. Потоа, со одобрение од Наставно-научниот совет, одржувал настава по предметот стопанска географија, а во 1972 година бил избран за предавач по предметот општа стопанска географија. Во 1974 година докторирал на Географскиот институт на Природно-математичкиот факултет во Скопје, на тема „Природно-географските и социоекономските процеси во Преспанската Котлина како фактори што го условуваат идниот стопански развиток на Котлината”. Во 1975 година бил избран во звањето доцент по предметот општа стопанска географија. Во звањето вонреден професор е избран во 1980 година, а во звањето редовен професор е избран во 1985 година..Неговата научна и стручна ориентација е стопанската географија во која се усовршувал преку поголем број студиски престои во странство. Од вкупно објавените 74 труда, 5 се објавени во странство. Резултатите од научно-истражувачката активност ги презентирал и на повеќе научни собири во Република Македонија и во странство. Неговата наставно-научна активност се надополнува и со општествена активност. Меѓу другото, бил декан на Географскиот факултет, а во два мандата бил шеф на Географскиот институт. За својата активност има добиено Орден на трудот со златен венец.
Проф. д-р Лазар Србиновски е доктор на науки и е еден од основачите на Клиниката за кардиологија при Медицинскиот факултет во Скопје и доајен на македонската кардиологија. Тој е роден на 25 март 1933 година во Љубојно.. Основно и средно образование завршил во Битола. Во учебната 1955/56 година се запишал како редовен студент на Медицинскиот факултет во Скопје и дипломирал во 1961 година. Како лекар првпат се вработил во Медицинскиот центар во Охрид. Во 1964 година започнува со работа на Интерната клиника при Медицинскиот факултет во Скопје, а специјализација по Интерна медицина завршува во 1968 година. Во 1972 година бил на стручно усовршување во единиците за Интензивна коронарна нега во Белград, Загреб и Љубљана, а во 1973 година ја вовел и организирал Првата коронарна единица во Република Македонија. Во текот на 1974 година па сė до 1976 година бил на стручно усовршување и супспецијализација по кардиологија во траење од две години во „THORAX CENTRUM” на Универзитетот во Ротердам – Холандија. Проф. д-р Лазар Србиновски по завршената едукација во земјата и странство се оформува како познат и афирмиран кардиолог на проблемите на ургентната медицина и ургентната кардиологија. Особен интерес посветува на интензивното лекување на болните со коронарна артериска болест на срцето, откривањето, дијагностицирањето и лекувањето на акутниот инфаркт на миокардот, примена на електрошок терапија, како и електростимулација на срцето. Во 1973 година ја вовел и практично ја применил привремената и трајната електростимулација на срцето и извршил имплантација на пејсмејкер на првиот пациент во Република Македонија. Тој има успешно имплантирани пејсмејкери на повеќе од 1600 пациенти. Како раководител на Клиниката за кардиологија воспостави богата научно-стручна и едукативна соработка со голем број познати кардиолошки институции на просторите на поранешна Југославија и во странство, Софија, Хјустон, Ротердам, Нирнберг, со што се овозможи едукација на лекарскиот кадар на Клиниката за кардиологија и афирмација на македонската кардиологија. Проф. д-р Лазар Србиновски долго време бил управник на Одделот за кардиологија и постдипломски студии. Тој бил ментор на многу студентски дела, 12 магистерски труда и 11 научни тези кои беа успешно завршени и нивните автори се познати имиња од областа на медицината. Проф.д-р Никола Јанкуловски e роден 1958 година во Ресен, но неговите семејни корени се од познатата љубанска фамилија Јанкуловци. Завршил Медицински факултет и во 1985 година се вработил на Клиниката за дигестивна хирургија. Во 1988 година е избран за помлад асистент, а во 1991 година е избран за асистент. Во 2002 година на Медицинскиот факултет во Скопје ја одбранил докторската дисертација под наслов „Процена на имунокомпетенцијата кај билијарната опструкција и улогата на билијарната дренажа врз прогнозата на болеста“, а во 2004 година е избран за доцент по предметот хирургија. Од 2007 до 2009 година бил директор на Универзитетската клиника за дигестиван хирургија. Од 1 април 2009 година ја извршува функцијата декан на Медицинскиот факултет во Скопје. Во