Средби на Пендаровски со Борел и Сасоли: Северна Македонија покажа политичка зрелост во остварувањето на европската перспектива

 Европската перспектива на земјата, реформската агенда и справувањето со КОВИД-19 главни теми на денешните средби на претседателот Стево Пендаровски со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел и со претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли во Брисел.

На средбата со Борел, Пендаровски, како што информираат од неговиот кабинет, истакнал дека во изминатиов период Северна Македонија покажа политичка зрелост и максимален фокус во остварувањето на нејзината европска перспектива. Нагласувајќи дека интеграцијата на Северна Македонија е во интерес на стабилноста, безбедноста и просперитетот на целиот регион, претседателот Пендаровски истакна дека е неопходно Европската Унија дополнително да ја динамизира својата улога, што ќе се одрази позитивно врз севкупните политички процеси, реформската агенда, како и генерално, врз оптимизмот во општествата на земјите од Западен Балкан.

Борел и Пендаровски, се вели во соопштението, разговараа и за состојбите во Унијата и кај нас, поврзани со справувањето со Ковид-19 како и на процесот на имунизација. Во тој контекст, претседателот Пендаровски ја поздрави солидарноста на Европската Унија и заблагодарувајќи се за целокупната поддршка и помош во справувањето со пандемијата, изразил очекување дека до крајот на август, ќе пристигнат и вакцините коишто Северна Македонија треба да ги добие преку механизмите во рамки на Унијата.

На средбата со претседателот на Европскиот Парламент, Сасоли, како што информираат од кабинетот на Пендаровски, биле разменети мислења и информации за напредокот на Северна Македонија во клучните реформски области во контекст на евроинтеграцискиот процес, како и за актуелните предизвици наметнати од пандемијата на Ковид-19.

Двајцата соговорници ја нагласиле исклучително важната континуирана комуникација на нашите институции со Европскиот Парламент со што се воспоставуваат цврсти основи за значителен напредок во спроведувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација, како и процесот на интеграција и пристапување во Европската Унија.

Изразувајќи задоволство од силната и принципиелна поддршка на ЕП во таа насока, претседателот Пендаровски истакна дека усвојувањето на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција во најскоро време, е наш клучен приоритет.