Ринкевичс по средбата со Димитров: Се надевам дека Северна Македонија ќе биде 28-та членка на ЕУ

Северна Македонија постигна неверојатен напредок во процесот на прибличување кон Европската Унија и искрено се надевам дека ќе стане 28-та земја членка на ЕУ, изјави летонскиот министер за наворешни работи, Едгарс Ринкевичс по денешната средба во Рига со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

– По нашите разговори и информациите што ги добив за напредокот, реформскиот процес и по дискусиите за состојбата на Западен Балкан, можам да го потврдам нашиот цврст и непоколеблив став дека иднината на Северна Македонија е во Европската Унија. Веруваме дека е време и формално да започне процесот, со првата меѓувладина конференција со ЕУ, истакна Ринкевичс.

Тој посочи дека Летонија е подготвена континуирано да ја поддржува земјава како политички, така и практично со разни проекти за соработка.

– Мислам дека е одлично тоа што е направен неверојатен напредок со Преспанскиот договор и сме сведоци на овие процеси. Северна Македонија сега е полноправна членка на НАТО, таа е одличен партнер во поглед на сите прашања и е усогласена со заедничката надворешна политика на ЕУ, додаде Ринкевичс.

Димитров од своја страна нагласи дека добил уверување оти Летонја продолжува да ја поддржува нашата европска иднина и одржувањето на првата меѓувладина конференција што е можно побрзо, дури и во јуни.

– Јас се обидов да ги посочам сите аргументи и на некој начин да илустрирам зошто токму македонскиот случај ја исправува ЕУ пред тест, не само за изминатите пропуштени години, туку и заради нашето реформско портфолио, додаде Димитров.

На средбата, како што информираше Ринкевичс, станало збор и за регионалната безбедност и случувањата во регионот на Западниот Балкан, како и за прашања околу актуелната меѓународна ситуација.

Како што соопшти Секторот за европски прашања на средбата била повторена поддршката на Летонија за пристапување земајва во ЕУ и подготвеноста за споделување на сопственото искуство од процесот.

– Вицепремиерот Димитров нагласи дека политиката на проширување претставува најважната алатка на надворешната политика на ЕУ за промовирање на мир, стабилност и просперитет на европскиот континент, се додава во соопштението.

Според СЕП, соговорниците се согласиле дека е потребно заокружување на процесот за комплетирање на Европа преку интеграција на Западниот Балкан во ЕУ, за што Северна Македонија ги исполни сите барања за старт на пристапните преговори со Унијата.

– Во тој контекст, Димитров посочи дека Северна Македонија продолжува одлучно да ги спроведува реформските активности за реализирање на европската агенда, поради што е неопходно новата методологија за пристапни преговори, што воведува построги правила и зајакната условеност во клучните области, да биде операционализирана во евроинтегративниот процес на земјата, преку одржување на првата меѓувладина конференција со Унијата. Министерот Ринкевичс ја потврди латвиската цврста и непоколеблива поддршка на европската перспектива на Северна Македонија, потенцирајќи ја важноста на отпочнување на преговорите со Унијата, што поскоро. Тој изрази надеж дека токму нашата земја ќе биде 28-та земја членка на Унијата, се додава во соопштението на СЕП.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *