МД „Илинден“ ги повика Македонците во округот Корча да го поддржат Стерјовски за пратеник

Македонско друштво „Илинден“ – Тирана ги повикува сите Македонци во Мала Преспа, Корча, Поградец, Девол и целиот регион на Корча, да излезат масовно на парламентарните избори в недела и да гласаат за Васил Стерјовски – број 12 и Социјалистичката партија на Албанија – број 12.

Друштвото подготви и видеозапис со инсерти од прекрасните предели на Мала Преспа и од Корча, каде што живее многубројна македонска заедница, а пораката ја упатува Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.

– Ги повикувам сите Македонци да гласаат за Васил Стерјовски, кој е на 12-то место на изборната листа на Социјалистичката партија, бидејќи со  Стерјовски македонската заедница ќе има свој достоен претставник во албанскиот Парламент. Излезете масовно на избори и поддржете го Васил Стерјовски, апелира Ѓурѓај.

За МИА, тој додава дека за доброто на сите Македонци во Албанија и понатаму треба да обезбедат присуство во албанскиот законодавен дом, а тоа, како што вели, треба да биде Стерјовски.

– Повеќе од неопходно е да го продолжиме нашето присуство во албанскиот Парламент, со наш достоен и достоинствен претставник, како што е Стерјовски. Тој покажа и докажа дека малцинските права најдобро може да ги одбрани човек кој потекнува од средината на тоа малцинство и кој не се срами гордо да каже дека е Македонец, оценува Ѓурѓај.

Тој додава дека и со досегашното присуство, иако во скратен мандат, Стерјовски покажал дека македонското малцинство има достоен претставник на политичката сцена во Албанија, кој сесрдно се залага за правата и добробитта на македонското национално малцинство во оваа земја.

– Коалицијата МАЕИ и СП ќе овозможи интеграција на Македонците во владините институции, засилен и брз економски развој на областите каде што живеат Македонци, Голо Брдо, Мала Преспа, Гора, Врбник и цела Албанија, како и заштита на македонските јазик, култура и обичаи, констатира Ѓурѓај, претседател на МД „Илинден“ и познат публицист.