Извор од грчко МНР: И ние запаливме нивни знамиња

И ние запаливме знамиња во Солун и се слушнаа слогани „земете оружје да одиме во Скопје“, коментирал висок функционер од грчкото МНР за грчката ТВ Антена во врска со запаленото знаме на вчерашниот протест во Скопје и дали тоа ја загрижува владата.

Истиот извор на прашањето на Антена „за зголемениот тон во последните изјави на Заев“, упатил на коригираните изјави на македонскиот премиер во однос на имињата што се на преговарачката маса, но и за барањето за промена на Уставот.

– Во однос на текот на разговорите за скопското прашање, за процените за договор уште во текот на март, истиот извор коментираше: „не знам, ова треба да го одлучат другите. Ние имаме кажано дека нема да прифатиме еден лесен договор, објави телевизијата Антена, јави дописникот на МИА од Атина.