Амбасадорот на Руската Федерација Олег Шчербак, оствари средба со градоначалникот на Битола Наташа Петровска. Од општина Битола информираа дека на работната средба се разговарало за соработка на повеќе полиња од надлежност на локалната самоуправа но со меѓународен предзнак.
– Првото дипломатско претставништво во Битола доаѓа токму од Русија, и тоа дополнително обврзува на соработка. Зборувавме за предизвиците со кои се соочува нашиот град, за перспективите и можностите за идна соработка и поддршка од страна на Русија, истакна по средбата со рускиот амбасадор, градоначалничката Петровска.
Амбасадорот Шчербак, нагласи дека Русија е подготвена во понатамошниот период соработката да се развива на сите нивоа, односно културна, туристичка, инвестициска и секаков друг вид соработка.
– За нас Русите, Битола е многу важно место затоа што, токму од Битола, во 1860 година, беше основано руско дипломатско претставништво и почна руската дипломатија на Балканот. Русите секогаш одговараат со добро на добро. Оние луѓе кои беа дојдени тука во Битола со својот труд и вредна работа се заблагодарија за приемот. Руските инженери, наставници, професори, лекари, многу придонесоа за развојот на Битола во 20-те и 30 те години на 20. век, нагласи амбасадорот Шчербак.
Престојот и посетата на амбасадорот Шчербак завршува вечерва во Меѓународниот Славјански Универзитет „Державин“ каде ќе биде отворена изложба посветена на придонесот на руските доселеници на развојот на Македонија.