меѓувреме реализирал повеќе студиски престои на универзитетски клиники во Србија, Швајцарија, Германија, Италија, Австрија и Велика Британија. Активно учествувал во работата на комисиите и одборите при Лекарската комора на Република Македонија, Медицинскиот факултет и Универзитетот „Св Кирил и Методиј“. Објавил околу стотина трудови и учествувал на број- ни конгреси, симпозиуми, семинари и повеќе меѓународни проекти. Два мандатите е ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Проф. д-р. Цвета Карапашовска-Толевска e родена во Љубојно на 29.5.1945 година, каде и завршила основно училиште, а гимназија завршила во Битола во 1964/65 година. Истата година се запишала на Медицинскиот факултет во Скопје, каде дипломирала во 1970 година. Во 1972 година се вработила на Институтот за радиотерапија и онкологија во Скопје, а во 1978 година положила специјалистички испит по радиологија. Потоа, во 1985/86 година била на супспецијализација во болницата „Хенри Форд“(Henry Ford Hospital) во Детроит, САД. Во 1991 година ја одбранила докторската дисертација од областа на малигните тумури на централниот нервен систем на тема: „Хиперфракционирана радиотерапија и хемотерапија со BCNU кај малигните супратенторијални астроцитоми“. Следната година била избрана за доцент по предметот радиотерапија и онкологија, во 1997 година беше избрана за вонреден професор, а во 2002 година за редовен професор по истиот предмет на Медицинскиот факултет во Скопје. Во еден период (1999/2000 година) била директор на Институтот за радиотерапија и онкологија, а во 2010 година се пензионирала како редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје. Медицински факултет Учествувала на многубројни симпозиуми и конгреси од областа на онкологијата во татковината и во светот (Париз, Виена, Мадрид, Милано, Берлин, Тел Авив, Рио де Жанеиро, Пекинг). Била член на повеќе регионални и европски здруженија (BUON, ESTRO, ESMO). Таа е автор и коавтор на повеќе од стотина стручни и научни публикации во домашни и странски стручни списанија и добитник е на бројни признанија. Проф. Д-р Цвета Толевска е коавтор на учебникот „Радиотераписка онкологија“ издаден во 2002 година како заеднички труд на наставниот кадар при Катедрата по онкологија со радиотерапија, а има публикувано и други стручни и научни трудови. Медицинскиот факултет засекогаш ќе и’ остане благодарна за се’ што твореше и се“ што направи преку својата самопрегорна работа и посветеност на Факултетот преку студентите, специјализантите, магистрантите и докторантите. Д-р Спасе Јовковски е роден 1948 година во Љубојно, а основно и средно образование завршил во Скопје. Студирал на Медицинскиот факултет во Скопје каде и завршил во 1973 година, а потоа една година бил во Одделот за хирургија во Општата болница, „Bromsgrowe“, во Велика Британија. Во периодот од 1975 до 1979 година специјализирал на Одделот за неврохирургија на Медицинскиот факултет во Скопје и Неврохируршкиот департмент на Медицинскиот факултет во Белград, потоа станал специјалист по неврохирургија на Одделот за неврохирургија во Скопје. Во 1990 година се стекнал со титулата – доктор на науки на Медицинскиот факултет во Скопје на тема: „Прогнозата на исходот од кома пациентите поради голема повреда на главата – математичкиот модел“. Од 1983 до 1991 година, меѓу другото, бил шеф на амбулантата на Одделението за неврохирургија; шеф на Одделот за невротрауматологија на Одделот за неврохирургија на Клинички центар; потоа бил асистент-професор по хирургија и претседател на Општа хирургија на Медицинскиот факултет. Тој е член на Редакцискиот совет на „Македонскиот медицински преглед“; уредник и одговорен уредник на списанието „Vox Medici („Глас на докторите“) на Лекарската комора на Македонија; член на Европската асоцијација за траума и итна хирургија во Осло и соработник на Меѓународниот колеџ на хирурзи во Чикаго. Тој е претседател на Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) и претседавач на Федерацијата за меѓународен автомобилизам (ФИА) за Регионот 1 (Европа, Среден Исток и Африка), која организира натпревари за Формула 1. Д-р Спасе Јовковски, меѓу другото, беше актуелен професор по хирургија и неврохирургија на Медицинскиот факултет во Скопје; шеф на Одделот за неврохирургија на Клиничкиот центар. Продолжува Пишува СЛАВЕ КАТИН |