Потпишана Декларација за соработка меѓу Северна Македонија и Северна Рајна-Вестфалија-интензивирање на економската и научната соработка

Министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерот за сојузни, европски и меѓународни прашања на германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија, Штефан Холтхоф-Фертнер, денеска преку видео-врска ја потпишаа Заедничката декларација за намери за соработка меѓу владите на Република Северна Македонија и Северна Рајна-Вестфалија, чија цел е интензивирање на економската и научната соработка, како и соработката во делот на европската интеграција.

На церемонијата во МНР во Скопје присуствуваше и германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн.

Шефот на дипломатијата Османи рече дека главен приоритет на заедничката декларација е иницирање и поттик на соработката во делот на европската интеграција, што, посочи, ќе биде значаен поттик за нашата реформска агенда, и силен поттик на нашиот евроинтегративен пат.

-Со денешниот акт го заокружуваме партнерството со Германија, како главен партнер во евроинтеграциите. Значаен придонес во економската соработка меѓу нашите две влади ќе биде преку формирање кластери меѓу претријатијата, универзитетите и истражувачките институции, а можеме да очекуваме зголемена соработка со бизнисот, стопанските комори, поддршка на билатералната размена, поголеми можности за германските инвеститори од регионот на Вестфалија, што ќе биде сериозен потенцијал за нашата економија, рече Османи.

Истакна дека Северна Рајна Вестафалија, со нејзините 18 милиони жители е најмногубројна сојузна покраина што обезбеудва 22 отсто од бруто-домашниот производ и каде живее и работи значаен дел од наш дијаспора. Додаде и дека покраината е најважен економски центар и во ЕУ и на глобално ниво и е седиште на бројни индустриски капациети.

-Во блиска иднина штом ќе дозволат епидемиолошките услови ќе имам прилика да го посетам Дизелдорф и со мојот колега Холтхоф-Фертнер одблизу ќе ги разгледаме меѓусебните проекти, по што се надевам и дека тој ќе го посети Скопје, со што ќе дадеме вистински придонес во целите на заедничката декларација, заклучи Османи.

Холтхоф-Фертнер од своја страна, преку видео врска, посочи дека со овој документ е продолжена одамнешната соработка и оти постојат заеднички големи предизвици, а со оваа декларација се преминува кон имплементација на заедничките идеи.

Рече дека интеграцијата на Западен Балкан е од голема важност и од интерес на ЕУ, изразувајќи жалење што Северна Македонија не ги отпочна преговорите со ЕУ.

-Жалам што Македонија доживеа непријатно изненадување за интеграцијата во ЕУ, но потребно е сите да се ангажирате понатаму, но и претседателството на Португалија се заложува да помогне во тој поглед. Заедно имаме заедничка цел, а декларацијата ќе помогне да се движиме во правилна насока, рече Холтхоф-Фертнер.

Информира дека меѓу двете министерства за економија и за образование и наука се разгледува можност за поинтензивна соработка во иднина, како и можност за размена на академски кадри.

Додаде дека се развива програма за квалификација заедно со Северна Македонија, со што се предвидуваат практиканти во едно претпријатија во Германија, како и соработка во ИТ технологијата, со што, посочи, и двете страни ќе имаат корист.

Холтхоф-Фертнер најави и позасилена соработка во граѓанското општество.

Амбасадорката Холштајн истакна дека целта на декларацијата е интензивирање на економската соработка, како и зголемување на проектите каде што ќе има академска размена.

-Германија е најважниот економски партнер на Северна Македонија. Пред пандемијата имавме 1,4 милиони евра обем на размена и под тешки услови успеавме да го зголемиме овој обем. Над 200 германски претпријатија се активни во Северна Македонија, кои отворија и многу работни места, посочи Холштајн.

Северна Рајна-Вестфалија со население од речиси 18 милиони граѓани, е најголема германска покраина по број на жители и е седиште на бројни водечки, не само германски, туку и европски индустриски и бизнис капацитети. Со потпишувањето на Заедничката декларација се очекува дополнително зацврстување на позицијата на Сојузна Република Германија, како најважен надворешно-политички и економско-трговски патрнер на земјава, како и еден од трите најзначајни инвеститори на нашиот пазар.