Влада: Без релевантни податоци од пописот не ќе може да се креираат јавни политики и земјата ќе остане надвор од главните текови за поддршка

Без релевантни податоци кои се очекуваат од пописот не само што нема да може да се креираат политики за одржлив развој, туку ќе станеме и земја надвор од главните текови за поддршка, наведува Владата  денеска во соопштение.

Пописот, како што се посочува, е обврска на земјата како членка на Обединетите нации и е од исклучителна важност поради тоа што податоците што ќе се добијат ќе ги дадат потребните контури за креирање на ефикасни јавни политики за социо-економскиот развој на државата.

Без ажурирани и релевантни податоци, утврдени од официјалната установа како што е Државниот завод за статистика, ќе бидеме црна дупка во светот како единствена земја која нема никаква реална, со податоци поткрепена визија за својот развој. Никој не сака таква земја за партнер. Ниту еден инвеститор нема да покаже интерес да инвестира кога ќе види дека земјата ги нема основните статистички податоци за нејзините ресурси за официјалната работна сила, за пазарот, за потрошувачките навики, се вели во соопштението од Владата.

Како што посочуваат, со податоците од пописот, ќе се добијат патокази за остварување на 17-те цели за одржлив развој на кои земјава е обврзана како членка на Обединетите нации како што се економската и социјалната димензија и димензијата на животната средина.

– Во отсуство на најнови податоци за населението, Северна Македонија не само што нема да може да креира политики за остварување на целите за одржлив развој, туку ќе стане и земја надвор од главните текови за поддршка, велат од Владата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *