Ќе се реконтруира спомен куќата на Христијан Тодоровски – Карпош

Единствената спомен куќа во Куманово посветена на народниот херој Христијан Тодоровски Карпош ќе се збогати со нови содржини и секојдневно ќе биде отворена за јавноста.

Стручните екипи последен пат извршиле интервенции врз фасадата и внатрешното уредување на куќата  во 1994-та година. Куќата на народниот херој е сместена на крак од улицата која е именувана според кумановскиот командант. Досега, единствено беше отворена за граѓаните при одбележување на годишнини  од смртта на Карпош, на 7 февруари. На овој датум, делегации од поддржувачите на Народноослободителната борба, локалните власти, Армијата на Република Македонија и училишта му оддаваат почит на познатиот стратег во борбите против окупаторите во Втората светска војна. Куќата музеј на Христијан Тодоровски Карпош била отворена на 4 јули 1979 година. Четирите соби и просторот со вкупна површина од 84 метри квадратни се  уредени во автентичен стил, соодветен за време на изградбата на куќата во 1915-та година.

Обиди да се реконструира спомен куќата, според надлежните од кумановскиот музеј имало пред две години. Музејот доставил проект до Министерството за култура, но поради одредени недостатоци, тогашната комисија од Министерството го одбила. Надлежните од музејот потврдуваат дека ќе го преработат проектот и ќе започнат со подготовка на проект за санација на спомен куќата и изработка на концепт за поставување поставка која ќе биде збогатена со нови содржини, со дополнителни елементи, осветлување, така што постоечкиот материјал ќе биде презентиран на современ начин.

– Изминативе години поради негрижа или невнимание, спомен куќата не ја добила потребната поддршка, иако заслужува посебен третман. Последен пат било интервенирано пред речиси дваесет и пет години. Кои се причините и зошто досега не е интервенирано, не знам и не навлегувам во тоа. Недостатоците од претходно поднесениот проект ќе ги отстраниме и се надеваме дека ќе започнеме со реализација на обновата на спомен куќата, вели директорот на Националната установа  Музеј Куманово, Богдан Таневски.

Барање за санација и одржување на спомен куќата доаѓаат и од локалното здружение на Сојузот на борците од НОБ и нивните поддржувачи. Од здружението оценуваат дека и досега спомен куќата не била во лоша состојба, но сметаат дека е значајно да биде отворена секојдневно за пошироката јавност, пред се за младите генерации кои ќе имаат можност детално да се запознаат со историјата.

– Ние како Здружение немаме средства за одржување  на спомениците, вклучително и за спомен куќата на Х.Т. Карпош,  но наша  обврска е да сигнализираме, укажуваме, апелираме, ваквите споменици да се чуваат. Задолжен за спомен куќата на Карпош е НУ Музеј и засега можеме да кажеме дека како здружение  сме задоволни од одржувањето на спомен куќата“, вели секретарот на Здружението на борците од Куманово, Благе Јакимовски.

Проектот  за доуредување на спомен куќата го поддржува и семејството на народниот херој. Еден од неговите внуци, Владимир Тодоровски смета дека преку проектот, надлежните институции покажуваат соодветна грижа за зачувување на спомениците на културата , вклучително и за делото на неговиот чичко. Тој раскажа  дека  тогашните општински власти ја откупиле куќата од неговото семејство во 1973-та година. Куќата била урната и повторно на истата локација била изградена нова. Во близина се наоѓале и куќите на поширокото семејство Тодоровски кои низ годините биле продавани.

– Можам да кажам дека со малку волја од страна на Музејот оваа куќа ќе понуди поинаков пристап од досегашниот во однос на презентирањето на делото на командантот, мојот чичко Карпош, вели Тодоровски.

Тој раскажува дека Карпош бил еден од четворицата синови на Ангел и Трајанка, роден 1921 година  кои живееле во овој стар дел на Куманово. За херојството и одлучноста при водењето на борбите во Козјачијата слушал и од постариот чичко кој бил командир на чета и кој раскажувал дека и покрај тоа што бил постар морал да ги следи наредбите од помладиот брат-командант.

– Бил бестрашен и многу праведен, раскажува Тодоровски.

Историчарот Марија Живачки вели дека Христијан Тодоровски Карпош бил одличен ученик и бил ослободен од полагање на матура во кумановската гимназија. Школувањето го продолжил во Вишата самоуправна гимназија каде поради ширењето на комунистичка пропагана бил исклучен од гимназијата. По окупацијата, дејствувал во Козјачкиот партизански одред. Од 28 август 1943 година, Кумановскиот партизански одред дејствувал самостојно на чело со Христијан Тодоровски Карпош.  Со овој одред Карпош дејствувал во селата, Карпино, Драгоманце, Думановце.

По наредбата на Главниот штаб на НОВ, Кумановскиот партизански одред прераснал во Прв кумановски баталјон „Јордан Николов – Орце“. За командант на баталјонот е назначен Христијан Тодоровски Карпош.

– Значајни борби што ги водеше батаљонот „Јордан Николов – Орце“ се против Вардарскиот четнички корпус на 10 декември 1943 година во село Дренк, со бугарскиот полициски одред Бенковски на 13 јануари 1944 година во село Пелинце и на 7 фебруари 1944 во село Биљача Прешевско, против бугарската војска и полиција каде што загинува командантот на баталјонот Христијан Тодоровски Карпош. Тој е прогласен  за народен херој на 29 јули 1945 година, појаснува историчарката Живачки.

Граѓаните на Куманово, Сојузот на борците и семејството на Карпош, сметаат дека институциите треба да водат грижа за зачувување на спомен куќата, токму поради значењето што го има еден од шестмината народни херои кои животот го дале за денешно слободно Куманово и слободна Македонија.

– Она што некогаш било, се случувало, ако не се навраќаме на него, ако не го одбележуваме за наредните генерации, тоа паѓа во заборав и исто како да не се случило. Тоа не смееме да го дозволиме, вели Јакимовски од Здружението на борците.

Пред две години и советот на општина Куманово донесе одлука со која формално правно спомен куќата на херојот се отстапува на користење на НУ Музеј Куманово, иако беше посочено тогаш, општината никогаш фактички и не управувала со овој објект, туку ресорното министерство и соодветните институции. Одлуката беше донесена со цел да се создадат услови со кои спомен куќата ќе биде постојано отворена за посетители. Проектот што ќе се реализира, се надеваат од Музејот ќе привлече поголем број на туристи. Предвидено е да има постојан кустос кој слично како и на локалитетот Кокино и во галеријата во црквата „Свети Никола“ ќе биде достапен за предавања не само за учениците, туку и за делегациите кои од различни причини ја посетуваат општината.

И покрај тоа што не е интервенирано, последниве две и пол децении, спомен куќата на Карпош  се наоѓа  во задоволителна состојба. Во просториите постирани се фотографии, документи, оружје од тој период, експонати, покуќнина, предмети кои ги користело семејството на Карпош.

Со новата поставка, институциите покажуваат одговорност и грижа за зачувување на спомениците на државата од тој историски период на македонската држава. Реновираната спомен куќа ќе привлече посетители од другите градови на Македонија, но и туристи од другите држави коишто се запознаени  делото на народниот херој, кумановскиот командант  Христијан Тодоровски – Карпош.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *