Википедија на македонски јазик – 62-ра по бројот на статии

Новите технологии му донесоа такви можности на човештвото кои на крајот на минатиот век, или пред само 20 години, не можеа да се замислат. Придобивка на новата дигитална ера е лесниот пристап до сè што нè интересира, а во широкиот опсег на достапното е и најголемата слободна електронска енциклопедија – Википедија. Наместо трагања по архиви и библиотеки и пребарувања во томовите тешки енциклопедии, на просечниот човек денес му е потребен само 150-грамски мобилен телефон и во секое време и на секое место на дофат му е сè.

„Замислете свет во кој секој човек на планетава ќе има слободен пристап до целото човеково знаење. Тоа е она на што работиме ние“, изјавил Џими Велс, еден од основачите на Википедија. На брзиот пристап до оваа енциклопдија и брзото множење на содржините во безграничниот простор на интернетот упатува и нејзиното име: wikiwiki  на хавајски значи: брзо, иако е распространето и мислењето дека Вики е акроним од: What I Know Is.

Википедија е проект почнат во јануари 2001 година, само на англиски јазик, од основачот на Фондацијата Викимедија – непрофитна корпорација која раководи со Википедија и со неколку други Вики проекти. По две и пол години, септември 2003, почна и Википедија на македонски јазик со ангажирањето на група млади ентузијасти. Тие побарале од Фондацијата Викимедија да се отвори Википедија на македонски јазик и оттогаш википедијанската заедница волонтерски работи на македонската Википедија. Од февруари 2016 година организирани се во здружението ГЛАМ Македонија (Галерии, Библиотеки, Архиви, Музеи) – признат огранок од Викимедија. Некои држави немаат здруженија, но волонтерите се активни и ги збогатуваат нивните јазични википедии.

– Но со активно здружение, сепак, оди побрзо збогатувањето на Википедија и контактирањето со институции кои помагаат во обезбедувањето материјали, вели претседателката на ГЛАМ Снежана Штрковска. За неполни две години од формирањето, ГЛАМ има склучено договори за соработка со Државниот архив, Институтот за национална историја, Музејот на македонската борба…

Википедија на македонски јазик има околу 92.900 статии на разни теми, сите создадени од волонтерите. Се збогатува или преку превод на веќе објавени содржини на другите јазични википедии или со создавање статии и содржини што ги нема на другите јазични изданија, особено кога се работи за теми поврзани со Македонија.

– Секој волонтер кој е активен на Википедија на македонски јазик има свој начин на работа, некои се фокусирани на пополнување на празнините поврзани со места, настани и личности од Македонија, а некои, пак, преведуваат содржини веќе објавени на другите јазични википедии. И едниот и другиот начин се добредојдени, бидејќи по број на статии заостануваме далеку зад останатите јазични википедии од регионот, вели Штрковска.

По бројот на објавени статии, македонската Википедија е на 62 место од вкупно 298 јазици (од кои 288 активни) на кои е достапна слободната енциклопедија.

На прво место е Википедија на англиски со 5,5 милиони, а најмала е Википедија на канурски јазик со една статија. Најголемо издание од балканските јазици е српската Википедија со над 602.000 статии, по неа е Википедија на српскохрватски со повеќе од 400.000 статии. Зад македонската во регионов се само википедиите на босански јазик (околу 77 000) и на албански јазик (околу 72 500).

Најактивните македонски википедијанци

Приближно 10 отсто од вкупниот број статии на Википедија на македонски јазик, речиси 8300 (не сметајќи ги тие што биле создадени, а подоцна избришани, а сметајќи ги и помошните страници создадени на Википедија) се поставени од Николче Стојаноски, професор по англиски јазик од Тетово, кој е администратор на Википедија и член на извршниот одбор на ГЛАМ.

Волонтерски е активен од 2007 и, покрај објавените статии, има и над 91 100 уредувања на статиите и нејзините елементи (поправки, нови статии, лекторирања…). Најголем број од статиите што ги напишал се преводи, главно од англиски, а делумно од српски или од хрватски. Голем број статии напишал и како резултат на истражувања на одредена тема.

Не може, вели, да се утврди точниот број на активни корисници на Википедија од Македонија бидејќи ги има и од странство (кои на Википедија на македонски уредуваат технички делови), но според проценките секојдневно активни нема повеќе од дваесет.

– Не сите од активните корисници се дел од ГЛАМ Македонија, но сите комуницираме и разговараме кога е во прашање развојот на Википедија, имајќи го предвид фактот дека немаме доволно волонтери кои би пишувале на Википедија во споредба со останатите балкански и светски јазици. Бројот на статии на википедииите на балканските јазици, освен босански и албански, е доста поголем од тој на македонската, рече Стојаноски.

Колку е Википедија сигурен извор на податоци?

Како слободна енциклопедија и волонтерска работа, што подразбира дека секој може да стави содржина (се отвора корисничка сметка, односно се избира корисничко име и се следат упатствата поставени на Главната страница на Википедија), се наметнуваат прашањата колку е Википедија извор на точни податоци и дали постои контролен механизам кој  штити од можни злоупотреби.

Штрковска вели дека за која било јазична Википедија повремено се појавуваат сомнежи во врска со објавена содржина но сè повеќе, додава таа, Википедија се смета за сигурен извор на информации.

– Википедија воопшто е на петто место на најпосетени мрежни места во светот. Се случува понекогаш некои корисници да поставуваат статии за личности што не постојат, на пример, или да вметнуваат вулгарности или глупости во страниците, но најчесто тоа брзо се забележува и се отстранува. Контролниот механизам се самите википедијанци, или википедијанската заедница, кои се активни на Википедија, како и администраторите. Тие рачно ги отстрануваат деловите од текст или цели страници кои не се енциклопедиска содржина, кажува претседателката на ГЛАМ.

Стојаноски наведува дека сите уредувања или напишани текстови во принцип се извадени од соодветна стручна литература, која може да се провери.

– Кон тоа се стреми и самата Википедија – секој параграф или информација да биде валидирана и поткрепена со соодветни академски извори. Квалитетот на Википедија се оценува според зададени критериуми: неутрална/непристрасна гледна точка на содржината, академски поткрепена (соодветно референцирана и лесно проверлива), енциклопедиски стил на пишување и правилен македонски книжевен јазик, соодветно графичко-визуелно претставување на текстуалната содржина и проверка / проценка или разгледување на содржината од повеќе корисници, а не само од авторот, истакнува Стојаноски.

Во однос на вандализирање и вметнување лажни информацции од нови и анонимни корисници, воведена е „рецензија“ или „проверка на статиите“. Тој појаснува дека уредувањата на корисници кои не се автопотврдени нема веднаш да се објават на статијата која читателот ја чита, туку има еден вид драфт верзија со новите уредувања кои чекаат да бидат проверени од искусни корисници и администратори. Крајно решение за некоја статија која е често (секојдневно) подложена на вандализам е заклучување и неможност да се уредува, а најстрога „казна“ за корисниците кои вандализираат е трајно блокирање и неможност да уредуваат на Википедија.

Различни верзии за ист поим

Иако енциклопедијата по дефиниција е издание на факти, се случува поради различни гледишта, главно историски, да нема совпаѓања во податоците за еден ист поим на различните јазични википедии. Волонтерите од Македонија соработуваат со своите колеги од регионот за консултации и корекции на текстови објавени на соодветните јазици, а за теми поврзани со нивните држави и народи.  За теми поврзани со Македонија имало случаи на вметнувања од гледни точки на корисници на соседни земји но, вели Стојаноски, биле решавани на мирен и разумен начин. Додава дека освен за историски теми, на Википедија и нема конфликти или драстични тези.

– Се тежнее да се постигне баланс, преку консензуси се постигнува стабилната верзија на текстот. Во принцип, секоја Википедија, односно секое јазично издание, кога се во прашање статии од историјата, се водат според начелата на официјалната историографија. Ако има предложен друг став за содржината, се додава посебна секција за странските погледи кон темата. Така содржината се балансира. Пример за ова е статијата Цар Самоил. Напишана е според македонската и српската историографија, а бугарските погледи се напишани во поседна секција, објаснува еден од најактивните волонтери и администратори на македонската Википедија.

Обуки на идни википедијанци

За да се зголеми бројот на објавени содржини, ГЛАМ организира обуки во три Вики клуба (во Скопје, Охрид и Старо Нагоричане) каде што се обучуваат возрасни, но и ученици за уредување на слободната енциклопедија.

– Учат како се ставаат слободни содржини, како се почнува нова статија, како се надополнува некоја што веќе постои, како се употребуваат некои од алатките. Најчесто се почнува со превод на содржини од друга јазична Википедија, бидејќи тоа е најлесен начин да се сфати енциклопедискиот стил на пишување, истакнува претседателката на ГЛАМ, Штрковска.

Првиот Вики клуб во Македонија и прв на Балканот почна да работи во октомври 2016 во Музејот на македонската борба. Секоја среда од 15 до 18 часот таму има обука за постирање содржини и секој што сака, без оглед на возраста, може да се придружи и да потпише пристапница во ГЛАМ Македонија. Членувањето во здружението и во Вики клубот е бесплатно.

Досега во Вики клубовите се обучени 140 ученици, создадени се 563 нови статии на разни теми и надополнети или подобрени се повеќе од илјада статии кои постоеле на Википедија на македонски јазик. Во декември во Берово беше организиран и првиот Вики камп за ученици-википедијанци, на кој учествуваа 55 деца од 10 училишта од цела Македонија.

ГЛАМ организира и Вики конференција за наставници (еднодневна обука за да научат Википедија да ја употребуваат како наставно средство) и досега ја поминале повеќе од 150 наставници. Се организираат и уредувачки натпревари и уредувачки денови на Википедија за да се создадат нови содржини и да се подобрат постојните.