Размената на мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, особено за соработката во одбраната која опфаќа посети на високо ниво, експертски средби во областите на одбранбеното право, логистиката и разузнавањето, обуки, курсеви, учество на вежбовни активности, како и стручни оспособувања во воено-образовните центри во Романија, се дел од темите на кои е разговарано на денешната средба на претседателот Стево Пендаровски со началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Романија, генерал-потполковник Даниел Петреску, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
Од кабинетот на претседателот информираат дека соговорниците изразиле задоволство од досегашната соработка помеѓу двете армии и констатираа дека со членството на Северна Македонија во НАТО се отворени и нови можности за проширување на партнерството .
– Претседателот Пендаровски ја истакна важноста од продолжување и развој на билатералната соработка во областа на одбраната, како и одржување на постојан и динамичен политичко-воен дијалог меѓу двете држави, се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот.
Оттаму посочуваат дека на средбата се разменети информации и мислења за придонесите на армиите во двете земји во справувањето со пандемијата предизвикана од корона вирусот.