Припадниците на Првиот механизиран пешадиски баталјон, денеска во кумановската касарна „Боро Манков“, со воена свеченост го прославија 26-ти февруари, Денот на единицата.
Пред присутните гости се обрати командантот на гарнизонот, потполковник Ердоан Хасан кој се осврна на историјата и формирањето на Третата Македонска Ударна Бригада во селото Жегљане и битките кои ги воделе припадниците на бригадата.
Во говорот пред присутните командантот на гарнизнот се осврна и на активностите кои ги реализирале припадниците на Првиот механизиран пешадиски баталјон во изминатата година, меѓу кои и успешно завршеното реоценување, асистенција во обезбедувањето на државната граница, успешното учество во мисијата „Одлучна поддршка“, како и соработката со цивилното население.
– Како командант ве уверувам дека нашиот баталјон ги следеше, ги следи и ќе продолжи да ги следи традициите на Третата македонска ударна бригада, секогаш ќе ги почитува и ќе биде во заштита на вредностите на нашите предци и на првите борбени линии на одбрана на нашата татковина Република Македонија, рече во обраќањето командантот Хасан.
Пред присутните се обрати и бригадниот генерал на Првата мехнизирана пешадиска бригада, Мирче Ѓоргоски, кој истакна дека баталјонот е еден од најсилните столбови на првата механизирана пешадиска бригада.
– Токму денес, на вашиот празник сакам да ве потсетам дека и во иднина кон достигнувањето на нови успеси треба да ве водат неизмерниот патриотизам, храброста и високиот морал. Верувам дека и понатаму успешно ќе се бориме со предизвиците и ќе ги решаваме проблемите кои ќе придонесат за поголеми успеси на единицата, рече Ѓоргоски.
Во рамки на прославата беа доделени стимулативни мерки, награди и пофалници за припадниците на единицата, а имаше презентација на дел од вооружувањето, опремата и возилата со кои располага единицата.