ДЕЛ ОД  ИНФОРМАТИВНИТЕ ГЛАСИЛА ВО АВСТРАЛИЈА ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ ПЕЧАТ“ НА СЛАВЕ КАТИН

 

Според публикацијата „Македонскиот иселенички печат“ на Славе Катин, весникот „Глас на Македонците“ (Voice of Macedonians) (1977)-Сиднеј беше орган на Австралискиот поткомитет на „Движењето за ослободување и обединување на Македонија“ (ДООМ).

И покрај тоа што не е наведен датумот на излегувањето на првиот број, од содржината може да се претпостави дека всушност е отпечатен во Сиднеј, Нов Јужен Велс, во октомври 1977 година. Весникот е отпечатен на македонски јазик, на 16 страници, на формат 21 х 29 см, но не е дадено кој го уредува гласилото. На клишето од главата од левата страна е даден амблемот на ДООМ, во средина е ликот на Гоце Далчев, а на десната страна е поместена етничката географска карта на Македонија. Под тоа стои слоганот „Нема слобода без револуционерна борбаи.

Првиот број на „Глас на Македонците“(1977-1991) Сиднеј, е посветен на 11 Октомври, а значаен простор е посветен на текстот за загадочната смрт на генералот Васко Карангелески, што е преземен од „Македонска нација“, потоа се ставени изворни текстови за состојбите, прашањата, иднината и проблемите со свештените лица во македонските православни црковиите општини во Австралија.
Настојувањата на весникот се да излегува на две недели и да се испраќа бесплатно во сите земји каде што живеат Македонци. Главен и одговорен уредник е Ангело Вретоски, а се јавуваат поголем број уредници, но под псевдоними, или со имиња кои тие ги избрале, веројатно од оправдани причини.

Инаку, во наредните години ова информативно гласило се печати во вид на списание од 20 до 32 страници на формат 21 х 29 см. Се печати на македонски јазик со кирилица, а има позајмени текстови и на англиски јазик.
Од ова македонско гласило, во јануари 1978 година е издаден уште еден број, кој како и првиот број е исполнет со антијугословенски и во одредена смисла на антимакедунски написи за тогашна Република Македонија.

Во наредните броеви списанието го менува клишето на главата и се пласира по цена од  50 центи. Во 1980 година се отпечатени шест броеви, што е случај и во наредните години. За периодот ноември-декември 1980 година, на 32 страници е отпечатен бројот 21, чија цена е 50 центи. Него го уредил Редакциски комитет, чиј технички уредник е Ангело Вретоски, а е печатен во Печатницата „Браќа Миладиновци“ од Сиднеј.

Овој број е посветен на Нова година и во него се поместени материјали за свети Климент Охридски, потоа е даден Новогодишниот апел до македонскиот народ, некои историски материјали за Австралија и тогашна Југославија, писма од бројни читатели ширум       светот, литературни остварувања на читатели кои припаѓаат на ДООМ и други текстови.

Во јануари 1986 година се појави бројот 43, чија цена е еден долар и е печатен на 28 страници. Покрај другото, поместени се текстови кои имаат силен национален набој и кои се однесуваат на македонската кауза, потоа бројни писма од читателите, како и позајмени текстови кои се однесуваат на минатото на македонскиот народ и неговата историја, текстови на англиски јазик и други информации.

Бројот 56 е отпечатен во февруари 1987 година. Тој е на ист формат како и претходните броеви, но на 24 страници. Во него се застапени текстови во врска со црковното живеење во Сиднеј и осветувањето на Македонската православна црква „Свети Никола“ во Камбрамата, потоа материјал за Македонија, за културното живеење на Македонците во дијаспората, како и за црковното живеење во Македонија и поставувањето на новиот поглавар на Македонската православна црква, неговото блаженство г.г. Гаврил.

Во јуни 1991 година, пак, се појави бројот 66, чија цена е 2 долари, а кој е печатен на македонски и на англиски јазик. Овој број, покрај другото содржи текстови за Методја Андонов Ченто и други материјали кои се однесуваат на почетните моменти на самостојна и независна Република Македонија.

Според публикацијата „Македонскиот иселенички печат“ гласилото „Македонски етник“(1979) Сиднеј, беше официјален весник на Македонската етничка комуна за Нов Јужен Велс, печатен во печатницата „Браќа Миладиновци “ во Сиднеј. Првиот број излезе во декември, 1979 година на 12 страници, на поголем формат 23 х 37 см. на     македонски јазик со кирилица, а половина текстови се на англиски јазик.Отпечатен е на убава хартија.

Бројот 1 е посветен на Даме Груев (1871—1906) и на првата страница е поместена голема фотографија од Груев. На втората страница е рефератот што е прочитан на спомен-вечерата, организирана од страна на членовите и симпатизерите на Македонската етничка комуна во Нов Јужен Велс. Рефератот, како и извештајот за Етничката комуна се напишани на убав литературен македонски јазик.

На четвртата страница од „Македонски етник“ се вели: „Темелите на Македонската етничка комуна ги постави група Македонци од МПЦО „Св. Кирил и Методиј“. Таа е народна организација која му служи на целиот македонски народ, затоа идејата наиде на голема поткрепа и согласност за формирање на ваква организација. Потоа на една од конференциите се формира иницијативен одбор кој направи програма на Комисијата. На 13 јули 1979 огодина се регистрира Македонската етничка комуна пред австралиските власти со своја конституција со која австралиската влада ни дава право да работиме и живееме како рамноправни граѓани на оваа слободна земја, а со тоа сме признати за посебна Македонска етничка група, која ќе има право да го продолжи културното наследство од Македонија.“

Една од најзначајните дејности на Македонската етничка комуна, се вели во продолжение на весникот „Македонски етник“ е да ја развие својата дејност низ цела Австралија со заедничка работа на сите други организации, да има овој пратеник во Австралискиот парламент, кој ќе ги брани интересите на Македонците во Австралија од секакви туѓи посегања и од секаква дискриминација.

Во продолжение на англиски јазик е поместен опширен текст за Даме Груев, потоа текст за античките Македонци, за праисторискиот период на Македонија и материјалот под наслов „Контраверзност за потеклото на античките Македонци и нивниот јазик“. На последната страница е поместен ликот на Александар Македонски и етничката карта на Македонија, е забележано во делото “Македонскиот иселенички печат” на Славе Катин.

Продолжува

Пишува: ДУШАН РИСТЕВСКИ

Прочитајте и:

МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВНИ ГЛАСИЛА ВО СИДНЕЈ (4) 

МАКЕДОНСКИОТ ИСЕЛЕНИЧКИ ПЕЧАТ ВО АВСТРАЛИЈА (1)

МАКЕДОНСКИОТ ИСЕЛЕНИЧКИ ПЕЧАТ ВО АВСТРАЛИЈА (2)

МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВНИ ГЛАСИЛА ВО СИДНЕЈ (3)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *