Попот кој ги спасил Албанците и градот Дебар во 1918 година

Поширокиот дебарски регион е надалеку познат по вековниот соживот и верска толеранција што како светост ги негуваат неговите жители и до ден денес.

Освен што заедно делат се што носи животот, има многу примери, низ вековите, како едни со други во тешки моменти си помагале. За еден од нив, кога попот Кирил ги спасил Албанците и градот Дебар во далечната 1918 година пишува и Епископ Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, базиран на сведоштво на дебранец и исторски факти.

-Месец август 1995 година, ден осми, споменот на Светата Преподобномаченица Параскева Римјанка. Сонцето, моќно издигнато измеѓу Бистра и Крчин, самовласно господари над целата Река, откривајќи ја во целост првосоздадената красота на Радичката клисура. Во тоа време сè уште ја спознавав богомдаруваната убавина на Река и од нејзината природа, како од петто Евангелие напишано непосредно со Божјите прсти, ја читав надразумната величественост на врховниот Творец и Уметник. Беа изминале неколку дена од моето замонашување, па носејќи ја во себе тивката благодат од монашкиот потстриг, животот ми беше секојдневно откровение. Преку молитвата и богослужението стапував во духовно општење со старите бигорски отци, со моите претшественици монаси, ја откривав чудесната историја на Манастирот и на овој крај, дознавав за великаните на духот по потекло од Мијачијата, за славните собитија сокриени под велот на историјата… Манастирот, иако свенат под притисокот на времето и на негрижата во периодот на претходниот општествен режим, без основни услови за живот во него, го чуваше духот на минатото – претставуваше едно таинство свето. Иако историјата на Мијачијата и на Бигорски не ми беше туѓа, бидејќи моите предци имаат мијачко потекло и сум слушал и читал прилично многу нешта за нивната повест, сепак, кога дојдов во Манастирот сè ми беше ново, сè ми се откриваше како тајна, пишува епископ Партениј.

Се потсетува дека со својот собрат, сегашниот Митрополит Брегалнички г. Иларион, и со неговата мајка Живка, којашто тогаш престојувала во манастирот за да им помага, требало да заминат за Охрид, бидејќи за следниот ден, на споменот на Светиот отец  Климент Охридски, било предвидено неговото ракополагање во јеромонашки чин, во храмот на Пресвета Богородица Перивлепта.

-Со оглед на тоа што во тоа време немавме никакво возило, замоливме едни случајни посетители во Манастирот да нè одведат до градот Дебар. Таму, додека го чекавме на автобуската станица автобусот „Пролетер“, што возеше на линијата Скопје-Дебар-Струга-Охрид, ни пристапи еден повозрасен човек. Беше стројно облечен, со бела кошула, темен елек без ракави, кафеави штофани панталони, исчистени чевли, уредно лице, паларија на главата. Се гледаше дека е човек со градска култура и држење, стар дебарчанец, облечен како што се облекуваа сите староградски дебрани, без разлика на нивната народност и вера. Ни се обрати мошне учтиво и со почит, симнувајќи ја капата и правејќи благ поклон кон нас:

„Добар ден, млади господа. Мојата длабока почит кон вас. Разбрав дека во Манастирот дошле некои млади луѓе, па гледајќи ве како сте облечени, претпоставувам дека сте тоа вие. Многу се радувам што Манастирот повторно ќе заживее, тој е дел од нашиов крај, сите го сакаме и го почитуваме. Како на свештеници сакам да ви кажам дека ние, Албанците од Дебар, имаме голема почит кон вас поповите, оти, да знаете, овој град го има спасено еден поп. Нашите стари ни раскажуваа дека еднаш градот требало да биде срамнет со земја и изгорен и да бидат убиени сите Албанци во него, ама тогаш попот од градот застанал и го спречил бомбардирањето. Затоа до денес ние имаме голема почит кон вас, свештениците“, раскажал дебранецот.

Појавата на овој човек и неговиот расказ, додава еписокопот, ми оставија длабок и пријатен впечаток.

-Ја почувствував културата на соживот и меѓусебно почитување, карактеристична за овој крај. Набрзо се уверив дека во Дебар и во Дебарско навистина се негува духот на солидарноста и на сопостоењето. Имало моменти кога сме наишле на поголема почит кон монашкото расо во Дебар, од месните жители Албанци муслимани, отколку од некои „православни“ во Скопје. Подоцна, истражував повеќе за преданието што ни го раскажа стариот дебарчанец и открив дека станува збор, всушност, за настанот кој се случил во месец октомври, далечната 1918 година, кога при повлекувањето на бугарската војска од Охрид, нејзиниот 19-ти полк бил нападнат од вооружена група Албанци – платеници, во близина на градот Дебар. Тогаш заповедникот на полкот наредил околу градот да се нареди целата артилерија и долниот дел од градот, каде што живеело албанското население, да се срамни со земја. Меѓутоа, кога потполковникот го слушнал биењето на камбаните, прашал зошто тие бијат. Му одговориле дека така благословил архијерејскиот заменик во овој крај, Архимандритот Кирил, па заповедал да го повикаат при него. Кога отец Кирил се сретнал со заповедникот, го одвратил од намерата да го уништи долниот град, бидејќи обичното население не било виновно за нападот што им се случил. Така овој Христов свештенослужител, во духот на Христовата универзална љубов, го спасил албанското иноверно население од целосна погибел, наведува понатаму епископ Партениј.

За овој настан пишува лично и Архимандрит Кирил во своите Кратки спомени из миналия ми живот (1861­1931), печатени во Софија во 1931 година – книга, која, како што посочува, ја откривме пред неколку години:

„Следниот ден, рано изутрина, се случи преку Дебар да помине 19-от полк, којшто се повлекуваше од Охрид и заминуваше за Стара Бугарија. Војниците од 19-от полк беа се сретнале со војниците од партизанскиот одред, коишто беа Албанци-Турци (т.е. Албанци мухамеданци – во тоа време Турци било синоним за муслимани, без разлика на нивната народност) и коишто не знаеја бугарски јазик. Војниците од 19-от полк побарале да им го дадат оружјето, а тие од партизанскиот одред, коишто, исто така, беа бугарски војници за плата, не сакале да го предадат своето оружје, така што тогаш, како не можеле да се разберат помеѓу себе, започнале борба којашто даде доста жртви и од двете страни… Потполковникот од 19-от полк, кога го слушнал биењето на камбаните во горниот дел на град Дебар…, веднаш испратил во горното христијанско маало двајца војници, за да ме повикаат да отидам во долниот дел на градот, при бугарските војници, каде што веднаш отидов. Кога отидов при војниците, го начекав целото турско (т.е. муслиманско) население излезено со барабан од своите куќи и стоеше надвор од градот на полето, а артилеријата беше се искачила по дебарските височини и чекаше готова заповед, за да започне да бомбардира и да го гори градот Дебар. Јас штом слегов во долниот дел на градот при бугарските војници, потполковникот ме прими учтиво и ме праша какви се тие пушки, што се слушаат во градот од месното население. Му одговорив на потполковникот дека во градот Дебар нема никаков бунт против никого и што е виновно тоа мирно месно албанско население, за да биде така жестоко казнето без никаква вина? … ‘Јас ве уверувам, г-н потполковник, имајте доверба во моите зборови, дека во градот Дебар нема никаков бунт и никаква опасност за никого’. Потполковникот ги ислуша со внимание моите зборови и ја промени наредбата за да се изгори Дебар, давајќи заповед излезеното градско турско (т.е. муслиманско) население надвор од градот да се прибере во своите куќи“, запишал Архимандрит Кирил.

Оттогаш, во колективната меморија на дебрани се врежала историјата за „попот кој ги спасил Албанците и другите муслимани во градот Дебар“.

-Ја раскажав оваа историја затоа што веќе сум сроден со овој крај, во кој непрекинато живеам речиси три десетлетија, чувствувајќи го како свој и сум сведок на културата на соживотот во Дебар и во Дебарско, којашто опстанала до денес и се молам таа културолошка придобивка да трае засекогаш. Преданието за свештеникот и за спасението на Дебар се раскажува до денес, иако од настанот поминал повеќе од еден век. Дебарчаните староседелци покажаа дека умеат да го паметат доброто и да бидат благодарни и благородни. Тоа ги прави овие луѓе со аристократски дух и космополитска широчина, заклчува г. Партениј.

Кој бил Архимандритот Кирил Рилски, голем духовен деец од мијачкиот крај на Македонија.

Архимандрит Кирил Рилски е роден во 1861 година, со световно име Кипријан Стефановски, во западномакедонското реканско мијачко село Битуше, и затоа во своите списи самиот се потпишува како Мијак. Своите први монашки чекори ги прави во родниот Бигорски манастир на Чесниот Претеча и Крстител. Станува послушник во Рилскиот манастир на 14 септември 1878 година, а е замонашен на 29 ноември 1880 година, добивајќи го името Кирил. Во јероѓаконски чин е ракоположен на 28 мај 1884 година во Рилскиот манастир, а на 7 јануари 1890 година – во јеромонашки чин. Во 1895 година ја завршува Киевската духовна академија. По враќањето од Киев, во1895 година предава на Самоковската духовна семинарија. Во следната 1896 година заминува за Османската империја, за да го помогне утврдувањето на црковното и просветно дело. Најпрво станува претседател на црковната општина во Ксанти. Во 1898-1899 година предава на Цариградската духовна семинарија. Од 1900 до 1908 година е претседател на црковната општина во Гевгелија. Во 1909 г. е назначен за управител на Одринската епархија. Во мај 1911 година е преместен за управител на Драмската епархија. Во август 1913 г. по Меѓусојузничката војна заминува од Драма и во 1914 г. е протосингел во Видин при Митрополитот Кирил Видински.

По ослободувањето на Дебарско во 1915 година и смртта на Митрополит Козма Дебарски во јануари 1916 година, населението од Дебарско се обраќа со молба кон Светиот Синод на Бугарската Егзархија, за Архимандритот Кирил да биде назначен за управител на Дебарската епархија, бидејќи е родом од тој крај. Синодот му препорачува на Митрополитот Борис Охридски, кој во тоа време ја управувал и Дебарската епархија, да го назначи Кирил за свој протосингел во Дебар. Архимандрит Кирил Рилски пристигнува во Дебар на 26 април 1916 година. Управува со епархијата до 18 декември 1918 година, кога по крајот на војната и повлекувањето на бугарските војски е присилен од српската војска да ја предаде управата на српските црковни власти.

Во 1922 година се јавува како кандидат за Софиски митрополит, но при изборот останува втор со 26 гласа. Во 1924 година повторно се населува во Рилскиот Манастир како исповедник. Игумен е на манастирот од 1 јануари 1929 до 1 септември 1933 година. За време на неговото игуменство, во Манастирот е завршен водопроводот и канализацијата и тој е електрифициран. Изградил нова зграда за метох во Рила. Отворил фонд „Рилски манастир“.

Во 1931 година, заедно со епископот Иларион Нишавски, јеромонахот Јероним Стамов, свештеникот Христо Буцев и протојерејот Трифон Стојанов е дел од Делегацијата на македонското духовенство, којашто посетила серија престолнини во Европа и испратила петиција до Заедницата на народите во Женева.

Се упокоил на 22 октомври 1946 година. Погребан е во манастирските гробишта на „Свети Јован Рилски“. Потомци од неговата фамилија до денес живеат во Гостивар.