Писмена реакција за нападите кон Македонската Дијаспора

Почитувани,

Во врска со нападите кон Македонската Дијаспора чиј непосреден повод беа масовните протести низ целиот свет на глобалната коалиција „Ние сме Македонија“ под мотото “во одбрана на нашето право на самоопределување и заштита на Македонскиот идентитет“, Претседателот на Македонска Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната реакција:

Јавно ги повикуваме перјаниците на власта веднаш да престанат со нападите и обидите за дискредитација на Македонската Дијаспора. Македонската Алијанса ги осудува сите облици на насилство, палењето на знамиња и фотографии на политичари, исто како што реагиравме и на вандализмот за време на „шарената револуција“. Но, нема да дозволиме нашите браќа и сестри Македонци да бидат шиканирани само затоа што сега не мислат исто како Зоран Заев, Никола Димитров и Радмила Шекеринска. Тезите дека Дијаспората е одродена затоа што живее и работи
во западниот свет и заради тоа нема право да ја брани Татковината се самоубиствени за Македонското национално ткиво. Наместо да се омаловажува и мрази нечиј успех во Европа, САД или Австралија, треба да се погледнат фактите. Погледнете конкретни примери. Зарем не сме покажале како се сака Татковината со душа и срце? Живееме и работиме и во Македонија! Од независноста до сега непрекинато вложуваме во бизниси во Македонија кои вработуваат илјадници луѓе, донираме и помагаме таму кај што е најпотребно, секојдневно лобираме за заштита на историското и духовно наследство на Македонија. Го вложуваме најмилото. На своите деца им ја пренесуваме љубовта кон родната грутка, и иако родени надвор доаѓаат, учат и водат бизниси во нашата Татковина.

Зошто сега не ви чиниме? За да бидеме добри и прифатливи треба да се согласуваме со сервилната надворешна политика на актуелната Влада? Треба да се согласиме дека во Бугарија нема Македонци и дека ОМО Илинден Пирин никогаш нема да се регистрира? Да се согласиме со теророт кој Албанскиот политички фактор го врши врз целиот Македонски народ со Законот за двојазичност? Да аплаудираме на преименувањата на аеродромот, автопатиштата и отстранувањето на спомениците? Како може да сте слепи за Македонскиот народ кој вчера беше на плоштадот во Скопје? И конечно, ќе станеме добри и подобни ако се согласиме со уцените на
нашиот јужен сосед да прифатиме ново име, слеано, без англиски превод, со Уставни измени и нов идентитет на Македонскиот народ?

НЕ, НЕ, ТОА ОД НАС НИКОГАШ НЕМА ДА ГО ДОЖИВЕТЕ! МАКЕДОНИЈА БИЛА, Е И ЌЕ ОСТАНЕ МАКЕДОНИЈА! НИЕ НЕ СЕ БОРИМЕ ЗА ГОЛА ВЛАСТ! НЕ ПРАВИМЕ ПОЛИТИЧКИ ПАЗАРИ!

Клучната дилема е зошто и Зоран Заев, Радмила Шекеринска и Никола Димитров, не застануваат зад сопствениот народ? Зошто упорно си ставаат товар и превземаат одговорност за нешто што не можат да го исполнат.

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА
Претседател,
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски