Ќучук: Претседателот може да биде гарант за конструктивноста на Северна Македонија

Во куса изјава за МИА известувачот за Северна Македонија во Европскиот Парламент, Илхан Ќучук вели дека имал добра средба со претседателот Стево Пендаровски и смета дека тој е тој што може да се постави како гарант за конструктивноста во решавањето на спорот со Бугарија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Ќучук за МИА оцени дека е речиси извесно оти ќе има нови парламентарни избори во Бугарија, што најверојатно ќе значи и повторно одлагање на официјалниот почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и покрај повиците на највисоките челници на ЕУ да се даде зелено светло за старт на преговарачкиот процес до крајот на јуни годинава.

– Не останува време за до крајот на португалското претседателство и треба да бидеме подготвени за тоа сценарио, во овој момент не ми личи реалистично Бугарија да прифати и треба да се работи на тоа да се реши билатералниот проблем, со намалување на националистичката реторика од двете страни, изјави Ќучук за МИА.

Тој повика македонските власти да се фокусираат на реформската агенда, која ќе бара напор во наредниот период, како и да вложат во добрососедските односи.

Известувачот за Северна Македонија во Европскиот Парламент вели дека е свесен оти повторното одлагање на почетокот на преговорите за земјата ќе има обесхрабрувачки последици врз јавноста и дека „иднината е легитимен аргумент“, но оти и „за минатото треба да има разбирање во двете држави“.

Ќучук се надева дека двете страни ќе успеат да ги затоплат односите во наредниот период и повтори дека иднината на земјата е во Европската Унија.

Претседателот Пендаровски денеска остварува низа средби со челници во ЕУ, а утрешниот ден ќе го посвети на НАТО, при што ќе се сретне со генералниот секретар, Јенс Столтенберг.