Предлогот за широка коалиција е до сите партии и се однесува за сега или после изборите, порача премиерот

Предлогот за широка коалиција е до сите партии и се однесува на периодот сега, периодот после локалните избори, после следните редовни парламентарни избори или кога било. Тоа е моја лична определба – да следиме европски пракси, да и помогнеме на земјата да се движи со поголема ефикасност и засилена брзина, се со цел подобро да им служиме на граѓаните, изјави премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција, на која беше претставена владината Агенда Европа дома.

Пораката, нагласи Заев, ја соопштил како личен став и има за цел да се отвори дебата.

Прашан дали повикот за широка Влада бил само за ВМРО-ДПМНЕ или и за албанската опозиција, Заев рече дека, пораката е до сите и дека зборува за вклучување на сите, по примерот на германскиот, каде влегуваат и левица и десница, швајцарскиот модел или Австрија од пред неколку години.

– Успешно се движат државите и навистина се пример на европскиот континенет како тоа се прави. Ги кажав и причините. Прво да си го сплотиме целиот наш народ во државата и второ да ги забрзаме процесите кои се едни од најболните – департизација на администрацијата, отстранување на клиентелизмот во јавната администрација, правосудството или локалните самоуправи, изјави Заев.

Тоа, според Заев носи сериозни придобивки и зголемена динамика, што нашите граѓани го  заслужуваат, но дека тоа не е можно со Христијан Мицкоски.

– Но, треба соговорник од другата страна. Зборувам за ВМРО-ДПМНЕ, но секако и за целата опозиција. Јас ова прашање го соопштив како мој став и го немам разговарано, дури ни со коалиционите патнери, но знаете дека сум човек што отвора дебата. Слободно нека се отвори дебата, намерата е исклучително татковинска и државничка. Во услови кога ја проверив довербата и таа постои, во услови кога очекувам зголемување на мнозинството и тоа е реално, сепак испратив порака, дајте да одработиме максимум за нашиот народ за татковината, изјави Заев.

Дебатата за широка коалиција отворена и целта според премиерот Заев е искрена.

– Апсолутно, да се сподели честа што граѓаните ја дале е сериозна доблест. Само заради граѓаните, заради подобариот економски стандард на нашиот народ и заради подобра иднина на сите што живееме во Република Северна Македонија, изјави Заев.

Ова е лично негова определба, но како што рече, очекува поддршка и од органите на партијата.

– Тоа е моја лична определба. СДСМ нема донесено ваква одлука, но имам сериозна надеж дека органите на партијата ќе го потврдат. Тоа е една определба да следиме европски пракси и да и помогнеме на нашата земја да се движи со поголема ефикасност и засилена брзина се со цел подобро да им служиме на граѓаните. Отворив период сега, период после локалните избори, после следните редовни парламентарни избори или било кога за да може да се знае јасно мојата лична определба околу ова прашање, рече Заев.